Ден на слободата на медумите – македонските новинари со потпросечни плати и се уште изложени на закани и напади

Северна Македонија е рангирана на 36. место во извештајот на „Репортери без граници“ за слободата на медиумите во светот за 2024 година. Извештајот ја оценува состојбата на државата како задоволителна.

„Иако новинарите не работат во непријателско опкружување, раширените дезинформации и недостатокот на професионализам придонесуваат за опаѓање на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади“, забележува извештајот.

Во него се вели дека „владините функционери имаат тенденција да имаат лоши и понижувачки ставови кон новинарите“.

„Целокупното опкружување останува поволно за слободата на печатот, но владините агенции не се многу транспарентни и критичкото новинарство е сè повеќе подложно на напади“, се вели во однос на политичкиот контекст.

Организацијата вели дека поради силната политичка поларизација, медиумите можат да бидат под притисок на властите, политичарите и бизнисмените, и на национално и на локално ниво.

„Двете најголеми партии (на власт и во опозиција) создадоа паралелни медиумски системи врз кои го вршат своето политичко и економско влијание. Јавниот радиодифузен сервис нема уредувачка и финансиска независност“.

„Репортери без граници“ нотира дека иако уставот ја гарантира слободата на говорот и забранува цензура, „земјата бавно го усогласува законодавството за медиумите со стандардите на Европската Унија, на која има намера да се приклучи“.

Состојбата во другите држави во регионот е оценета како задоволителна (Црна Гора), тешка (Албанија и Србија), проблематична (Косово, Бугарија и Босна и Херцеговина).

Извештајот ја оценува слободата на медиумите во 180 држави во светот. САД се рангирани на 55. место. Таквата состојба е оценета како проблематична.

САД паѓаат за 10 места, како што се подготвуваат за изборите во 2024 година во услови на зголемување на недовербата во медиумите, која делумно е поттикната од отворениот антагонизам од политичките функционери, вклучително и повици за затворање новинари.

„Во неколку случаи од висок профил, локалните органи за спроведување на законот имаат спроведено застрашувачки акции, вклучително и рација во редакции и апсење новинари“, се вели во извештајот.

 

Dzulia Selim Memed

https://www.24vakti.mk

Related post