Tuesday , August 22 2017

Забарикадираниот снајперист во Далас е мртов

Најмалку пет полицајци се убиени, а шестмина се повредени во текот на протести против полициското насилство во Далас. Снајперистот кој по нападот се забарикадира во гаража, е убиен од страна на полицијата.

далас

Напаѓачот кој имаше престрелка со полицијата и беше забарикадиран во катна гаража во Далас, е убиен од страна на полицијата, потврди градоначалникот на Далас Мајк Ролингс. Шефот на полицијата Дејвид Браун претходно соопшти дека напаѓачот се фалел оти „насекаде“ во гаражата и во центарот на Далас се поставени бомби. Браун додаде дека полицијата постапувала „многу внимателно“ за да не ги загрози жителите од околината. Тој информираше дека се уапсени три осомничени лица, од кои една жена. Таа била фатена во гаражата во која се забарикадирал четвртиот осомничен напаѓач. Едно лице само се пријавило во полиција, откако била објавена негова фотографија, но подоцна е ослободено.

Повеќе стотици луѓе вчера демонстрираа во Далас против полициско насилство врз Афроамериканци. Во вторникот и средата двајца црнци беа убиени за време на полициски интервенции. При крајот на демонстрациите, снајперисти отворија оган и убија петмина полицајци. Шестмина други, како што соопшти полицијата, се повредени, од кои двајца тешко. Погоден е и еден цивил.

Полицискиот шеф Браун соопшти дека двајца снајперисти пукале од повисоко. „Истрелите доаѓаа од покривот“, рече еден од учесниците во протестите за телевизијата КТВТ. Полицијата ги повика демонстрантите да го напуштат реонот, по што изби паника.

„На протестите имаше црнци, белци, латино, секакви“, вели еден од учесниците во протестите. Одеднаш се слушнале истрели. „Мислевме дека пукаат во нас. Изби тотален хаос.“

Очевидец од еден хотел го има снимено еден од напаѓачите. Кога му се доближи еден полицаец, тој буквално го елиминираше, изјави Исмаел Џизус, чии снимки беа објавени на Си-Ен-Ен.

Погледнете ги снимките на очевидецот:

Гледај видео00:33

Петмина полицајци убиени во Далас

Градоначалникот на Далас, Мајк Ролингс, по нападот оцени дека е тоа „срцепарателен момент“ за градот.

Повод за протестите во Далас и други градови во САД беше смртта на двајца Афроамериканци во рок од само 48 часа, застрелани од полицајци во текот на две акции. Во американската сојузна држава Луизијана, во вторникот, од непосредна близина од полициски куршуми загина 37-годишниот продавач на цедеа Алтон Стерлинг. Во средата, во сојузната држава Минесота, во својот автомобил загина 32-годишниот Филандо Кастије, откако во него пукал полицаец при рутинска контрола. Од двата случаи беа објавени снимки на интернет, кои беа видени милиони пати и кои предизвикаа огорченост. Гувернерот на Минесота, Марк Дејтон, изјави дека постапките на полицаецот против Кастије биле „многу претерани“.

Американскиот претседател Барак Обама изјави дека инцидентите во Луизијана и Минесота се „симптоматични за поголеми предизвици во нашиот правосуден систем, расната нерамноправност“. Тој, меѓутоа, во истовреме на полицајците им изрази „почит“ и “признание“.

Chitingen li akava?

BAHTALO KURBAN BAJRAM: Eke sar kldingjape o namazi bashi Kurban Bajram ki Shutka

Diken video tari dzamija ki shutka javinate kldiba kurban bajrameskoro namazi ….

KO YOUTUBE DIKEN FITR BAJRAM NAMAZ KO AMDI PASHINA DZAMIJA

I Ekipa taro 24 vakti sasto masek kergja buti ki realizacija taro live stream taro …