Врховниот суд на Северна Македонија донесе значајна пресуда во корист на Европскиот центар за правата на Ромите (ЕЦПР)

Врховниот суд на Северна Македонија донесе значајна пресуда во корист на

Европскиот центар за правата на Ромите (ЕЦПР) во врска со дискриминацијата на децата од Воспитно-
поправниот дом Тетово (моментално лоциран во Волковија) од аспект на пристап до правото на

образование. Колективната тужба (акцио популарис) го опфаќа периодот од 14 септември 2015 година
до 4 март 2020 година и вклучува наводи дека воспитно-поправниот систем за малолетници во Северна
Македонија не обезбедува еднаков пристап до образование за децата сместени во воспитно-поправниот
дом (директна дискриминација врз основа на статус). Бидејќи најголем дел од засегнатите деца се Роми,
тоа претставува и индиректна дискриминација врз основа на етничка припадност, што го повредува
правото на образование на децата. Врховниот суд му нареди на Апелациониот суд да ја повтори
постапката и ја нагласи потребата од подетална пресуда. За прв пат, одлуката вклучува и анализа на
индиректна дискриминација направена од страна на Врховниот суд во акцио популарис предмет,
нагласувајќи дека фокусот треба да се стави на нееднаквиот третман и различното влијание на истиот врз
поединци со различна положба.

ПРЕЦЕДЕНТНА ПРЕСУДА НА ВРХОВНИОТ СУД ВО ВРСКА СО ДЕЦАТА
КОИ НЕМААТ ПРИСТАП ДО ОБРАЗОВАНИЕ ВО ВОСПИТНО-ПОПРАВНА
УСТАНОВА ЗА МАЛОЛЕТНИЦИ ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

Пресудата на Врховниот суд од 21 февруари 2024 година означува суштински чекор за
обезбедување правда за децата Роми во Северна Македонија, изложувајќи ја системската
дискриминација со која истите се соочуваат. Правната директорка на ЕЦПР, Сенада Сали, ја
поздрави одлуката и делотворноста на Судот:
„Заложбата на Врховниот суд да испорача правда за децата од воспитно-поправните домови
е она што заслужува вистинска почит во овој предмет. Преку ваквата прецедентна одлука
и инсистирањето на детална анализа на случаите на дискриминација, судиите не само што
го применија правото, туку и застанаа во заштита на правата на најранливите меѓу нас.
Нивната анализа на концептот на индиректна дискриминација додава нова димензија во
правното разбирање на овој концепт во Северна Македонија. Сега фокусот треба да се врати
на Апелациониот суд со надеж дека судиите ќе ја почитуваат одлуката на највисокиот суд
во државата“.
Тужбата на ЕЦПР беше заснована на посета на воспитно-поправната институција во 2017 година
и на две инспекции направени од страна на Народниот Правобранител, кои покажаа дека
малолетниците сместени во институцијата не добиваат формално образование, што има
диспропорционално влијание врз децата Роми. Последователно, овие млади Роми, по нивното
напуштање на воспитно-поправниот дом, го почнуваат својот живот како возрасни лица кои
секојдневно се соочуваат само со расизам, исклучување и дискриминација, а воедно се спречени
да имаат пристап до можности за работа поради недостиг на диплома за завршено основно или
средно образование.

Историјат на предметот

ЕЦПР почна да работи на предмет против Министерството за правда и Министерството за
образование уште во 2017 година, тужејќи го воспитно-поправниот систем за малолетници во
Северна Македонија за индиректна дискриминација каде децата Роми се диспропорционално
застапени и не добиваат формално образование.
Претходно, ЕЦПР имаше покренато индивидуална тужба во име на поединец Ром кој бил
штитеник на институцијата, поднесена на 18 мај 2018 година пред Граѓанскиот суд Скопје против
Министерството за правда – Управа за извршување на санкции, Министерството за образование
и наука и Воспитно-поправната установа за малолетници Тетово. Сепак, на 16 септември 2019
година, граѓанскиот суд донесе негативна одлука.
На 4 март 2020 година, ЕЦПР поднесе колективна тужба (акцио популарис) пред Основниот
граѓански суд Скопје, со наводи за дискриминација врз децата од Воспитно-поправниот дом
Тетово во врска со пристапот до правото на образование. Во тужбата се наведува дека во
периодот од 14 септември 2015 година до 4 март 2020 година, тужените не обезбедиле основно
и средно образовани со што го повредиле правото на еднаквост на децата. ЕЦПР побара тужените
да бидат задолжени да обезбедат формално образование во рок од три месеци и да ги
надоместат трошоците за постапката. На 2 март 2021 година, Судот делумно го прифати
тужбеното барање и им нареди на тужените да обезбедат формално образование на децата и да
ги надоместат трошоците за постапката во овој предмет. Сепак, тужените поднесоа жалба во

предметот и, на 23 декември 2021 година, Апелациониот суд ја поништи претходно донесената
пресуда и му нареди на понискиот суд да ја повтори постапката.
По повторената постапка, на 18 март 2022 година, Основниот граѓански суд повторно делумно го
прифати тужбеното барање, издавајќи наредба за обезбедување образование и надоместување
на трошоците за постапката. Повторната жалба од страна на тужените беше прифатена на 1
септември 2022 година, при што Апелациониот суд целосно го одби тужбеното барање и му
нареди на ЕЦПР да ги надомести трошоците на тужените за водење на постапката.
Конечно, на 26 октомври 2022 година, ЕЦПР поднесе ревизија до Врховниот суд наведувајќи
значајни повреди на граѓанската постапка и несоодветна примена на материјалното право. На 21
февруари 2024 година, Врховниот суд го прифати барањето и му нареди на Апелациониот суд да
ја повтори постапката за предметот и да донесе детална пресуда. Ова е прва ваква пресуда на
Врховниот суд на Република Северна Македонија во предмет поведен врз оснона на акцио
популарис тужба од страна на меѓународна невладина организација. Пресудата на Врховниот суд
вклучува и анализа на индиректна дискриминација во која се вели дека, во случај на индиректна
дискриминација, фокусот не се става на нееднаквиот третман, туку на ефектите од таквиот
третман кои лицата со различни позиции може различно да ги почувствуваат, т.е. разликата во
третманот може да биде во форма на диспропорционални ефекти на пристрасност од некоја
генерална политика или мерка, изразена на неутрален начин, којашто дискриминира одредена
група на лица.

Dzulia Selim Memed

https://www.24vakti.mk

Related post