За многу години празникот Ерделези!
Прославата на Ѓурѓовден/Ерделези претставува голем настан кај ромската заедница во Македонија бидејќи тие го сметаат за “свој“ празник.
Се верува дека со одбележувањето на празникот, завршува зимата и започнува летното време како можност за нова работна сезона која ќе обезбеди поголем бериќет во текот на годината. Токму затоа и обредите кои се прават одат во насока на зачувување на здравјето кај домашните, поголема плодност кај младите.
Овој празник претставува семеен и колективен настан каде што на спонтан начин колективот, односно заедницата го прославува на јавните површини. Во подготовката и обредната прослава, вклучени се и најмладите така што се верува во надежта за продолжување на семејната традиција.
До крајот на 90-те години, празнувањето на Ѓурѓовден/Ерделези масовно се прославуваше од сите Роми. Според записите на професорката Елси И. Дунин, во Скопје сите Роми од населбата Топаана и Шуто Оризари, масовно го прославуваа овој празник без разлика на нивната вероисповед .
Подготвителната фаза на празникот започнува неколку недели претходно со темелно чистење на домот, купување на јагне и купување на нова облека за децата. Празникот Ѓурѓовден/Ерделези кај Ромите од Македонија се слави повеќе дена. Во некои градови, прославата започнува од 5 до 7 мај, а кај повеќето населби низ земјата празнувањето трае четири дена, започнувајќи од 6 до 9 мај.
Кај балканските народи, именувањето на празникот кој ја најавува пролетта и бујната вегетација се именува како Ѓурѓовден, Gjurgovden или Đurđev Dan и сите називи имаа исто значење само на различен јазик. Ова именување се однесува на денот на воинот – маченик, кој во православната религија е насликан на бел коњ кој со копје прободува змеј. Во христијанската уметност, змејот е симбол на гревот и често победен од некој светец или маченик, во овој случај Св. Ѓорѓија. Турската алузија на настанот е од арапско потекло со значење на “зелено“ или “Hizir“. Според една дефиниција во турски речник, “Hidirllez“ е 40-от ден по пролетната рамноденица односно на. Етимологијата на зборот “Hidrlez“ е поврзана со една од легендите за пророците Хизир (Hizir) односно Х’д’р (тур.: Hidir, арап.: Al-Khidr) и Иљаз (Ilyaz, т.е. Eliyah, мак.: Илија). Постои една легенда поврзани со митските личности каде се верува дека Хизир шета по земјата и е носител на изобилие додека Иљаз е господар на морињата и секоја година се сретнуваат на земјата на 6 мај и разговараат а после нивната средба, земјата позеленува и расцветува, природата разубавува а водите во морињата нараснуваат.
Ерделез или Х‘др‘лез е турски збор со кој Турците го нарекуваат овој празник на обновување на летото.
Во истражувањата на многу етнолози и фолклористи како и во народната книжевност кај Ромите, може да се забележи дека често се употребува и називот “Ерделез“, “Едрелези“, “Херделези“. Ромите во Македонија го обнародија терминот Ѓурѓовден поради словенскиот назив кој е широко распространет во Балканот, а исто така е познат и под ромски називи: “Ѓурѓевдани“, “Гурдани“, “Џурџевдано“.
Автор: Даниел Петровски – антрополог и етнилог