(АНАЛИЗА) ВМРО-ДПМНЕ е на чекор до влада со ЗНАМ и ВЛЕН, а СДСМ и ДУИ на пат кон опозиција!

Ако се земат предвид резултатите од првиот изборен круг, конвертирани во пратенички мандати, и кога тие ќе се стават во контекст на јавно декларираните позиции на политичките партии и нивните водачи, во пресрет на втората изборна рунда, притоа имајќи ги во обѕир и нивните политички интереси,  Односно, како би можела да изгледа равенката за идната влада? Кои се аргументите „за“, а кои „против“?

Изборните резултати од првиот круг на претседателските избори, во огромна мера ќе го определат исходот во вториот круг на претседателските избори, но значително ќе влијаат и врз парламентарните избори, а со тоа и врз постизборните разврски.

Како што е познато, претседателската кандидатка на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова излезе како убедлив победник во првиот изборен круг со освоени 363.086 гласови (40%), додека нејзиниот главен противкандидат поддржан од владејачкиот СДСМ, Стево Пендаровски, освои 180.500 гласови (19,9%).

Со оглед дека Силјановска освои над двојно повеќе гласови од Пендаровски, речиси извесен е исходот од нивниот меѓусебен директен дуел во вториот изборен круг, кој по сѐ изгледа ќе заврши успешно, со оглед дека засега ниту една политичка структура не заговара изборен бојкот. Барем тоа не го прави јавно и отворено.

Едноставно, разликата во корист на Силјановска е преголема за да се каже дека постојат реални шанси Пендаровски да направи пресврт, дотолку повеќе што засега сите останати претседателски кандидати што освоија респектабилна бројка одбиваат да ги насочат своите поддржувачи кон кој било од кандидатите.

Колку за потсетување, во првиот круг, на трето место заврши Бујар Османи, кандидат на Европскиот фронт предводен од ДУИ, кој освои 121.088 гласови (13,3%), додека неговиот противкандидат Арбен Таравари, за кого стои албанската опозиција или ВЛЕН, освои 83.393 гласови (9,2%).

Некаде меѓу нив беше позициониран кумановскиот градоначалник и лидер на новоформираната ЗНАМ Максим Димитриевски, кој освои 83.856 гласови (9,2%). Ако тој се смета за најголемо изненадување, истовремено може да се каже дека последните двајца кандидати не ги оправдаа сопствените очекувања.

Пред сѐ, тоа важи за Билјана Ванковска, која освои 41.331 глас (4,5%), или далеку под целите на партијата што ја поддржува – Левица. На дното на изборната листа, пак, заврши Стево Јакимовски од ГРОМ со само 8.121 глас или нецел еден процент, што е помалку и оние 10.000 потписи што ги собра за кандидатура на шеф на државата.

Имајќи ги предвид овие бројки, во голема мера може да се претпостават и резултатите на парламентарните избори, ако се знае дека голем дел од претседателските кандидати се и лидери на политички партии или, пак, се поддржани од коалиции што ќе настапат на изборите. Оттука, станува збор за релативно истите контингенти на гласачи, иако, се разбира има и други фактори што ќе го дефинираат точниот краен резултат.

СИМУЛАЦИЈА НА МАНДАТИ

Кога освоените гласови од првиот круг на претседателските избори ќе се анализираат по изборни единици и се претворат во пратенички мандати, тогаш може да се добие генерална слика како ќе изгледа идниот собраниски состав по двојните избори на 8 мај, па врз основа на тоа да се одредат и можните коалиции.

Имено, ВМРО-ДПМНЕ би освоила 53 пратеници, што би претставувало раст за 9 пратеници, во споредба со последните парламентарни избори пред 4 години, кога најголемата опозициска партија предводена од Христијан Мицкоски освои 44 пратеници.

Наспроти тоа, сѐ уште водечката владејачка партија – СДСМ бележи пад, кој е со далеку позасилена динамика отколку растот на нивниот политички опонент. Така, партијата на чело со Димитар Ковачевски би освоила 24 пратеници или цели 22 помалку од последните избори, кога нивната коалиција излезе како победник со 46 пратеници.

Понатаму, ДУИ, која предводи коалиција со 9 партии и 4 етнички заедници наречена Европски фронт, би освоила 17 пратеници. Тоа претставува благ раст во однос на претходните избори, кога „интегративците“ освоија минус 2 пратеници, односно 15, со тоа што мора да се нагласи дека тогаш настапуваа самостојно, а не во широк граѓански фронт.

Што се однесува до албанската опозиција, таа би освоила 12 пратеници. Меѓутоа, овде тешко се прави споредба, бидејќи сега заедно под називот ВЛЕН настапуваат БЕСА, Алтернатива, новоформираното Демократско движење и едно крило на Алијанса за Албанците, додека на претходните избори БЕСА беше во сојуз со СДСМ, а заедно настапија Алијанса (неподелена) и Алтернатива, при што освоија, исто така, 12 пратеници.

Покрај нив, парламентарна партија би станала и ЗНАМ, која, според резултатот на Димитриевски, би освоила 10 пратеници. Таков резултат немале ниту НСДП, ниту ВМРО-НП, ниту која било друга, условно кажано, трета сила, со исклучок можеби на Демократска алтернатива, со тоа што нејзината тежина не може јасно да се измери поради тоа што во 1998 година беше дел од предизборна коалиција со ВМРО-ДПМНЕ.

Всушност, ваквиот исход и оваа позиција на ЗНАМ беше проектирана цел на Левица на Димитар Апасиев, кој очекуваше двоцифрен број на пратеници и наметнување како неопходен фактор при составување на идното мнозинство и влада. Меѓутоа, според гласовите на Ванковска, партијата би освоила 4 пратеници или 2 повеќе од сегашните.

Притоа, треба да се има предвид дека партиите чии кандидати имаа успех во првиот круг на претседателските избори може да очекуваат уште поголема поддршка на парламентарните избори, од причина што триумфализмот и опортунизмот привлекуваат екстра поддршка. Односно, се очекува ВМРО да ја зголеми предноста пред СДСМ, ДУИ пред ВЛЕН, а можеби и ЗНАМ пред Левица.

НАЈРЕАЛНО СЦЕНАРИО

Ако се погледнат резултатите од првиот изборен круг, конвертирани во пратенички мандати, и кога тие ќе се стават во контекст на јавно декларираните позиции на политичките партии и нивните водачи, притоа земајќи ги во обѕир и нивните политички интереси, ги разработуваме можните постизборни разврски. Како би можела да изгледа идната влада? Кои се аргументите „за“, а кои „против“?

Врз основа на овие аспекти, може да се заклучи дека најверојатно, да не речеме – речиси сигурно е формирање постизборна владејачка коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН. И, не само што тоа е нивна желба, туку во таа насока одат изборните резултати, а цела операција ја олеснува компатибилноста на нивните политички ставови по клучните теми.

Со освоени над 50 пратеници, кои ВМРО-ДПМНЕ на веќе трасираниот победнички бран може да ги искачи до приближно 60, Мицкоски ќе биде во исклучително поволна положба кога ќе го добие мандатот за формирање влада. Практично, само со поддршка на ЗНАМ, која се проценува на десетина пратеници, би можел да го достигне прагот од 61 пратеник.

Иако Димитриевски излезе од шинелот на СДСМ, сепак, тој во вакви политички констелации и зовриена атмосфера е многу поблизу до ВМРО-ДПМНЕ. И покрај тоа што знае да ги „пецне“ вмровците за нивното минато од ерата на Никола Груевски, сепак, неговата критичка острица е свртена кон раководството на СДСМ, обвинувајќи дека ги напуштиле левичарските и асномски принципи и традиции и дека се претвориле во дувло на клиентелизам.

Оттука, соработка меѓу СДСМ и ЗНАМ во оваа фаза е невозможна, особено откако Димитриевски побара целиот врв на СДСМ да се повлече. Од таму, пак, му одговорија дека е човек партија и сервилен слуга на ВМРО, но длабоко во себе дефинитивно се каат што не го кандидираа за градоначалник на Куманово, бидејќи така ем ќе ја задржеа општината, ем сега немаше да имаат силен противник во својот идеолошки двор.

Очигледно е дека Димитриевски не трпи премногу авторитети, а истото важи и за Мицкоски. Дека се работи за политичари со силно его и суета, покажува фактот што двајцата си разменуваат и провокации. Освен ако не е режиран театар, токму така може да се протолкува барањето на Димитриевски до Мицкоски да вети дека нема да шурува со Зоран Заев, по што Мицкоски го повика да се изјасни кого ќе поддржи во вториот круг.

Од друга страна, Мицкоски не го смести Димитриевски во категоријата „опозиција со опозицијата“ заедно со Апасиев и Јакимовски, а Димитриевски позитивно одговори на повикот на Мицкоски за ненапаѓање и обединување. Сето тоа укажува дека се градат мостови за идна соработка меѓу двајцата лидери, чиј фокус е борбата против криминалот и корупцијата.

Воедно, и едниот и другиот немаат против Бугарите да влезат во Уставот, но тоа да важи по полноправното членство во ЕУ. Освен тоа, ЗНАМ говори за адаптирање на преговарачката рамка, додека ВМРО-ДПМНЕ за поинакво интерпретирање, што значи суштински политички разлики речиси и да не постојат.

КОМОТНА ПОЗИЦИЈА

Доколку ВМРО-ДПМНЕ со ЗНАМ надмине 60 пратеници, тогаш ќе биде во многу комотна ситуација да може да го бајпасира ДУИ од идната влада и, како што отворено најавува и ветува, да оствари соработка со албанската опозиција.

Веќе подолг период наназад, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се во конфликт, кој датира откако ДУИ во неколку наврати одби да учествува во план за предвремено рушење на владата со СДСМ и на предизвикување предвремени парламентарни избори по кои би формирале влада со ВМРО-ДПМНЕ.

Затоа, ВМРО-ДПМНЕ отвори фронт против ДУИ, кој имаше поткрепа и во фактот што арогантното однесување на „интегративците“ во последните неколку години предизвикуваше револт кај големо мнозинство од етничките Македонци, безмалку исто како и внесувањето на Бугарите во Уставот.

Во тој контекст треба да се потсетиме како своевремено, т.е. по пресвртните избори во 2016 година, ДУИ одлучи да ја раскине долгогодишната соработка со ВМРО-ДПМНЕ, иако имаат 2 пратеници плус на изборите. На тој начин, „интегративците“ го прекршија и Мајскиот договор, кој предвидуваше владата да ја формираат победниците во македонскиот и во албанскиот блок.

Практично, ДУИ повлекоа ваков потег под притисокот на лошиот изборен резултат поради соработката со ВМРО, но и по сугестија на меѓународната заедница, која процени дека влада предводена од СДСМ ќе има друг пристап во надворешната политика и меѓународните односи. На крајот така и беше, со оглед дека таа влада го реши деценискиот спор за името со Грција.

Во такви околности, иако ДУИ направи голем лупинг, немаше голема тежина во првата влада со СДСМ, за што говори и поделбата на владиниот колач. Тогаш, ДУИ доби претседател на Собрание во името на актуелниот премиер Талат Џафери, што беше формален повод за упадот во парламентот на „крвавиот четврток“, како и министри за економија, екологија, правда и двајца вицепремиери за евроинтеграции и за Рамковен договор.

Арно ама, што се случи во меѓувреме? Во пресрет на парламентарните избори во 2020 година, Заев почна кампања „ДУИ во опозиција“, на што одговорот на ДУИ гласеше „Албанец-премиер“. На тој начин, СДСМ едвај го победи ВМРО со 2 пратеници плус, а ДУИ имаше раст од 3 пратеници, со тоа што, математички гледано, СДСМ немаше друга варијанта, освен со ДУИ да направи влада.

Овојпат, ДУИ скапо го наплати учеството во владата, ако се знае дека менуваа акти за да добијат прв вицепремиер, а земаа силни ресори, како надворешни работи и финансии итн. Паралелно со тоа, го зголемуваа влијанието при креирањето политики и носењето одлуки, што особено дојде до израз по заминувањето на Заев по поразот на локалните избори и доаѓањето на Ковачевски.

ОПОЗИЦИСКИ ТЕСТ

Дека ДУИ се надмина во демонстрацијата на моќ, во предизборната кампања почна да признава и СДСМ, чиј лидер Ковачевски неколкупати го споменува играњето фудбал и кошарка во кабинетот на Артан Груби, што, според него, претставува несоодветно однесување во држава како Македонија и праќа порака до граѓаните дека на Илинденска никој ништо не работи.

Меѓутоа, се чини дека СДСМ доцна ги сфати негативните ефекти од однесувањето на ДУИ врз себе. Наспроти тоа, ВМРО-ДПМНЕ многу одамна прочита дека со влегувањето во конфликт со ДУИ, не само што ќе ѝ се одмазди за некооперативноста, туку така ќе го билда и сопствениот рејтинг.

Настрана тоа, Мицкоски е решен да соработува со албанската опозиција, дури и ако таа освои помалку пратеници од ДУИ. Во таа смисла, тој вели дека веќе нема Мајски договор, откако ДУИ го прекршила, плус со таа партија не дели заеднички цели и вредноста при реализација на идната антикорупциска агенда.

Иако и ДУИ го критикува ВМРО-ДПМНЕ дека користи шовинистичка реторика, па и дека работи спротивно на евроинтеграциите, а во корист на Русија, сепак, „интегративците“ истовремено инсистираат да бидат дел од владата на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи така одлучиле гласачите, што е малку контрадикторно однесување.

Сепак, по овие избори, тие нема да бидат во позиција да одлучуваат и од нив нема ништо да зависи, така што веќе се наметнува една друга дилема – како за ДУИ ќе се одрази транзицијата во опозиција? Дали партијата ќе излезе посилна, како што излезе од опозициските денови од 2006 до 2008, кога ВМРО-ДПМНЕ во влада ја зема ДПА? Или, пак, ќе почне да пропаѓа?

Според одредени проценки, ДУИ ќе ја продаде приказната кон Албанците дека нивниот глас повторно се игнорира, дека Албанците се предмет на мајоризација и слично, што може да биде тригер за зголемена мобилизација, која би се канализирала преку антивладини протести, но и на бргу издејствувани избори.

Од друга страна, некои аналитичари сметаат дека ДУИ не е во иста кондиција како порано, дека Али Ахмети и неговите соработници се потрошени и компромитирани, дека бројните корупциски афери оставиле негативен белег врз имиџот на „интегративците“. Поради тоа, се проценува дека дел од структурите на ДУИ би се разлевале кон Изет Меџити и другите сега опозициски, а утре владејачки партии.

Ако ДУИ замине во опозиција, како што се очекува, ќе се тестира дали држи тезата на Таравари дека ќе се распадне. Токму тоа беше целта кога по локалните избори, албанските опозициски партии влегоа со ВМРО во операција на рушење на СДСМ и ДУИ, но не за да се оди на брзи избори, туку да се изгласа недоверба и да се формира нова влада. Тогаш власта се спаси и не видовме како ДУИ ќе „плива“ во опозиција, но тоа ќе го видиме наскоро.

НАДВОРЕШНА ПОДДРШКА

Поради сите овие елементи, влада составена од ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН е најизгледна постизборна разврска, дотолку повеќе што, не само ВМРО-ДПМНЕ, туку и ЗНАМ, и албанската опозиција се преферираат меѓусебно, од причина што ЗНАМ е против ДУИ, а ВЛЕН против Левица.

Дополнително, позициите на ВЛЕН во интеграцискиот процес не се толку ригидни, туку се флексибилни. Конкретно, од таму велат дека со ВМРО на власт полесно ќе се решат уставните измени и даваат временски рок од 6 месеци тоа да се случи, за разлика од ДУИ, која вели дека тоа треба да се заврши по конституирањето на парламентот и пред изборот на нова влада.

Претходно, токму уставните измени се сметаа како можна причина поради која ВМРО-ДПМНЕ би отпаднала од игра за нова влада. Ова сценарио подразбираше по изборите, целиот албански фактор да се унифицира и пред СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ да го постават условот за брзо усвојување на уставните измени и формирање идна влада.

При таква претпоставена ситуација, секако, СДСМ би се согласила бидејќи и онака има афирмативен став за уставните измени, додека ВМРО-ДПМНЕ би била во незавидна ситуација. Ако прифати, ќе загуби голем дел од довербата. Ако, одбие, пак, ќе остане во опозиција.

Арно ама, ова сценарио веќе изгледа невозможно, не само поради големата разлика меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, туку и поради тоа што далеку од обединување се и албанските партии. Спорен ВЛЕН, целта на ваквиот став на ДУИ е да ја спречи извесната преселба во опозиција по што следува одговорноста.

Ако некако навистина дојде до тоа, ВМРО-ДПМНЕ има уште еден можен адут, а тоа е да се обиде да дојде до 61 со ЗНАМ и Левица. Во ситуација без албански партнер, Левица станува погоден партнер, особено што и самата би можела да го пронајде својот интерес.

За да преживее на политичката сцена, најдобро за Левица е да продолжи да дејствува офанзивно во опозиција, а нејзините ривали да се трошат во власта. Но, и од опозиција таа може надворешно да поддржи „македонска влада“ за да се прати СДСМ во опозиција и поважното – да се спречи уцената на Албанците.

Врз основа на тоа, по резултатот од првиот круг, кој во голема мера ќе се повтори во вториот круг, невозможна е идна влада на СДСМ со сите албански партии, чиј изговор би биле уставните измени. Конечно, тоа е добро и за СДСМ. Зошто?

СТОПАН И ИЗМЕЌАР

Ако направиме една хронологија, првата влада на СДСМ и ДУИ во периодот од 2002 до 2006 година водеше една рационална и прагматична политика. Во тоа време дојде кандидатскиот статус за членство во ЕУ, добивме признавање под уставното име од страна на САД итн. Сепак, ВМРО-ДПМНЕ на чело со Груевски победи на изборите во 2006 година на бранот на незадоволството на територијалната поделба.

Всушност, од спроведувањето на Рамковниот договор по конфликтот во 2001 година профитираше ДУИ, но тоа му наштети на СДСМ. Сега се случува нешто слично, бидејќи ДУИ повторно се смета, за фигуративно кажано, гробарот на СДСМ. Ако СДСМ во 2016 година му откина албански гласачи на ДУИ, може да се каже дека ДУИ целосно му наштети на СДСМ 7 години подоцна, но така си наштети и себеси, бидејќи сега ќе замине во опозиција.

Во изминатиот период, дојде членството во НАТО, почетокот на преговори со ЕУ, решавањето на црковниот спор, но сето тоа беше далеку од доволно. Напротив, граѓаните покажаа дека сакаат реформи во администрација, образование, здравство, правна држава наместо криминал и корупција, а истовремено преовлада наративот дека ДУИ е стопан на владата и државата, а СДСМ нивни измеќар.

Во таква ситуација, се повтори 2006 година, кога ВМРО победи на националистички бран. Патем, тогаш формираше влада со НСДП, а сега со друга партија што произлезе од СДСМ – ЗНАМ. И, тогаш извиси ДУИ, иако беше победник во албанскиот блок и по сѐ изгледа исто ќе биде и сега – во владата ќе заврши ВЛЕН, тврдејќи дека ја застапува мнозинската албанска волја, бидејќи во фронтот на ДУИ има ромски, турски и бошњачки партии.

Доколку СДСМ на парламентарните избори освои над 30 пратеници и биде во позиција да формира влада со сите албански партии, тоа би значело дефинитивен крај и т.н. пасокизација на СДСМ, бидејќи уште повеќе ќе се зголеми перцепцијата дека СДСМ е подготвен за власт да даде сѐ. Затоа, за СДСМ е најздраво да замине во опозиција, да се прегрупира и идеолошки да се реставрира и потоа да почне да се крева.

Она што можеше да биде позитивно сценарио за СДСМ, кое би му дало одреден легитимитет да остане на власт, е формирањето влада со Европскиот фронт на ДУИ, особено ако се реализираше идејата за основање на еден широк фронт, што ќе значеше во предизборна коалиција да влезат СДСМ, ДУИ и Алијанса за Албанците на купче.

Меѓутоа, овој „проект“ малку по малку пропаѓаше. Последниот чекор кон неговото растурање го направи Таравари, кога одлучи да ѝ се придружи на албанската опозиција и да биде претседателски кандидат, со што предизвика раскол во АА, бидејќи старо-новиот партиски лидер Зијадин Села беше за продолжување на соработката со ДУИ.

Штом Таравари влезе во трка за претседател, тоа мораше да го направи ДУИ, кандидирајќи го Османи. А, кога веќе излегоа со свој кандидат, наместо да застанат зад кандидатурата на Пендаровски, како на претходните избори, како што велеа од Мала Речица, невозможно било да формираат предизборна коалиција за парламентарните избори.

ГЕРМАНСКИ МОДЕЛ

Но, тоа е само дел од вистината, бидејќи генезата е малку подлабока. Сите анкети покажале дека заеднички пратенички листи на СДСМ, ДУИ и Алијанса, и тоа неподелена, не можат да стигнат до бројката од 61 пратеник, што значи дека по изборите нема да може да формираат влада.

Со оглед дека СДСМ стои слабо во македонскиот блок, ним би им одговарала ваква опција, бидејќи нема да може да се види колку малку реално тежат. Но, ДУИ котира добро во албанскиот блок, па не му одговара ваква солуција, особено кога конечниот производ на оваа равенка не е останување на власт.

Па, може да се забележи како ДУИ сукцесивно, чекор по чекор, се дистанцира од СДСМ, при што користи неиздржани објаснувања. Наводно, според ДУИ, СДСМ се исплашиле од заеднички настап, бидејќи етничките Македонци биле против ДУИ, сметајќи дека ДУИ управува со владата, а не СДСМ.

Не дека анкетите не го покажале тоа, но СДСМ моментално е очајник, кој никогаш не кажал дека ќе победи, туку дека има поголем коалициски потенцијал. Тоа значи дека само предизборна коалиција може да ја донесе или одржи СДСМ на власт, а притоа да не се види нискиот резултат, кој би симболизирал инфериорност во таа влада. Меѓутоа, ДУИ реши да тргне по свој пат, за да ги остави сите врати отворени по изборите.

Инаку, сите овие планови и калкулации веќе се само во доменот на теоријата без реални шанси да се реализираат во практика. Според моменталниот распоред на силите, најизгледната шанса СДСМ е да остане на власт не е ако на своја страна обезбеди силен албански партнер или ги придобие сите албански партии, туку да влезе во влада со ВМРО-ДПМНЕ, без ДУИ.

Впрочем, тоа е германскиот модел што го заговараше Заев, кој смисли формула како СДСМ да остане на власт преку поделба на власта со ВМРО-ДПМНЕ според освоените мандати. Таа идеја не му помина во партијата, но неговото влијание остана и тој ќе има многу блиски пратеници во следниот состав, кои, според одредени проценки, би можеле на своја рака да постапат според неговиот некогашен план, ако има таква одлука или потреба, сеедно.

Исто така, можна е и една друга разврска. По изборите, може да му биде побарана недоверба на Ковачевски, освен ако и сам не реши да се повлече. Како можен кандидат за негов наследник се споменува Оливер Спасовски, а некои комбинаторики го исфрлуваат и Венко Филипче, протеже на Заев, па ништо чудно ако новото партиско раководство почне да заговара учество во влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ за повисоки цели, а делумно и за лични интереси.

На крајот, во изминатиот период  доста се дискутираше дали е можно бугарско сценарио, односно ниту една партија или коалиција да не успее да формира влада како во Бугарија, каде што имаше повеќе избори, по кои влада формираа водечките партии на Борисов и Петков. Ако се прави аналогија, тоа значи кај нас влада да формираат ВМРО и СДСМ, но во Бугарија разликата беше мала, додека тука првиот круг навестува огромна разлика и политички промени.

Related post