Monday , February 27 2017

РОМАЛИТИКО: ИСТРАЖУВАЊЕ НА ЈАВНОТО МИСЛЕЊЕ КАЈ РОМИТЕ ЗА ПАРЛАМЕНТАРНИТЕ ИЗБОРИ 2016

Во ова истражување се прикажани резултатите од испитувањето на јавното мислење, кое го спроведе Ромалитико за предвремените парламентарни избори 2016. Истражувањето го испита јавното мислење, преку интернет анкета со прашања поврзани за парламентарните избори и довербата во ромските политички партии за овој циклус на избори. Испитувањето на јавното мислење е направено преку online анкета користејќи ги услугите на SurveyMonkey во периодот од 23 ноември до 04 декември 2016 на примерок од 325 испитаници.

Интернет (онлајн) анкетирањето претставува еден од најновите и најмодерните истражувачки алатки за јавното мнение. Анкетите го испитуваат мнението на различни теми во зависност на темата и интересот на истражувањата. Најчесто овие анкети го истражуваат мнението за здравство, економија и политика за да генерира различна дескриптивна и каузална статистика.

Ромалитико за прв пат спроведе онлајн анкета во 2014 година за да го испита јавното мислење на Ромите во Република Македонија за ромските политички партии и нивното досегашно дејствување. Традиционално, Ромалитико продолжува и овој циклус на избори да ги следи трендовите во изборите вклучувајќи го и јавното мислење на Ромите за политичките збиднувања како што се изборите. Примарна цел на оваа анкета е да го увиди мислењето на ромската средна класа, бидејќи токму оваа група е двигател на промените во општеството и помалу подложна на изборни манипулации. Првичната претпоставка, која се базира на веќе претходни истражувања (Ncube, 2011); (Dunlap, 2008), беше дека токму онаа популација што има пристап до интернет всушност ја претставува т.н ромска средна класа. Ромалитико со ова истражување внесе нова димензија во политичката состојба на ромскиот електорат кои се од заедничка важност за јавноста и ромските политички партии и други засегнати страни. Анализирањето на ова истражување исто така има за цел да произведи дебата за резултатите.

 

Методологија

Ромалитико методолошки предвиде таргет популација од 500 луѓе со над 18 години (поради граѓанското право на глас), корисници на социјалната мрежа Facebook. Во процесот на избирањето на популацијата, Ромалитико ја избра својата Facebook страна која има 999 членови и претставува ресурс на активни корисници Роми кои ја следат работата на Ромалитико и ситуацијата на Ромите во Македонија. Врз основа на популацијата, целта на Ромалитико беше да го спроведи ова истражување врз основа на случаен примерок од 325 испитанци коишто живеат во Македонија и ја поддржуваат работата на Ромалитико, при што беше запазена половата рамноправност. Со оглед на фактот дека овој вид на истражување е претставен за втор пат за ромскиот електорат, Ромалитико исто така наиде на ограничување во одзивот и доставата на анкетите.

Од вкупно 500 членови кои зборуваат и живеат во Македонија и поседуваат право на глас на изборите, примерокот на ова истражување беше 325 испитаник. Од примерокот, 128 испитаници одговорија на анкетата. Податоците се со веројатност на точност од 95% и со маргина на грешка од +/- 7%.  Релативната стапка на одговореност од 39% (response rate) се должи на тоа што ваков тип на анкети за втор пат се спроведени на примерок на ромска популација. Исто така, луѓето често имаат одбивност  да одговараат за политички прашања и некои луѓе мислат дека им се нарушува нивната анонимност. Со оглед на репрезентативниот примерок, одзивот е релативно среден и генерира заклучоци врз основа на мал број испитаници од вкупната популација. Сепак овој вид на истражување е неодамна воведен во употреба и може да предизвика ново мерило за различни теми во ромската заедница во Република Македонија.

Оваа анкета за прв пат вклучи специфицирани прашања за ромски политички партии и нивно евалуирање односно рангирање. Анкета содржи 3 дела, заедно со демографските прашања. Анкетата беше анонимна и анализата на овие податоци се одвиваше на транспарентен начин.

Горенаведената табела детално ги опишува демографските карактеристики на испитаниците. Во демографскиот дел беа вклучени прашања за пол, степен на образование и возраст на испитаникот. Овие информации беа од голема помош при генерирањето на суштинската статистика во утврдувањето на фактори кои влијаат или имаат значење во генерирањето на статистичките заклучоци. Од табелата може да се забележи дека 61.7% од испитаниците се од машкиот пол, наспроти 38.3% од женскиот пол. Според степенот на образование, 42.9% од испитаниците се високо образовани, 25.7% од испитаниците се студенти или не го довршиле своето високо образование, 28.9% од испитаниците имаат средно образование, додека 2.3% имаат недовршено средно образование или основно образование. Од возрасните групи, испитаниците се претежно на возраст од 18 – 30 години (околу 60%). Демографските карактеристики на испитаниците укажуваат дека голем дел од испитаниците се млади студенти или Роми со високо образовани како најчест профил во истражувањето. Ова го потврдува учеството на младите Роми во политичките процеси во Република Македонија.

Вториот дел вклучува општи прашања за интересот на испитаниците за политика, довербата во степенот на демократија и институциите во државата; како и нивните ставови  за вреднување на правото на глас и влијанието врз општите политички процеси. Целта на овие прашања е да генерираат одговори за општото познавање и евалуирање на политичкиот систем на Република Македонија. Овие прашања исто така го прикажуваат нивото на вклученост и ангажираност во политиката на испитаниците.

Третиот дел од оваа анкета вклучува специфични прашања за ромските политички партии и нивното досегашно дејствување. Во оваа анкета, испитаниците имаа можност да ја оценат работата на неколку ромски политички партии во скала од 1 до 5 (1 – најмалку; 5 – најмногу), како и да да ги оценат ромските лидери. Ова истражување исто така го испитуваше влијанието на различните фактори кои влијаат во одлуката за гласање на испитаниците и глвната причина за изборниот одзив на гласачите Роми. Крајот на оваа анкета го вклучува прашањето за избор на политичка партија за престојните парламентарни избори. Целта на овој дел на прашања беше да се испита и евалуира мнението за ромските партии, нивното дејствување и доверба. Овие прашања го генерираа круцијалниот дел за оваа анализа.

 

Резултати

Првото прашање од истражувањето се однесува на интересот на испитаниците за политика (Наведени опции: Не знам, Воопшто не се интересирам, Малку се интересирам, Делумно се интересирам и Многу се интересирам). Според одговорите на испитаниците може да се воочи дека 47% од испитаниците многу се интересираат за политика, додека пак 37% одговориле дека делумно се интересираат за политика. За истото прашање 8% се истакнале дека малку се интересираат за политика, додека пак 6% од испитаниците одговориле дека воопшто не се интересираат за политика. Само 2% од испитаниците одговориле дека не знаат колку се интересираат за политика. Според овие резултати од 128 испитаници Роми, може да се заклучи дека нивото на интересираност за политика е висок а само 6% одговориле дека воопшто не ги интересира политика. Следниот график ги проектира статистичките резултати визуелно.

График 1. Колку се интересирате за политика?

Второто прашање од истражувањето е: Колку сте задоволни од степенот на демократија? (Наведени опции: Не знам, Воопшто не се интересирам, Малку се интересирам, Делумно се интересирам и Многу се интересирам). Резултатите од ова прашање укажуваат на незадоволство на степенот на демократијата во Република Македонија со 51%, додека 21% одговориле дека малку веруваат во степенот на демократијата во државата. За истото прашање 26% одговориле дека делумно се задоволни од степенот на демократија во државата, а 1% од испитаниците одговориле дека многу се задоволни од степенот на демократија. 1% од испитаниците одговориле дека не знаат колку се задоволни од степенот на демократија во Македонија. За истото прашање може да се заклучи дека половина од испитаниците воопшто не се задоволни од степенот на демократија во државата.

График 2. Колку сте задоволни од степенот на демократија во Република Македонија?

Третото прашање од истражувањето е: Колку верувате во следните институции? (Наведени институции: Парламент, Претседател, Полиција, Медиуми и Судство) (Наведени опции: скала од 1 до 5, 1 најмалку верувам, 2 малку верувам, 3 делумно верувам, 4 многу верувам и 5 најмногу верувам).Според одговорите на 128 испитаници, може да се воочи дека во скала од 1 до 5 испитаниците најмногу одговориле со 1 и 2 односно испитаниците малку веруваат во наведените институции. Според резултатите, анкетираните имаат најмногу доверба во парламентот со 1.92 во просек кој не ја поминува границата за „малку верувам“ во институцијата. Иако е највисок помеѓу останатите, сепак задоволството на институциите е мало. Покрај парламентот, испитаниците ја оценија полицијата со 1.81 во просек кој исто е во рамки на незадоволство. Покрај полиција, медиумите како институции имаат просек од 1.74. Додека пак претседателот на државата ужива просек од 1.69 и на крај со најголемо незадоволство испитаниците го оценија судството. Судството има просек од 1.63 што го прави најниско оценета институција во наведените институции. Според овие резултати од 128 испитаници Роми, може да се заклучи дека Ромите генерално не се воопшто задоволни во институциите, најмногу се задоволни во парламентот, додека најмалку се задоволни од судството. Следниот график ги проектира статистичките резултати визуелно

График 3. Колку сте задоволни од следниве институции?

Четвртото прашање од истражувањето е ново за разлика од истражувањето во 2014 година. Прашањето беше: Оценете ги Ромските партии според принципите за добро владеење? (Наведени опции: скала од 1 до 5, 1 најмалку, 2 малку, 3 делумно, 4 многу и 5 најмногу). Според одговорите на 128 испитаници може да се воочи дека испитаниците ги оценија ромските политички партии многу лошо. Најголем просек од наведените принципи има партиципативноста на партиите со 1.77. Иако е најголем од просеците на другите принципи, сепак највисокиот просек не ја поминува скалата од најмалку до малку. Втор принцип со највисок просек е ефективност со 1.75 со можен највисок просек од 5. Ниту овој принцип не ја поминува скалата од најмалку во малку. Понатаму следи принципот транспарентност со просек од 1.68 со можен највисок просек од 5. Овој просек е на средината помеѓу наведените просеци на принципите. За истото прашање испитаниците ја оценија отчетноста на ромските политички партии со просек од 1.55 од можен просек 5. На крај следи одговорност со просек од 1.53. Според овие резултати од 128 испитаници Роми, може да се заклучи дека Ромите генерално ниско ги оценуваат ромските политички партии во однос на принципите на добро владеење. Од можен просек 5 за сите принципи, просеците се помалку од 2 што укажува за незадоволството на испитаните Следниот график ги проектира статистичките резултати визуелно

График 4. Оценете ги ромските политички партии според принципите за добро владеење?

Петтото прашање од истражувањето е: Дали гласавте на последните парламентарни избори? (Наведени опции: Да и Не). Според одговорите на испитаниците може да се воочи дека поголем дел од испитаниците гласале на последните избори со 66%, додека пак 34% одговориле дека не гласале. Според овие резултати од 128 испитаници Роми, може да се заклучи дека Ромите го користат своето граѓанско право на глас и излегуваат на гласање. Следниот график ги илустрира статистичките резултатите визуелно.

График 5. Дали гласавте на последните парламентарни избори?

Шестото прашање од истражувањето е: Дали сметате дека вашиот глас може да направи промена во изборот на идниот Претседател/Премиер во државата? (Наведени опции: Да, Не и Незнам). Резултатите од ова прашање укажуваат дека 45% од испитаниците сметаат дека нивниот глас може да направи промена во изборот на идната Влада на државата, додека пак 38% од испитаниците сметаат дека нивниот глас неможе да направи промена во изборот на идната Влада на Република Македонија. За истото прашање 17% одговориле дека не знаат дали можат да направат промена во изборот за премиер во државата. Од овие резултати може да се заклучи дека голем број на испитаници веруваат дека можат да направат промена, но исто така 38% не веруваат во тоа. Разликата е само 7% што го прави ова прашање неизвесно во генерирање на заклучок. Исто така 17% од испитаниците не се сигурни дали би можеле да направат промена со нивниот глас. Следниот график ги проектира статистичките резултатите визуелно.

График 6. Дали сметате дека вашиот глас може да направи промена во изборот на идната Влада во државата?

Седмото прашање од истражувањето е: Колку сметате дека вашиот глас може да влијае на работата на владата во однос на ромските проблеми? (Наведени опции, Многу, Делумно, Малку, Воопшто и Не знам). Според резултатите од ова прашање може да се воочи дека најголем дел од испитаниците одговориле дека воопшто неможе нивниот глас да влијае во работата на Владата во однос на Ромските проблеми со 31%. Следна преферирана опција на испитаниците е делумно верување дека би можел нивниот глас може да влијае врз работата на Владата со 25%, веднаш по таа опција следува опцијата многу со 23%. За истото прашање 17% од испитаниците веруваат дека малку би влијаел нивниот глас врз работата на Владата во однос на ромските проблеми и 4% од испитаниците не знаат дали нивниот глас може да влијае врз работата на Владата во однос на ромските проблеми. Според одговорите може да се заклучи дека Ромите ги одбирале екстремните опции на ова прашање, 31% велат дека воопшто нивниот глас неможе да влијае додека 23% велат дека нивниот глас може да влијае врз работата на Владата во однос на ромските проблеми. Разликата помеѓу овие опции е само 8%. Следниот график ги проектира статистичките резултатите визуелно.

График 7. Колку сметате дека вашиот глас може да влијае врз работата на Владата во однос на Ромските проблеми?

Осмото прашање од истражувањето е: Дали сте член на некоја од политичките партии? (Наведени опции: Да и Не). Резултатите на ова прашање укажуваат дека 66% од испитаниците не се дел од политичка партија, додека пак 34% од испитаниците одговориле дека се дел од политичка партија. Според одговорите на испитаниците може да се заклучи дека поголемиот дел од испитаниците на ова истражување не се политички ориентирани односно не се дел од политичка партија. Следниот график ги илустрира статистичките резултатите визуелно.

График 8. Дали сте член во некоја од политичките партии?

Деветтото прашање од истражувањето е: Дали сметате дека ромските партии треба да учествуваат самостојно на изборите? (Наведени опции: Да, Не и Не знам). Според резултатите од ова прашање може да се воочи дека 45% од испитаниците мислат дека ромските политички партии не треба да учествуваат самостојно на изборите, додека пак 41% од испитаниците сметаат дека ромските политички партии треба самостојно да учествуваат на изборите. За истото прашање 14% од испитаниците не знаат дали треба ромските политички партии да учествуваат самостојно на изборите.  Заклучокот на ова прашање е дека Ромите сеуште сметаат дека ромските партии не треба да учествуваат самостојно на изборите, но сепак, 41% од испитаните веруваат дека веќе ромските партии треба самостојно да учествуваат на изборите. 14% е релативен процент кој може да се наклони кон да и кон не. Следниот график ги илустрира статистичките резултатите визуелно.

График 9. Дали сметате дека ромските партии треба да учествуваат самостојно на изборите?

Десеттото прашање од ова истражување е: Оценета ја работата на ромските политички партии?(Наведени партии: ДПР, ДСР, ОПЕ, ПИР, ПЦЕР, РОМ и СРМ) (Наведени опции: скала од 1 до 5, 1 најмалку, 2 малку, 3 делумно, 4 многу и 5 најмногу вреднување на работата на овие партии). Според резултатите од ова прашање може да се воочи дека ниедна од партиите не го надминува просекот од 3 од можен просек 5. Според резултатите, испитаниците најмногу ја вреднуваат работата на ПЦЕР со просек од 2.22, следна партија е СРМ со просек од 1.90 што ја прави втора највредна партија на Ромите. Трета вредна партија по оценувањето на испитаниците е ДСР со просек од 1.71, а по ДСР е партијата РОМ со просек од 1.54. Шестата партија е ДПР според оценувањето на испитаниците со просек од 1.39, додека пак ПИР е ведаш по нив со просек од 1.31. Последна вредна партија според испитаниците е ОПЕ со најмал просек од 1.20 од можен максимален просек 5. Според просекот на сите одговори од испитаниците може да се заклучи дека само ПЦЕР го поминува просекот од 2 што значи испитаниците се малку задоволни од партијата но во споредба со другите партии најмногу вреднувана. Веднаш по ПЦЕР е СРМ која со просек од 1.90 е сериозен кандидат за загрозување на водството на ПЦЕР. Веднаш по СРМ следува и ДСР која исто така е во можност за загрозување на водството на останатите партии. Овие резултати покажуваат дека разликата во ромскиот електорат е мала и дека овие избори ќе имаат непредвидлив победник. Испитаниците помалку ја вреднуваат работата на РОМ, ДПР, ПИР и ОПЕ. Следниот график ги илустрира статистичките резултатите визуелно.

График 10. Оценете ја работата на политичките партии?

Единаесеттото прашање од истражувањето е: Во кој од неведените политичари имате највеќе доверба? (Наведени политичари: Амди Бајрам, Берат Бајрам, Ерџан Селими, Курто Дудуш, Миљазим Сакипов, Неждет Мустафа, Самка Ибраимоски, Шабан Салиу и ниту еден од наведените) (Наведени опции: скала од 1 до 5, 1 најмалку, 2 малку, 3 делумно, 4 многу и 5 најмногу вреднување на работата на овие партии). Според резултатите од ова прашање може да се воочи дека најголемиот дел од испитаниците ја избрале опцијата ниту еден од наведените со 39.8%. Покрај високиот процент на испитаници кои не се задоволни од лидерите на партиите, прв лидер од доверба за испитаниците е Самка Ибраимоски со 21.1%, по него следува Амди Бајрам како втор фаворит за испитаниците со 12.5%. Во продолжение, испитаниците го вреднуваат Курто Дудуш како трет лидер со 9.4%, додека пак Шабан Салиу е веднаш по него со 8.6%. Ерџан Селими е вреднуван со 6.3% додека пак Миљазим Сакипов со 2.3%. За истото прашање испитаниците воопшто не ги вреднуваат лидерите Бајрам Берат и Неждет Мустафа, односно 0%. Според резултатите важно е да се напомене дека речиси половина од испитаните немаат доверба во ниеден од ромските лидери на партиите. Покрај тој важен факт, испитаните имаат најмногу доверба во Самка Ибраимоски, следи Амди Бајрам, Курто Дудуш, па Шабан Салиу, Ерџан Селими и Миљазим Сакипов. Следниот график ги илустрира статистичките резултатите визуелно.

График 11. Во кој од наведените ромски политичари имате највеѓе доверба?

Дванаесеттото прашање од истражувањето е: Во кој од следниве домени сметате дека ромските политички партии треба да го насочат своето делување? (Наведени домени: Здравство, Домување, Образование, Вработување, Инфраструктура, Законодавство, Култура и друго) (Наведени опции: скала од 1 до 5, 1 најмалку, 2 малку, 3 делумно, 4 многу и 5 најмногу вреднување на работата на овие партии).Според резултатите од ова прашање може да се воочи дека најгорлива тема за испитаниците е вработувањето. Половина од испитаниците сметаат дека вработувањето е доменот во којшто политичките партии треба да делуваат. Покрај вработувањето, 15.6% од испитаниците сметаат дека ромските политички партии треб да се фокусираат во законодавството. Следен домен е домувањето со 10.9%, а веднаш по домување следува образование со 7.8%. Во продолжение следува инфраструктура со 5.5%, здравство со 3.1% и култура 1.6%. Исто така 5.5% од испитаниците ја избраа опцијата друго во која специфично додаваа домени во кои ромските политички партии треба да се фокусираат. Во текстуална анализа на одговорите, испитаниците ја додаваат интеграцијата, заеднички национален интерес, социо-економски развој, поголема политичка застапеност на Ромите и искористување на ЕУ фондовите. Според овие резултати може да се заклучи дека ромските политички партии треба да го насочат своето делување кон сите наведени домени со посебен акцент на вработување, домување и законодавство како три најгорливи теми за Ромите во Македонија. Следниот график ги проектира статистичките резултатите визуелно.

График 12. Во која од доленаведените области сметате дека ромските политички партии треба да го насочат своето делување?

Тринаесеттото прашање (а) од истражувањето е од затворен тип: Сите ромски политички партии се исти, нема разлика меѓу нив (Наведени опции, Воопшто не се согласувам, делумно се согласувам, се согласувам и потполно се согласувам). Резултатите од ова прашање укажуваат дека 50 од испитаниците потполно се сложуваат со изјавата, 21 испитаник се согласуваат со изјавата, 36 од испитаниците делумно се согласуваат со оваа изјава, 13 испитаници одговориле дека воопшто не се согласуваат со ова изјава и 6 испитаници воопшто не се согласуваат со оваа изјава. Според одговорите може да се заклучи дека најголем број на испитаници сметаат дека сите ромски политички партии се исти, а само 6 од испитаниците воопшто не се сложуваат со оваа изјава. Следниот график ги проектира статистичките резултатите визуелно.

График 13 (а). Сите ромски политички партии се исти, нема разлика меѓу нив?

Тринаесеттото прашање (б) од истражувањето е од затворен тип: Политичките партии се најдобар начин за застапување на ромските интереси (Наведени опции, Воопшто не се согласувам, делумно се согласувам, се согласувам и потполно се согласувам). Резултатите од ова прашање укажуваат дека 47 испитаници не се сложуваат со изјавата, додека пак 29 испитаниците се согласуваат односно делумно се согласуваат со изјавата. Само 18 испитаници потполно се сложуваат, а 4 воопшто не се согласуваат со изјавата. Според одговорите на ова прашање може да се заклучи дека Ромите не се согласуваат дека ромските политички партии се најдобар застапник за ромските интереси. Само 18 потполно се согласуваат со оваа изјава а 4 воопшто не се согласуваат со изјавата. Следниот график ги илустрира статистичките резултатите визуелно.

График 13 (б). Сите ромски политички партии се исти, нема разлика меѓу нив?

Тринаесеттото прашање (в) од истражувањето е од затворен тип: Постоењето на голем број на Ромски политички партии го намалува нивното влијание во коалиционата Влада  (Наведени опции, Воопшто не се согласувам, делумно се согласувам, се согласувам и потполно се согласувам). Резултатите од ова прашање укажуваат дека 68 испитаници потполно се сложуваат со изјавата, само 1 испитаник воопшто не се согласува со оваа изјава. 27 од испитаниците делумно се согласуваат, 26 од испитаниците се сложуваат со изјавата, а само 5 испитаници не се согласуваат со оваа изјава. Според одговорите на ова прашање може да се заклучи дека Ромите потполно се согласуваат со изјавата дека постоењето на голем број на политички партии го намалува нивното влијание во коалиционата влада. Следниот график ги илустрира статистичките резултатите визуелно.

График 13 (в). Постоењето на голем број на ромски политички партии го намалува нивното влијание во коалиционата Влада?

Тринаесеттото прашање (г) од истражувањето е од затворен тип: Политичките партии имаат јасна визија и цели за подобрување на состојбата на Ромите (Наведени опции, Воопшто не се согласувам, делумно се согласувам, се согласувам и потполно се согласувам). Резултатите од ова прашање укажуваат дека 65 испитаници не се согласуваат со изјавата. 19 испитаници воопшто не се согласуваат со оваа изјава, а само 9 испитаници потполно се согласуваат со изјавата. Во продолжение, 8 испитаници се согласуваат со оваа изјава, додека пак 26 испитаници делумно се согласуваат со изјавата. Според одговорите на ова прашање може да се заклучи дека Ромите не се согласуваат со изјавата дека политичките партии имаат јасна визија и цели за подобрување на состојбата на Ромите во државата. Следниот график ги илустрира статистичките резултатите визуелно.

График 13 (г). Политичките партии имаат јасна визија и цели за подобрување на состојбата на Ромите?

Тринаесеттото прашање (д) од истражувањето е од затворен тип: Ромските политички партии ги исполнија своите ветувања во однос на изминатите избори (Наведени опции, Воопшто не се согласувам, делумно се согласувам, се согласувам и потполно се согласувам). Резултатите од ова прашање укажуваат дека 69 испитаници не се согласуваат со изјавата. 26 испитаници воопшто не се согласуваат со оваа изјава, а само 7 испитаници потполно се согласуваат со изјавата. Во продолжение, 4 испитаници се согласуваат со оваа изјава, додека пак 22 испитаници делумно се согласуваат со изјавата. Според одговорите на ова прашање може да се заклучи дека испитаниците не се согласуваат со изјавата дека ромските политички партии ги исполнија своите ветувања во однос на изминатите избори. Следниот график ги илустрира статистичките резултатите визуелно.

График 13 (д). Ромските политички партии ги исполнија своите ветувања во однос на изминатите избори?

Четринаесеттото прашање од истражувањето е: Што највеќе влијае врз вашиот избор на политичка партија? (Наведени опции: Политичка партија/план, Медиуми, Досегашни резултати, Финансиски надоместок, Изборна кампања, Лидерот/ определен член од политичка партија и друго). Според резултатите од ова прашање може да се воочи дека политичката програма/план влијае најмногу со 52% на испитаниците.Втор највлијателен фактор за испитаниците се досегашните резултати на партиите со 23%, следува лидерот/определен член на политичката партија со 15% и на крај по 2% делат опциите финансиски надоместок, изборна кампања и медиуми. Ова прашање имаше опција друго каде што испитаниците можат да додат специфично што најмногу влијае врз нивниот избор. Според текстуалната анализа, испитаниците додаваат дека влијае и идеолошката матрица, стратегија, младите од партијата и мисијата и визијата на партијата. Следниот график ги проектира статистичките резултатите визуелно.

График 14. Што највеќе влијае врз вашиот избор на политичка партија?

Петнаесеттото прашање од истражувањето е: Многу Роми не излегуваат да гласаат за време на изборите, според вас која е главната причина за тоа? (Наведени опции: Незаинтересираност за изборите, индивидуалниот глас не прави разлика, недистиг на политички опции, изборини манипулации, не се регистрирани во изборниот список и друго). Според резултатите од ова прашање може да се воочи дека двете најголеми причини зошто Ромите не излегуваат да гласаат се изборни манипулации со 42.2% и незаинтересираност за изборите со 33.6%. Покрај овие две причини, 9,4% од испитаниците сметаат дека недостигаат политички опции, 6.3% од испитаниците сметаат дека индивидуалниот глас не прави разлика. Во продолжение, 4.7% сметаат дека има Роми кои не се регистрирани во избирачките списоци, а 3.9% од испитаниците ја избраа опцијата друго специфирајќи на дополнителни причини зошто Ромите не излегуваат на гласање. Според текстуалната анализа за ова прашање, испитаниците додаваат дека изборите не се фер и демократски, недоверба во политичарите и недоверба во системот како причини зошто Ромите не излегуваат на гласање. Според овие резултати може да се заклучи дека главна причина за неизлезеност на изборите се изборните манипулации, следи незаинтересираност за изборите, недостиг на политички опции, индивидуалниот глас не прави разлика и не регистрирани во изборниот список. Следниот график ги проектира статистичките резултатите визуелно.

График 15. Што највеќе влијае врз вашиот избор на политичка партија?

Шестнаесеттото прашање од истражувањето е: На 11 декември ќе се одржат парламентарни избори во Македонија, за која од долунаведените партии би го дале вашиот глас? (Наведени опции: ДПР, ДСР, ПИР, ПЦЕР, ОПЕ, РОМ, СРМ, СДСМ и Ниту една од наведените). Според резултатите од ова прашање може да се воочи дека најголем број од испитаниците не би гласале за ниту една од наведените партии со 33.6%. Во продолжение, најпопуларна партија според испитаниците е СДСМ со 19.5% вклучувајќи го Курто Дудуш како дел од партијата. Втора највисока преференција на испитаниците е ПЦЕР со 18%, па следи СРМ со 11.7% и ДСР со 10.2%. Покрај овие партии со помала поддршка следат ДПР со 3.9% и РОМ со 3.1%, додека пак ПИР и ОПЕ без поддршка според испитаниците на ова истражување. Според овие резултати може да се заклучи дека најголемиот дел од испитаните не би гласале за наведените партии, додека пак од наведените партии, фаворит е СДСМ и ПЦЕР со 19.5% односно 18% во ова истражување, сепак постои мала разлика помеѓу овие партии и СРМ и ДСР. Следниот график ги проектира статистичките резултатите визуелно.

График 16. На 11 декември ќе се одржат парламентарни избори во Македонија, за која од долунаведените партии би го дале вашиот глас?

Последното прашање од истражувањето е: Какво е вашето мислење за постоењето на ваквите или слични анкети за испитување на јавното мислење Роми? На ова прашање оставивме на испитаните да се изразат во слободна форма со цел за да имаме во предвид за добрите и лошите страни на ваквите истражувања. За ова прашање Ви претставуваме cloud график на најчесто користените зборови во одговорите на испитаниците.

 

Заклучок

Според оваа анкета може да се забележи дека поголем дел од испитаниците се мажи Роми, но сепак процентуално жените исто така учествуваат во вакви процеси. Просечната старост на ова истражување изнесува 30 години, што укажува на потенцијал поврзан со ромскиот електорат. Според резултатите, поголем дел од анкетираните се студенти или завршиле високо образование. Исто така ова истражување покажува дека испитаните се политички активни, но воопшто не се задоволни од нивото на демократија во државата. Најмногу веруваат во парламентот како институција, а најмалку во судството. Во продолжение, анкетираните демонстрираат ниска оцена за политичките партии во однос на принципите за добро владеење. Не се задоволни од одговорноста и отчетноста на партиите. Во претходните парламентарни избори во 2014, поголемиот дел од анкетираните гласале, но сепак една третина од нив не гласале. Во однос на моќта на нивниот глас, испитаниците се неодлучни. Затоа што разликата помеѓу афирмативната и негативната опција е мала. Во истиот контекст, испитаниците поголем дел од испитаниците сметаат дека нивниот глас воопшто неможе да влијае врз работата на владата во однос на Ромите. Една третина од испитаниците се дел од политичка партија, додека останатите не се членови на ниедна од партиите. Едно од неизвесните прашање е и дали ромските партии треба да учествуваат самостојно на изборите. Според одговорите, разликата за афирмативниот и негативниот е мала, исто така постои мал дел од испитаниците што не знаат дали ромските партии треба или не треба да учествуваат самостојно на изборите. Во однос на резултатите за оцена на ромските политички партии, овој пат поголемиот дел од испитаниците ја најмногу ја вреднуваат партијата ПЦЕР. Оваа партија е дел од опозицискиот блок, но исто така мора да се забележи малата разлика на нивното водство, затоа што СРМ и со помал интензитет ДСР исто така се високо вреднувани партии. Според добиените резултати од анкетата исто така може да се забележи дека Самка Ибраимоски ужива најголема доверба од испитаниците. По него, следат Амди Бајрам од СРМ и Курто Дудуш како дел од СДСМ на овие избори. Вработувањето е оценето како најприоритетна област во која што ромските политички треба да го насочат своето работење, веднаш следуваат законодавството и домувањето. Поголемиот дел од испитаниците сметаат дека ромските политички партии воопшто не се разликуваат една од друга односно сите партии се исти, интересно е да се согледа поделеноста кога се работи дали партиите се најдобар начин за застапување на ромските интереси. Исто така се забалежува дека не се најдобар начин за застапување на ромските политички интереси, а поголемиот број на ромски партии го намалува влијанието врз коалиционата Влада. Поголемиот дел исто така не се согласува со изјавата дека политичките партии имаат јасна визија и цели за подобрување на состојбата на Ромите ниту со изјавата дека ромските политички партии ги исполнија своите ветувања во однос на изминатите избори. Важно да се напомене е дека половина од вкупниот број на испитаници сметаат дека политичката програма/план влијае најмногу врз нивниот избор, а изборните манипулации се најголемата причина зошто Ромите не се заинтересирани за остварување на нивното право на глас. На крај, според резултатите, најголем дел од испитаниците не би гласале за ниедна од наведените партии во листата за опции. Но покрај тоа, поголем дел се изјаснија дека би гласале за СДСМ како опција и ПЦЕР. Двете опозициски партии во листата на опции, додека пак веднаш по нив следува СРМ и ДСР како најголеми фаворити на испитаните.

Според резултатите на оваа анкета треба да напоменеме дека опсегот на популацијата е 325 испитаници од кои 128 одговориле. Ваквиот примерок ја отсликува ситуацијата во државата за Ромите со маргина на грешка од +/- 7%. Исто така коментарите од поголемиот број на испитаници укажаа дека се потребни вакви анкети со цел да се испита јавното мислење на ромската заедница за ромските политички партии, но и да се анализира и евалуира мислењето на заедницата со цел да се подобри работата на партиите кое ке придонесе кон подобрување на ситуацијата на Ромите во Република Македонија. Во текот на  имплементирање на анкетата тимот на Ромалитико наиде на бариери од типот на : недоволен одзив од страна на испитаниците што може да се објасни со фактот дека е ова е втор пат да се спроведе online анкета како и недоверба за анонимноста за самата анкета; поради недостаток на податоци неможевме да ја дефинираме општата популација и да извлечеме соодветен примерок кој би го претставувале генералното мислење на ромската средна класа; во некои од прашањата беше сугерирана интервенција за повеќе опции од кои предвидовме и веднаш реагиравме на тоа.

Повеќе оргинален линк:

http://romalitico.org/new/index.php/mk/sodrzina/2014-09-30-09-03-34/item/63-istrazuvanje-na-javno-mislenje-2016

 

 

Chitingen li akava?

Analiza tari 5-to karta tari Inicijativa romane dzuvlja Shuto Orizari

Analiza tari 5-to karta tari Inicijativa romane dzuvlja Shuto Orizari. I dujto emisija tari ” …

Online debata: Studentite po medicina i romskite sosedi- 3 emisija

Online debata: Studentite po medicina i romskite sosedi- 3 emisija Emisijata e realizirana kako del …