Државна делегација на конференција во Атина ги претстави приоритетите и стратегијата за интеграција на децата Роми

Размена на искуства, презентација на националните стратегии, можности за идна соработка, се темите за кои дискутираат делегациите од 12 земји од Југоисточна Европа, меѓу кои и од Северна Македонија, на дводневната конференција во Атина за правата и интеграцијата на децата Роми, организирана од Секретаријатот за социјална солидарност и борба со сиромаштијата при Министерството за труд на Грција и УНИЦЕФ, јави дописничката на МИА од Атина.

Мабера Камбери, раководителка на Секторот за координација и техничка помош на министерката за труд и социјална политика, Наташа Димеска, шефица на Кабинетот на министерката, Елка Тодорова, раководителка на Одделението за заштита на децата и семејството, како и Александар Николов, специјалист за социјална политика во УНИЦЕФ, се дел од четиричлената делегација од Северна Македонија.

Во разговор со дописничката на МИА, Камбери истакнува дека иако сме земја кандидат за членство во ЕУ, за конкретното прашање сме многу понапред од државите што се дел од Унијата, што на некој начин би значело дека повеќе тие можат да научат од нас, отколку ние од нив.

Таа објаснува дека конференцијата е важна, бидејќи можат да се разменат искуства, „да видиме што прават земјите членки на ЕУ, што прават земјите кандидатки за членство во ЕУ“.

– Причина е што од 2020 година фактички почнаа земјите членки да прават стратегии за ромската заедница, за разлика од нас, кои сме во претпристапните преговори, ние со почетокот на декадата во 2005 година бевме задолжени да правиме стратегија, акциски планови само за ромската заедница. Мислам дека без разлика што нив им стојат на располагање голем број на фондови, ние, земјите од Западен Балкан работиме многу повеќе од нив за инклузија на Ромите, објасни Камбери.

Таа додаде дека ние сме под постојани мониторинзи, односно секои два до три месеци сме должни до Европската делегација да праќаме извештаи што работиме, а земјите членки тоа го прават на две години.

Камбери на состанокот говореше за домувањето што, како што рече, е една од приоритетните области и во новата владина стратегија усвоена во јануари и истакна дека за жал ние не можеме да ги користиме социјалните фондови и на располагање го имаме само ИПА инструментот.

– Ние работиме и на полето на бездомништво каде што во Визбегово имаме сместено 15 семејства со кои работи Центарот за социјална работа и невладини организации, а ги координира Министерството за труд и социјална политика, не само во делот за обезбедување на привремено живеалиште, како што јас го нарекувам, туку и нивна интеграција. Нивните деца се носат во училиште, тие се активни на пазарот на трудот, што значи нивна целосна социјална интеграција, објасни Камбери за МИА.

Од друга страна, шефицата на Кабинетот на министерката за труд и социјална политика, Наташа Димеска на конференцијата се задржа на вклучувањето на децата Роми во предучилшното образование и рече дека целта е да се постигне 50 проценти вклученост на децата во предучилишното образование, а во изминатите години со отворањето на повеќе од 45 објекти се обидуваат да го доближат предучилишното образование до сите деца, како до оние со посебни потреби, така и до Ромите.

– Кога станува збор за вклучување на Ромите, од 2006 година до денес го работиме проектот за вклученост на децата Роми во предучилишното образование заедно со поддршка на Ромскиот фонд за едукација. Во изминатите годни работиме на вклучување на децата од три до шест години во предучилишното образование, со тоа што во 20 општини ги интегрираме децата во градинките и истовремено вработуваме 20 негователки кои им помагат на децата во инклузијата и интеграцијата во предучилишното образование, но истовремено имаме и 20 ментори кои работат со нивните семејства за да ја подигнат свест за потребата и важноста од вклученоста на децата, вели Димеска за МИА.

Таа додава дека како посветеност на целиот овој процес, Владата во 2018 година издаде еден вид на укажување до општините за децата од ромска националност да бидат ослободни од партиципација за нивното присуство во градинките.

На дводеневниот состанок во Атина на делегациите од земјите од Југоисточна Европа за правата на децата Роми и нивната интеграција, учествуваат делегации од Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Косово, Црна Гора, Романија, Србија, Чешка , Словачка, како и домаќинот Грција.

Конференцијата започна утрово, со обраќања имаа министерот за труд и социјални прашања на Грција, неговата заменичка, алтернативниот шеф на грчката дипломатија, како и регионалната директорка на УНИЦЕФ за Европа и централна Азија.

Related post