Германија: Секое трето ромско дете не завршува училиште
Исти образовни шанси за сите во Германија? Студија на Здружението РомноКер покажува напредок во подготвеноста за образование кај најголемото европско малцинство, но и дискриминација
„Ти си никој и ништо, за ништо не те бива“, со векови важи ваков начин на обраќање кон ова малцинство, некогаш суптилно, а некогаш отворено, вели Себастијан Куртиси за Дојче веле, еден од анкетарите во изработката на студијата на РомноКер меѓу староседелците и имигрантите Синти и Роми. РомноКер е здружение на Синти и Роми, кое би требало да ја одржи нивната култура и идентитет, а неговата студија ја поддржа Фондацијата сеќавање, одговорност и иднина (ЕВЗ).
Научно се обработени 614 интервјуа. Куртиси е исто така припадник на малцинството кое брои околу 6,3 милиони луѓе во ЕУ со заеднички ромски јазик – романес. Државите-членки на ЕУ се повикани експлицитно да го поддржат учеството на Ромите во образованието, а 80 % од испитаниците него го сметаат за многу важно.
Зошто мислите дека сум таков?
Себастијан Куртиси е Ром роден во Македонија и израснат во Србија. Завршил техничко училиште и со 17 години со родителите избегал во Германија. Во меѓувреме има германски пасош. Работел во Ахен во постројка за десулфуризација, а денес е социјален работник и советува луѓе кои се приматели на социјална помош Харц 4. Во еден момент го сфаќате обемот на предрасудите кон нас, вели тој: „Тоа е народ на крадци, музиканти, гатачи и просјаци… Зошто мислите дека и јас сум таков?“
Авторите на студијата укажуваат на расизам, антициганизам и дискриминација. 40 % од испитаниците зборуваат за дискриминација на нивните деца, воедно и од наставниците и од учениците, две третини се чувствуваат дискриминирани, и во образованието. Но, таму каде наставниците имаат поголеми очекувања од децата од малцинствата, тие деца во просек постигнуваат добри резултати.
Тоа може да го потврди и Марија Шуекер-Вајс, припадничка на народот на Синти и Роми која исто така работела во студијата како анкетар. За Дојче веле таа зборува за мајка на син на која поради германското презиме ѝ се обраќаат најнормално. Но кога таа и сопругот ќе се појават во училиште, со „црна коса и темен тен на кожата“, им поставуваат чудни прашања. Одеднаш детето мора да оди на дополнителна настава, иако е добар ученик.
Имаше голем револт кога неодамна полицијата привела 11-годишно момче со лисици на рацете без да ги информира родителите.
Страшни разлики во однос на останатото население
Во однос на поранешни истражувања и претходни генерации, РомноКер студијата покажува напредок во образованието, вели за ДВ Карин Куда, педагог на Европскиот универзитет во Фленсбург и една од авторите на студијата.
Во меѓувреме сите деца од малцинствата посетуваат настава во основно училиште, но „голем број испитаници и натаму од училиште заминуваат со празни раце“ – секое трето дете не го завршува училиштето, што значи нема никакво занимање, па потоа добива само лошо платени работи. Кај најмладите испитаници има двојно помалку без диплома, но и тоа е ногу повеќе од просекот на вкупното население – само пет проценти возрасни во Германија немаат завршено училиште.
Без оглед на сиот напредок кај младите испитаници, се покажува „застрашувачка разлика во однос на просекот на државно ниво“. Помалку деца одат во градинка, многу малку завршуваат училиште или факултет. Додека 15 проценти од испитаниците под 30 години завршуваат училиште, само 4 % проценти завршуваат факултет. Една од причините е што семејствата не можат да ги поддржат децата и не наоѓаат пристап до помошта, покажало испитувањето.
Долгорочни последици од нацистичкиот прогон
Соосновачот на Здружението РомноКер, Даниел Штраус во 2011 година ја направил првата студија за образованието на ова малцинство. Неговиот татко, раскажува Штраус за ДВ, е еден од ретките кои го преживеале холокаустот, останал неписмен поради забраната за школување за ова малцинство. „Затоа се грижел неговите деца да учат“, вели Штраус.