ЗА РАСТЕЧКИОТ РАСИЗАМ И ПОЛИТИЧКИОТ МАРАТОН НА ЕУ ИНТЕГРАЦИИТЕ НА МАКЕДОНИЈА (ОД ЛАНИ СЕВЕРНА)

Настаните во државава ни се случуваат со филмска брзина, филм чиј крај е многу непредвидлив. Исто така, тешко ми е да го одредам филмскиот жанр според тековните настани затоа што монополот на политичка и бизнис корупција се толку превртливи и непредвидливи процеси што ниту една филмска сапуница или криминален трилер не може да ги „свари“ во некое стандардно сценарио.

Општествениот хаос во С.Р. Македонија си има свои актери и сценаристи, додека режисерот (или режисерите) остана непозната или невидилива личност (или јас не сум доволно паметен да ја препознам). Сакале или не, секој од нас е дел од овој филмски маратон. Стандардно, актерите (читај бизнис и политичката елита)  свесно ја играат својата улога на сцената, додека останатите – статистите и гледачите – се збунето-недефинираниот и полусвесен дел на филмот. Нивните улоги и места се променливи зависно од менливоста на владетелите во политиката и бизнисот. И така во круг, сите заедно сме производ, реакција и контрареакција на комплексен систем на идеи, настани и дејства кои се константно потхранувани од комерцијални интереси за профит, културолошки и  религиозни предубедувања, вклучително амбициите на разни структури и поединци.

Сакам да верувам дека сите посакуваме и стремиме да имаме филм со “happy end”, но од друга страна свесен сум дека за тоа одлучуваат режисерот и сценаристот. Досега, овие триесет години, сценариото и дејствието на нашиот општествен  хаос одеше по потешкиот и стрмоглав пат. Патот проследен со политичка нестабилност, системска корупција во јавниот и приватниот сектор, меѓуетнички тензии, невработеност, сиромаштија и прикриен расизам влијаеше врз многу судбини, однесување, одлуки и дејствија кои сите ние свесно или несвесно ги преживеавме во овие три децении.

За да се вратам на поентата за филмската брзина на настаните, не треба да одам далеку во минатото, иако тоа е генерализирано во погорните редови. Како пример ќе ги земам настаните во последните две недели, реакциите на институциите, вестите по медиумите и „чаршиските“ оговарања на социјалните мрежи.

***

Минатонеделните настани во Битола и Прилеп ги вратија назад долго потиснатите теми во јавниот дискурс на нашето општество: структурниот расизам и омразата кон Ромите. Овој пат, како и многу пати претходно, во двата случаи главни актери беа полицијата и Ромите. Во Битола Ромите беа  жртви на полициски расизам и бруталност а во вториот, групата на прилепски дрвокрадци, Ромите беа насилници и тепачи на претпоставувам шумската полиција. За разлика од минатото, кога имаше слични испади, горе-доле реакциите на одговорните институции и медиумите беа навремени, со одредена доза на политичка и стереотипна пристрасност. Насилните полицајци се суспендирани а дрвокрадците приведени. Некои структури побрзаа да постават равенство меѓу двата настани со цел да ги прикажат Ромите како извор на проблеми во оваа држава.

Медиумите и двата настани  ги прикажаа согласно својата уредувачка политика, што значи нивните информации беа целосно и делумно пристрасни, со мал број на медиуми кои се држеа на словото на законот и беа објективен извор на информација. Од друга страна, социјалните мрежи повторно беа поле за изразување на омраза и навреди, поддршка на едните или другите, повици за насилство, екстерминација на Ромите, итн. Она што е за мене изненадувачки ново е растечкиот број поддржувачи на белиот расизам и нивните јавни изјави на фејсбук и другите социјални медиуми. Мојата прва претпоставка е дека гнојот искажан на фејсбук е дел од културниот мозаик на нашето општество кој длабоко тлее подолго време (ако не од секогаш) на ова поднебје. Далеку од некое си генерализирање на културата за соживот според фејсбук изјавите, мојата претпоставка ја заснивам на неколку факти:

  1. Во време на информациски хаос, многу лесно се искажува личниот став и мислење за се и сешто на социјалните мрежи и портали, без трезвено размислување за последиците и можното прекршување на законот. Има и такви кои знаат и намерно го прекршуваат законот, охрабрени од неефикасноста или игнорантноста на државните институции, па си пишуваат што сакаат ( од идеолошки, расистички или комерцијални причини).
  2. Во време на општествена, економска, социјална и културна криза (додатно обременета со здравствена), акумулираните лични фрустрации, слабости, амбиции и идеи на недокажаните и неостварени личности чекаат било која прилика и можност за да се манифестираат јавно и најдат поддршка во психологијата на масата.
  3. Во време на масовна нестабилност и несигурност, ментално незрелите и културно заостанатите, стануваат виртуелни „херои“ преку некој пост или текст поради тоа што најдоа „храброст“ да напишат две-три реченици против „заедничкиот непријател“ на мнозинската маса.

Да бидеме на јасно, едно е да се објави порака со омраза и повик за линч кон некого, а друго е тоа да се стори во дело. Законот е јасен и прави јасна дистинкција меѓу двете дела. Меѓутоа законската регулатива е недоволна ако во меѓувреме не се работи на превенција и додатни образовни мерки со граѓаните од сите возрасти. Згора на тоа, на сите страни ечи дека имаме слаби институции и катастрофална имплементација на законите затоа што државата вработи партиски послушници.

Од самото осамостојување на оваа држава, одредени политички и граѓански групации веруваа дека ова е само нивна држава и дека како мнозинство имаат право да ја уредуваат според принципите на белиот супремацизам. Таквиот наратив и политичка реторика на неколку партии си најде непријател во се она што не е етнички македонско и религиозно не-православно. Три децении беа доволно време за да се конструира меѓуетнички антагонизам и расна омраза кај неколку генерации граѓани на оваа држава. Нивните верувања и идеологија се хранети со античка историја, политички дилетантизам и опортунизам и моно-културно вреднување на општествените норми и принципи на демократијата. Ова се однесува на дел од македонските граѓани, кој верува во својата супериорност над останатите групи на граѓани, различни по етнос или религија.

Битолско-Прилепските настани брзо се заборавија. Ефектите од двата протести засега остануваат мистерија а актерите – насилниците, криминалците и жртвите ќе мора сами да се носат со последиците од нивните (не)дела. Во сета ова галама ми недостигаат информации за групата дрвокрадци од Прилеп. Нема информации каде се сега луѓето, дали се во притвор или на слобода, како се третирани од страна на полицијата во истражната постапка, имаат ли правен застапник, дали некоја организација дава некаква поддршка и помош на истите и нивните семејства? Многу други прашања и проблеми произлегоа и ќе доаѓаат во наредниот период и се се плашам да немаме судска одлука слична на онаа со украдените ќебапи. Ако дочекаме таква судска разрешница, а во меѓувреме не знаеме дали луѓето се малтретирани, тепани и приморани да признаат дела според закони за кои немаат појма, тогаш ќе биде доцна за било кое оправдание дека сме посвесни, поорганизирани и посолидарни како ромска заедница.  Во Прилеп треба ургентно некоја од локалните ромски организации во соработка со локалните политички лидери да бидат во тек со истражната постапка и судскиот процес, навремено да известуваат за неправилности и прекршување на законот од страна на институциите. Само така ќе може да се контролираат надлежните органи и институции да не ја искористат својата моќ неправилно и вон законските рамки. Ако некој крадел и бил насилен, полицијата и судот немаат право да бидат насилни и да го крадат законот! Ако тоа го сторат тогаш ќе мораме да ги гониме во судска постапка како расисти. За тоа секој детал и информација во следните месеци/години ќе бидат многу важни.

 

***

Пред неколку дена беше објавен Извештајот на Европска Комисија за С.Р. Македонија за 2020 година во однос на процесот на пристапување кон ЕУ. Надлежните функционери од двете страни, ЕК и државата образложија одредени делови и детали од извештајот како напредок и секако што останува понатаму да се одработи од страна на нашето општество. Тука потенцирам дека цело општество треба да е ангажирано во овие процеси затоа што ова не е процес на политичка и економска трансформација и превземање на ЕУ законодавството. Процесот на придружување има повисоки цели кои се викаат ЕУ вредности и истите треба да се аплицираат од секој граѓанин. За жал, институциите, медиумите и граѓанскиот сектор не успеаа да ја донесат оваа димензија на дневен ред на локално ниво и на ниво на заедниците, така што изгледа дека ЕУ интеграциите ќе останат политичка и бирократска сопственост.

Во истиот период Европската Комисија ја усвои новата Стратешка Рамка за Ромите во ЕУ. Овој пат таа опфаќа седум клучни области и временски е до 2030 година. Малку збунува што ЕК излезе од својот „стандарден“ мандат и усвои документ кој ќе трае подолго од нејзиниот седум годишен мандат. Било како, според мене ова е добар чекор и позитивно за нас затоа што ромското прашање бара среднорочно планирање на политики и секако континуитет во нивното спроведување. Иако процесот на подготовка на Стратешката Рамка не беше доволно отворен, претпоставувам дека имаше консултации со дел од ромските меѓународни организации. Впрочем, искуствата и научените лекции од минатите години укажуваат дека ромските проблеми и потреби се јасно формулирани. Она што треба да се реши се инструментите на имплементација и користењето на финансиските средства на оддржливи резултати.

Во однос на Извештајот на ЕК за С.Р. Македонија и новата Стратешка Рамка на ЕУ повторно би сакал да ја истакнам важноста на три елементи кои како квалитет се значајни во реализирањето на стратешките определби на ЕУ и земјите кои пристапуваат: политичка одговорност, финансиски мониторинг и градење на ромско-фокусирани капацитети во рамките на државните институции.

Ромското прашање има видлив напредок кога е во прашање планирањето на јавни политики на ниво на ЕУ, вклучително земјите кои се во фаза на пристапување. Наративот, институционалната реторика и свесност за ромските проблеми се во голема мера подобрени, инкорпорирани во легислативата на ЕУ членките при што се формирани одредени административни структури во рамките на централните и локални власти. Ова го немавме на почетокот на 90тите години и тоа треба да го препознаеме како нов квалитет во Европа. Секако тука не треба да се застане затоа што дијалогот и планирањето на институционално ниво се недоволни ако нема имплементација и позитивни промени во заедницата. Сега сме во таа фаза, каде што сите страни се заинтересирани за прогресот на заедницата.

Во изминатите години често слушавме критики и оправданија дека нема доволно политичка волја за имплементација на Ромската стратегија. Прво, не треба да си дозволиме како заедница да чекаме и бидеме зависни од нечија политичка волја или желба. Владите и државните институции имаат политичка и институционална одговорност! Терминот политичка волја е измислен и празен термин затоа што луѓето кои се поставени на јавни функции својата лична волја не може да ја внесат во нашите институции. Личната волја е за дома и во слободно време, вон јавните функции и институции. Законите, јавните политики и планови се тие што ги дефинираат задачите и обврските на функционерите. Е сега, да не звучи текстов како теорија, прашањето е како ромската заедница ќе бара политичка и институционална одговорност од надлежните структури и официјални претставници на државата? Дали овој квалитет ќе го оставиме на нашите политички лидери, ромски организации, локални лидери и ромските медиуми, секој на свој начин и со свое знаење и интерес јавно да бараат отчет од одговорните или пак ќе најдеме начин и механизам како тоа да го правиме заедно, со јасни цели и улоги? Едно е јасно, нашата култура на барање јавна одговорност е незрела и фрагментирана, исполнета со многу ситни индивидуални интереси и опортунизам. Поради тоа, цената ја плаќаме преку лошата имплементација на јавните политики дефинирани од Стратегијата за Ромите. Ако овој квалитет и промена не дојде во ромската заедница, многу е веројатно дека во 2030 година ќе критикуваме и бараме виновник за стагнирањето на нашата заедница и нереализирањето на стратешките цели.

Финансискиот мониторинг е втората димензија која е дефицит на ромската заедница за рамноправно учество во политиките на ЕУ и нашите држави. Стратегијата за Роми на ЕУ и државно ниво имаат структурна слабост што немаат буџетска рамка. Искрено кажано, никој во Европа не знае ниту може да каже колку чини интеграцијата на Ромите. Нема таква структура или организација која тоа може да го дефинира, ниту пак има доволна оперативна моќ и капацитет да произведе колективна промена кај Ромите во Европа. Во овие три децении и ние самите не сме на јасно за бројката на Роми кои имаат потреба за поддршка од страна на државата.

Кога станува збор за финансиите, грешката на ЕУ и државите е што секогаш се фалат со одредени суми во некое пост-имплементациско време. Во најновиот документ на ЕК Стратешката Рамка за Ромите се истакнува дека во последниот 7-годишен циклус 2014-2020 ЕУ потрошила над 21 милијарди евра. Оваа сума е голема и за нас и за гаџованите, во која оправдано двете страни се прашуваат како и на што се потрошени парите, знаејќи ја непроменетата ситуација на ромската популација во Европа. Тоа е логично клишеизирано прашање на кое никој неможе да даде едноставен и јасен одговор. Тешко е да се најде некој одоговор или информација во лавиринтот на годишни извештаи од страна на државата и граѓанските организации, затоа што бројките и евиденцијата се фрагментирани според година на имплементација, сектори, финансирани од локално, регионално или централно ниво, други донатори и развојни агенции, за кои не може да се одреди дали изворот на средства е во прилог на ЕУ стратегијата или ад-хок интервенција. Во 2016 година Европскиот Суд на Ревизори објави специјален извештај за користењето на ЕУ фондовите наменети за Ромската Стратегија во кој за жал не даде квалификувано мислење за користењето на ЕУ фондовите.

Претпоставувајќи дека оваа култура на делување (бирократски навики) на институциите ќе продолжи во следните 10 години, очигледно е дека првата промена треба да се случи кај ромската заедница и лидерите на политичките партии и граѓанските организации. Барањата за политичка и институционална одговорност се тесно поврзани нашите капацитети и знаење за финансискиот мониторинг, прецизните информации и детали за сработеното на терен, и секако релевантноста и намената на „големите“ пари во име на Ромите од страна на не-ромите и секако нашите ромски структури.  Ова е долг и комплексен процес во кој треба да се позиционараме во сите можни области на делување. Тоа изискува внатрешна кохезија, делегирање на најдобрите и најпосветените меѓу нас, со јасна платформа за нашата колективна цел. Само така нашата еманципација ќе добие нова вредност и посакувана дестинација – интеграција, еднаквост и правичност.

 

Октомври 2020

Надир Реџепи

Dzulia Selim Memed

https://www.24vakti.mk

Related post