Надир Реџепи

Има (ли) лек за македонскиот капитализам!?

Колумна

Нашата држава е тешко заболено општество! Болни се сите, државни институции, политички партии, бизнис сектор, определени и неопределени, вработени и невработени, богати и сиромашни, учени и самоуки, народски кажано сите од седум до седумдесет и седум. Македонија боледува подолго време, доволно долго за да ги ослепи партиските војници и постепено ја убива надежта кај неопределените – како што не нарекуваат и едните и другите – односно политички определените кои слепо веруваат дека се вистинската опција за водење на оваа мала земја.
Определените не се само слепи туку и глувонеми сведоци на многу неправди и насилство, практикувани преку политичко-институционалниот терор од страна на нивните политички миленици. Заглавени во нарцисоидната илузија и политикантска малодушност, партиските војници безобзирно го узурпираат нашето секојдневие и право на слободен избор и достоинствен живот.

Скоро сите политички опции ги маскираа своите гнили комерцијални интереси преку само- легитимирање на нивните тн. партиски цели во името на народот и државата. Нашето премолчено прифаќање дозволи јавната критичка мисла да се користи само од политички подобните гласноговорници со само со една цел – деградирање на спротивната страна без разлика на последиците врз целото општество.
Козите ни цркнаа одамна, бидејќи, тоа беше многувековна амбиција за и на нашите соседи. Таа култура на завист денес е трансформирана во системска култура на меѓусебно уништување по сите можни основи. Можно е да се прашате која е разликата меѓу зависта за козите и меѓусебното истребување? Разликата е во тоа што зависта, во одреден степен, поттикнува натпревар и амбиции за успешност додека системското истребување цели да ги елиминира успешните по било кој основ и по било која цена. За жал, завидувањето беше и остана малограѓанска индивидуална особина додека меѓусебното истребување стана институционално решение и инструмент за владеење и експлоатација.

Народот од овие простори бил поробуван и експлоатиран многу векови но ниту еден окупатор не успеа до толку да го скрши неговиот слободарски дух и отпор. Денес сме заробеници на самите себе затоа што не успеваме да раскрстиме со културата на вазалска потчинетост кон владетелот иако беше јасно дека во изминатиот четврт век владеачките елити беа многу далеку од стандардите на култура на владеење во развиените демократии. Но, и покрај сето деградирање на животниот стандард ние упорно одбиваме да признаеме дека причината за нашата општествена незрелост и демократска заостанатост доаѓа од нашата конзервативна култура на тесноградно и сомнително гледање кон развиениот свет. Ја посакуваме благосостојбата на развиените земји а не сакаме да се откажеме од деспотско-вазалската филозофија на меѓучовечки односи.
Метастазирањето на болеста како и секогаш започна неприметно, од внатре, од самиот врв на мала група луѓе кои се нарекуваат политичари. Истите беа доволно препредени во легитимирањето на нивните старо/нови идеологии кои се во голем дел деформирани позајмици од идеолошките матрици на развиените европски демократии. Вештината на ситничава препреденост беше успешно аплицирана при препакувањето на реториката во име на многу-вековната еманципиција на идејата за самостојна држава. Сите се декларираа како поборници за слобода, суверенитет и демократски напредок на нашата убава земја додека нивните дела полека ама сигурно ја претворија во грдосија изложена на меѓународен срам и потсмев. Сите се изјаснуваа дека ја сакаат а се што сторија го потврдува обратното.

Нашите политичари многу брзо и лесно ја сменија политичката облека за да првично успеат да не убедат во демократското шаренило на идеи и стремежи. За жал, веќе во првите чекори се виде дека навиките и однесувањето се стари а реториката на ветување е лажна. Едните ги имаа вештините и итрината на претходниот режим а вторите пак беа наивни, да не кажам полу-учени, заробени ентузијасти на недовршената идеолошка матрица од почетокот на минатиот век. Сега кога се симнаа маските повторно се уверивме во грдата вистина за владетелот. Дали е домашен или е туѓинец, тој секогаш е злобен и алчен и како таков секогаш (ќе) ни ги краде минатото, сегашноста и иднината.

Ако не ги препознавте досега, тоа се политичките партии на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Овие две партии ја наметнаа културата на политички канибализам, проследена со постојан терор врз институциите и јавниот резон. Ќе приметите дека тука (намерно) не ги спомнувам бизнис секторот и медиумите, кои за жал се претворија во закржлавени привезоци на едните или другите преку нивното умешно камелеонско прилагодување со боите на моќта. Тука мора да се даде чест и респект на сите оние кои се исклучок од овој гнил феномен, кои сигурно остануваат во нашата надеж за излез од мракот на политичко-институционалниот тунел на клептократија и корупција.
Поинаку кажано, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во овие дваесетина години диктираа концепти на самоволие (кои ги нарекуваат политички програми) и уште пострашно, конструираа манифестации на сила (во нивната терминологија право на мнозинството или право на посилниот) во градењето односи со можните политички привезоци (таканаречени коалициони партнери) кои пак се приказна за себе затоа што испаднаа многу поитри од нивните „големи“ сојузници во „грабењето„ на колачот повеќе отколку што заслужуваат.

Визијата за идеализираната иднина ни е украдена од страна на политичките и бизнис елити на Македонија преку нивната беспоштедна битка за привилегии, профит и моќ. Вакви битки има во секое општество но не до ваков степен на непочитување на сопствените закони, циничен однос кон својот народ и уривање на неговите основни морални и културни вредности. Додека елитите циклично се менуваа на престолот на власта ние граѓаните од ден на ден бевме се повеќе поразувани по сите можни основи. Секоја грешка и криминал на елитите нанесе длабоки рани врз општеството. Денес истите тие го повикуваат народот да застане на едната или другата страна и тоа без никаков срам ниту обид да ја видат сопствената изнагрденост и политикантски простотилак.

“Мојата чудесна земја Македонија“, како ја нарекуваше Владо Јовановски, е навистина чудо едно невидено! Секогаш кога се обидувам да разберам како опстануваат односите меѓу елитите и нивните поданици гледам дека е тоа чудна мешавина на рурална демократија, украсена со лажните перја на локалните автократи на исток и подземен бизнис капитал на запад, нашминкана со дефинитивно неизживеани политичари кои црпат лажлив легитимитет како против тежа на ненаситните и „бесмртни“ пост-комунистички олигарси. Имам чувство дека зборовите немаат доволен степен на цинизам за да барем малку ги поттикнам политички определените на само- сознание за бесмисленоста на нивните аргументи. Знам дека со сите сили сакаат да ни покажат дека цврсто веруваат во своите аргументи исто како што сум длабоко уверен дека секоја ноќ пред спиење си признаваат дека истите им се грешни.

Оваа структурна комбинација на малверзантски влијанија е огледало на сето она што сите ние, свесно или несвесно, дозволивме да ни се случува. Некој ќе примети дека немавме друг избор или дека бевме присилени на ваков (било каков) избор. Изборот беше наш и од тоа не можеме да бегаме. Не станува збор за изборот на глас за една или друга опција, или пак, дали апстиниравме или решивме да заминеме засекогаш. Сето тоа е лесно да се стори и уште полесно да се обвини државата за секој проблем. Државата станува колективна апстракција ако не се гледаме себеси за основни двигатели на нејзиното ткиво. Тука пред се станува збор за улогата и одговорноста на поединецот и културата на јавно повикување на одговорност на политичките актери за нивните дела.

Ние денес веќе не сме во можност да препознаеме кој закон е добар а кој лош, не се прашуваме како преку ноќ некој може толку многу да се збогати, а згора на сето тоа ич не ни е гајле зошто е некој бесправно затворен или осуден. Многу ми требаше да увидам дека моето досегашно несогласување со правилото „каков народ- таква власт“ беше погрешно. Така доаѓам до моето следно прашање – дали да ја смениме власта со некоја друга власт или пак да го смениме народот за да немаме никогаш повеќе власт од типот на СДСМ и ВМРО – ДПМНЕ. Се си мислам дека ова второто е подобрата опција за сите нас, ама тешко веројатно дека во следниот четврт век од нас може да биде скандинавска демократија.
Некако брзо заборавивме колку генерации платија за идеалот на слободата, на кои вредности се колнефме и дадовме завет кон минатите и идни поколенија. Денес е скоро бесмислено да ги повторуваме истите зборови затоа што болката од окупацијата доаѓа одвнатре, од домашно избраните лидери и нашите сопствени институции. Секој чувствува дека мора да има начин како да излеземе од овој болен хаос на полу-состојби и конструирани илузии.

Македонија е во длабока повеќе-димензионална криза. Криза која од поодамна води кон критична точка на граѓанска нетрпеливост иако сеуште потајно и наивно веруваме дека нема да биде со толкав деградирачки интензитет. Дали е ова врвот на (не)трпеливоста меѓу елитите (и граѓаните) или пак сеуште има простор за кулминирање на состојбите? Дали граѓаните ќе смогнат сила и храброст да се постават над ситуацијата и одлучно кажат збогум на анархистичкото владеење на рудиментираниот македонски капитализам? Дали е ова извонредна прилика да кажеме стоп на прозиведување на капиталисти со државни пари?

Сите велиме дека надежта последна умира, констатација која за жал се потврдува гледајќи го минатото и сегашноста…каде бевме, каде сме денес и каква култура на живеење изградивме. Друг избор, освен да се надеваме дека ќе смогнеме сили да излеземе од оваа општествена лакрдија, јас не гледам. Во тој избор за надежта гледам сеуште потенцијал во чесните и вредни луѓе, луѓе на кои сеуште веруваме и ги почитуваме. Време е да им дадеме прилика токму на вредните и чесни интелектуалци, стопанственици, работници и млади лидери…секако доколку се спремни да излезат од сенката на определено-болните и понудат рецепт за заздравување на институциите и општеството.

Обичниот граѓанин нема многу време за калкулирање ниту доволно слободен простор за делување. Целото општество е заложник на две политичко-корпоративни опции кои меѓусебно се репродуцираат и себе-актуелизираат како решение. Очигледно е дека тие беа и се главните креатори на мноштвото општествени аномалии, така што е многу предвидливо дека владеачката партија и опозицијата се спремни да направат се за да ја задржат или стигнат до власта. Со прифаќањето меѓународни посредувачи македонскиот граѓанин е повторно потценет и навреден. Како да не беше доволно заведуван од лагите во минатите 25 години па сега мора да биде воајер на некакви преговори и договори меѓу завадените лажливци. Тоа е само нов продолжеток на агонијата на целото општество кое станува се повеќе предмет на власништво во играта на нерви помеѓу најповиканите и најодговорни виновници за денешната ситуација.
На Македонија мора да и се случи граѓанинот, истиот оној кој е сиромашен, ниско платен, уплашен и уценуван, замолчен и потиснат да живее под секое ниво на човечко достоинство. Македонскиот граѓанин не е ништо поразличен од граѓаните на Европа. Потребите и чувството за слобода, мир и просперитет се човечки. Сите оние кои мислат дека може да ни го одземат тоа чувство и дека може бескрајно да тргуваат со нашата човечност – грдно се лажат! Крајно време е да бидеме сопственици на својата судбина за да почнеме да ги уживаме благодетите на демократијата и економскиот напредок, како резултат на нашиот сопствен труд и слободен избор!

 

Колумна: Надир Реџепи


Bašo Amenge


Grupa taro terne Roma intelektualcija, novinarija, web dizajnerija, tehničarija, montažerija thaj javer personali savo so isilen baro iskustvo ki piri buti rodingje te keren nesto nevo ko mediumsko internet than ki Makedonija. Palo beshiba ko sostanok taro timi taro 24vakti.mk angjape decija kaj ko akava momenti falinela jek romano web tv portali savo ka nudinel pravilno, kvalitetno, informacija baši o Roma. Adaleske formiringape o www.24vakti.mk  ko adava sostanok čivgjem akala celija thaj pričine soske te formirina o jekutno romano web tv portali 24vakti.mk

24Vakti © Copyright 2015 – 2019, Sa o nijamija si protektirime