Во вторник ќе биде потпишана Заедничка декларација меѓу Министерството за внатрешни работи и Сојузното министерство за сообраќај и дигитална инфраструктура на Сојузна Република Германија за признавање и замена на возачки дозволи, објави министерот за вантрешни работи Оливер Спасовски на својот официјален Фејсбук профил.
Многу македонски граѓани кои живеат и работат во Германија долго веме укажуваа на проблемите што ги имаат со непризнатите возачки дозволи.
Во јуни македонската Влада соопшти дека е усвоен извештајот за преговорите со усогласен текст на заедничка декларација што како што се наведуваше во соопштението од владината прес служба е последна фаза пред потпишување на декларацијата од страна на двајцата министри, со што таа и официјално би стапила на сила.

Потпишувањето на декларацијата ќе значи возачките дозволи ќе им бидат признаени на полнолетни лица со важечка возачка дозвола, издадена од надлежните органи во Македонија и во Германија и кои имаат законски престој на македонска територија (најмалку 180 дена во една календарска година) или на територијата на Германија (најмалку 185 дена во годината).
