Friday , March 24 2017

Како до нова влада – Заедничка програма или делење функции?

На внимателност и трпеливост повикаат дел аналитичари за формирањето на идната влада. Според нив, поради лошите изборни резултати, партиите на Албанците ќе инсистираат повеќе на исполнување на нивните барања, отколку на министерски и директорски места.

Бројки, комбинации, барања, попуштања, сето ова според дел аналитичари се случува зад сцената додека се чека исходот од партиските преговори за тоа кој ќе ја формира идната влада. Потребни се трпеливост и внимателност во овој период, посочува Никола Дујовски професор на Универзитетот Свети Климент Охридски.

„Македонските партии немаат што многу да инсистираат, за нив повеќе е прашањето што тие се подготвени да му овозможат на албанскиот блок, кој пак, по средбата деновиве на Ахмети со неколку други партии упатува на тоа дека тие ќе испорачаат некои барања од кои нема да отстапат“, вели Дујовски.

На викенд средбата, челните луѓе на ДУИ и на Алијансата за Албанците договорија платформа врз чија основа би влегле во владина коалиција. Бараат издигнување на албанскиот јазик и неговата официјална употреба, продолжување на мандатот на СЈО, имплементација на препораките од Прибе, рамномерна распределба на буџетот и консензуално одлучување за сите битни прашања. Беса и ДПА останаа надвор од овие договарања.

Сефер Тахири, професор на Универзитетот на Југоисточна Европа, смета дека партиите на Албанците ќе се држат до претходно утврдените принципи.

„Сметам дека позициите на партиите на Албанците се такви во моментов што навестуваат дека ќе се инсистира на програмски цели, односно на инкорпорирање на барањата на Албанците во владината програма, а многу помалку ќе биде битна подделбата на ресорските места“, вели Тахири.

Еден од сигналите, според аналитичарите, дека се уште е неизвесно кој ќе формира владата е и воздржаноста на странците. Портпаролката на Европската комисија Маја Коцијанчич рече дека тие нема да му честитаат на победникот на предвремените парламентарни избори, туку тоа ќе го сторат откако ќе биде избрана новата влада и премиер. Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан и шефицата на европската надворешната политика Федерика Могерини веднаш по изборите на 11 декември испратија заедничко соопштение, но и во него немаше честитка за победниците, туку насоки дека очекуваат брзо формирање на новиот парламент и на новата влада и спроведување на реформите.

„Добро е нивното однесување, да бидат трпеливи, да видат како ќе се одвива ситуацијата во Македонија и да видат кој би можел да ја формира владата, бидејќи и двете партиите на Македонците имаат речиси исти можности за формирање влада“, вели Дујовски.

И ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во која било варијанта не би имале силна владина коалиција. Ако партијата на Груевски формира влада само со ДУИ тогаш би имале 61 пратеник, точно колку за мнозинство. Ако пак со нив се и тројцата пратеници од Алијансата на Албанците и двајцата на ДПА тогаш коалицијата би била малку поцврста и би имала 65 пратеници. СДСМ, пак, не може да формира влада само со една партија на Албанците бидејќи има 49 пратеници, па ако на нив, покрај БЕСА која има пет мандати им се приклучат и ДУИ со десетте пратеници тогаш би стигнале до бројка од 64. Во таа варијанта можно е во коалицијата да влезат и Алијансата за Албанците и ДПА, но очекувањата на аналитичарите за такво сценарио се мали.

http://www.slobodnaevropa.mk/a/28199603.html

Chitingen li akava?

Иванов не му го дава мандатот на Заев

Претседателот Иванов вели дека нема да му го даде мандатот за формирање влада на лидерот …

Политичката партиjа РОМ : Против законот за албански јазик, за нов попис

Политичката партија Роми Обединети од Македонија РОМ преку ова соопштение сака да ја изрази својата …