Каква визија и перспектива за Македонија нудат седумтемина претседателски кандидати?
На 24-ти април, среда, треба да се одржи првиот круг од претседателските избори, кои се седми претседателски избори по ред во независна и плуларна Македонија.
Прв македонски претседател беше Киро Глигоров, кој ја извршуваше оваа функција во 2 последователни мандати, еднаш избран од страна на парламентот, а вторпат избран од страна на граѓаните на непосредни избори.
(ИНТЕРВЈУ) Пендаровски: Нема човек или партија што може да каже дека ме контролира!
Инаку, тој повторно главната битка ќе ја води со Гордана Силјановска-Давкова од ВМРО-ДПМНЕ, која загуби на претходните избори во 2019 година, но овојпат се надева на поинаков епилог, порачувајќи дека нам ни треба уставен патриотизам.
– Состојбата во која се наоѓаме е далеку од европска, далеку од европските стандарди. Нема владеење на правото, туку има владеење на една мала група луѓе. Власта е концентрирана, не само во неколкумина, туку само во Владата – порача таа и посочи дека имаме зависно, политизирано и партизирано судство, слаби институции, а пресилни поединци.
Портрет на Гордана Силјановска: Нам ни треба уставен патриотизам!
Ако на минатите избори имаше само тројца кандидати, сега во трката за претседател се вкупно 7 кандидати. Меѓу нив е уште една универзитетска професорка, Билјана Ванковска, која е кандидатка на Левица.
Според Ванковска, другите кандидати се „варијации на иста тема“, а таа и Левица нудат борба за нешто ново. Постулатите на нејзината програма се левичарски: антиимперијализам, антимилитаризам, против социјална, класна и друга дискриминација и експлоатација.
–Македонија мора да биде наша, суверена, нефедерализирана, македонскиот народ не смее да биде потстанар во својот дом, кој го правуваат или однадвор, или однатре по пат на уцени и диктатура на едно малцинство. Нам ни треба социјално и класно обединување, бидејќи најголемиот број граѓани се сиромашни, несреќни, експлоатирани, зависни и застрашени – вели таа, посочувајќи дека за мала и сиромашна земја како Македонија најсоодветна е воената неутралност.
(ИНТЕРВЈУ) Ванковска: Би сакала да бидам народен претседател – од народот за народот!
Во трката за претседател се вклучија и двајца актуелни градоначалници и воедно лидери на политички партии. Еден од нив е кумановскиот градоначалник и лидер на ЗНАМ Максим Димитриевски, кој објаснува дека изборната програма е базирана на пет стратешки начела и на пет приоритети во првите 200 дена од преземањето на претседателската функција.
– Начелата се единствени во надворешната политика, глас на разумот и обединувањето, поцврсти во одбраната и безбедноста, силни институции за заштита на граѓанинот и државата, вклученост и одговорност – вели Димитриевски, кој најавува дека ќе предложи адаптација на преговарачката рамка со ЕУ, стратегија за борба против корупцијата итн.
(ИНТЕРВЈУ) Димитриевски: Членство во ЕУ без изгубено достоинство и загрозени национални интереси!
И градоначалникот на Карпош и прв човек на ГРОМ Стевчо Јакимовски настапува на овие избори со свои специфични позиции. На пример, тој смета дека не треба да креваме раце од интеграциите, но не треба бесконечно да чекаме.
– Јас сум прво за македонска, а потоа за европска перспектива… Ајде да ги отвориме вратите за инвеститори во Република Македонија, но претходно дајте да направиме 50 милијарди евра инвестиции во делот на транспорт, во делот на енергетиката, железницата, туризмот. Македонската економија треба да биде отворена за инвестирање, овој народ мора од нешто да живее – вели Јакимовски, според кого политиката треба да ги тргне рацете од образованието, здравството и безбедносните структури.
Портрет на Стевчо Јакимовски: Прво македонска, па потоа европска перспектива!
На овие избори, битка ќе се води и во, условно кажано, албанскиот блок, каде ќе се судрат Бујар Османи од ДУИ и Арбен Таравари, поддржан од обединетата албанска опозиција, која настапува под логото ВЛЕН.
Што се однесува до Османи, тој вели дека на овие избори ќе се гласа меѓу две алтернативи – интеграција или изолација. Патем, најавува дека ќе ги заврши преговори со ЕУ за 5 години и во таа насока како препорака го дава фактот што ги отворил преговорите како министер.
– Секој што ќе има претензии, да стане министер, директор, судија или обвинител, прво ќе треба да го добие сертификатот издаден од САД, НАТО, ЕУ. Само така ќе ни се исчисти сцената од руско влијание и корупција… Нема да има Влада без договор за целосен ветинг на сите носители на јавни функции за да се исчисти Македонија од овие проблеми и пречки – рече Османи, кој во неколкупати повтори дека и уставните измени се предуслов за формирање влада.
Портрет на Бујар Османи: Избори меѓу две алтернативи – интеграција и изолација!
Во настапот на Таравари, пак, преовладуваат пораки за обединување.
–Предизвикот за постигнување двотретинско мнозинство во Собранието ја нагласува важноста на политичкото единство и градењето консензус. Тоа имплицира дека за Македонија да ја надмине оваа пречка, треба да има широк, меѓупартиски договор за неопходноста од европската интеграција како национален приоритет – вели тој, потенцирајќи дека политичките сили во Македонија мора да покажат обединетост.
(ИНТЕРВЈУ) Таравари: Верувам во држава што е обединета во својата различност!
Двајцата првопласирани кандидати од првиот круг ќе се соочат во вториот изборен круг на 8 мај, кога се закажани и парламентарни избори, па можноста или опасноста за пропаст на изборите поради необезбедување на цензус од 40 отсто е сведена на минимум, се разбира, доколку некоја од политичките страни не одлучи да примени отворен или тивок бојкот.