Колумна

Бесконечна игра

Руфат Демиров

Ќе има или нема да има избори? Што ќе се случи овој викенд? Ќе отидат ли во пензија старите “хиени“ од ромскиот политички табор?

Дали општеството во целина, или барем ромските политички парии, ќе сфати како да ја игра Бесконечната политичка игра? Ќе се земе ли предвид младата студентска сила или пак сaмо ќе се користат прилики за една друга, конечна игра – каде што победникот е само “минлив политички играч” наспроти бесконечниот живот на Ромите?

Во рамките на мојот СТАВ – Јас мислам ДА. ЌЕ оди ВО НАША ПОЛЗА! Пред себе гледам една поинаква реалност и општество на другари и другарки кои меѓусебно се почитуваат, пријатели кои што се подржуваат во име на една поголема Визија која што почнува да се остварува.

Патем, секоја чест на СИТЕ (без разлика на тоа коj поединец на кое движење, организација, политичка партија или групација припаѓа) кои партиципираат и кои имаа храброст вчера да се појават на протестот и да го кренат својот ГЛАС во име на својата поддршка и ставови во однос на сето она што ни се случува и третманот што го добиваме како одговор на нашата лојалност како граѓани. Затоа што ова општество нема да знае што мислите и што сакате ако не застанете ЗАД НЕШТО во кое што верувате! Не е ли впрочем тоа – таа Бесконечна игра ?

Ќе продолжам со цитирање на изјавата на психологот Мухамед Ајваз на панел дискусија организирана од страна на Граѓанската иницијатива „Аваја“ на 08.02.2020. За да ја опише состојбата на Ромите во македонскиот политички систем Мухамед Ајваз, користејќи стилски фигури, изјави: „Моментално, ромската политичка клима ја гледам како расипан апарат за кафе. Ние веќе 30 години имаме мајстори коишто го поправаат тој апарат. На ромската заедница и е веќе преку глава од тоа расипано кафе што го пие цело време и што некој постојано доаѓа и го поправа тој апарат. А, и дел од мајсторите ја имаат таа позната финта да се остави одреден дел расипан внатре, за да можат пак да доаѓаат.“ Мухамед преку овие зборови се обиде, со игра на метафора, да даде одговор на прашањето „Кој најмногу профитира од тоа што Ромите неколку децении се наоѓаат во status quo состојба?“.

Кои се „мајсторите“ коишто сме ги одбрале и на каков начин сме ги одбрале; дополнително, кој ни одредува колку „мајстори“ ќе имаме можност да имаме; и трето, зошто плаќаме ако не сме задоволни од работата на тие „мајстори“ кои лажат дека го поправаат апаратот. А, под „мајстори“ во оваа ситуација подразбирам политичари и под „апарат за кафе“ мислам на политичкиот простор кој им е даден на Ромите во Македонија.

Следствено, користејќи една друга метафора на шаховска табла, во рамките на „правила на игра“ во претставничка демократија каква што има во Македонија, јас ја гледам суштината на проблемот на три нивоа: прво, Ромите не се перципираат како дел од „играта“; второ, во случаи кога Ромите се дел од политичката игра, тие се само пиони; трето и најважно, во ситуации кога Ромите се дел од политичката игра (иако како пиони) прашањето што се поставува е „Кој ја игра играта во име на сите Роми?“

Некои системи ги вклучуваат Ромите како еднакви играчи, додека други ги оставаат Ромите да бидат пиони на политичката шаховска табла. Постојат системи кои креираат такви услови што Ромите попрво самостојно се одлучуваат да бидат надвор од играта, наместо да партиципираат во системи кои ги дискриминираат.

Во случаи кога Ромите имаат место на политичката шаховска табла, кој управува со фигурите? Кој игра во наше име? Моето видување е дека Ромите во Македонија иако имаат етнички политички партии и претставници, тие сеуште не чувствуваат дека нивните политички претставници работат за добро на Ромите. Вака гледано, личи дека претставничката демократија не е игра која ги застапува интересите на Ромите во Македонија. И, зошто оние коишто би требало да работат во интерес на Ромите не го прават тоа и сакаат Ромите постојано да се дел од таа бесконечна дискриминаторска игра? Одговорот ќе го најдам во горенаведената изјава на Мухамед Ајваз: затоа што се додека имаме расипана машина за кафе (политички систем/правила на игра) се до тогаш мајсторите (политичарите) ќе профитираат. Многу јасна и очигледна ситуација! Ромските како и не-ромските политичари, веќе неколку децении профитираат на грбот на ромскиот народ кој скапо ја плаќа цената за неколкуте места во последните редови од шаховската табла кои нашите играчи себично и неефективно ги користат.

Дали Ромите треба да продолжат да бидат пиони во дискриминирачка игра или можеби е подобро преку надворешен притисок да ги променат правилата на игра? А, кој би се бавел со социјален проблем (како што Ромите најчесто се перципираат)? Јас би рекол дека нашите проблеми не се само социјални, туку (и тоа како) имаат политичка позадина. Тогаш, како треба да играме ако не сме социјален туку политички проблем? Едноставно и мудро – наместо постојано да плаќаме за поправање на стара и расипана машина, да одбереме нова функционална машина! Можеби купување на нова машина чини многу повеќе од постојано плаќање ситни суми за поправање на старата. Но, ако се собере се што во последните 30 години Ромите плаќаат одново и одново, тогаш сигурно е дека вреди да се плати цената за тотална промена на правилата на игра. Секогаш е подобро да се плати голема цена за следните генерации да живеат подобро, отколку да се продолжи со бесконечно плаќање ситни цени после секои избори, одново и одново. Радикални промени во македонскиот политички систем и политичката машинерија која ја претставува ромската заедница – веднаш! 30 години е доволен период за ромскиот народ да се освести и да каже „стоп“ за бесконечната дискриминирачка игра каде постојан губитник е обичниот народ! Доста самите си биравме играчи на коишто победата и губењето им е профитабилно и кои добиваат на наш грб и во име на нашите животи и оние на идните поколенија!

П.С. ЈАС сум Сирхан!

 Руфат Демиров – политиколог 
 Во моментот студент во ЦЕУ

https://www.romaversitas.org.mk/index.php/romaindex-activism/2020-02-14-10-59-47/456-2020-02-14-11-08-07


Bašo Amenge


Grupa taro terne Roma intelektualcija, novinarija, web dizajnerija, tehničarija, montažerija thaj javer personali savo so isilen baro iskustvo ki piri buti rodingje te keren nesto nevo ko mediumsko internet than ki Makedonija. Palo beshiba ko sostanok taro timi taro 24vakti.mk angjape decija kaj ko akava momenti falinela jek romano web tv portali savo ka nudinel pravilno, kvalitetno, informacija baši o Roma. Adaleske formiringape o www.24vakti.mk  ko adava sostanok čivgjem akala celija thaj pričine soske te formirina o jekutno romano web tv portali 24vakti.mk

24Vakti © Copyright 2015 – 2019, Sa o nijamija si protektirime