КАКО СЕ ОДБЕЛЕЖУВА МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН ВО СПОМЕН НА ЖРТВИТЕ НА ХОЛОКАУСТОТ
Европска Комисија, Брисел
https://ec.europa.eu/newsroom/home/itemdetail.cfm?item_id=29023&newsletter=177
Во 2016 година на почетокот на мојот директорски мандат во РЕФ добив покана од Европската Комисија да учествувам во одбележувањето на 27 јануари. Со овој настан се одбележаа пет години од усвојувањето на резолуцијата на Европскиот Парламент за Денот на Спомен на Холокаустот. Таа година настанот беше посветен на Ромите и нивните жртви за време на Нацизмот. Во формално-политичкиот дел на агендата на говорници немаше ниту еден Ром, односно збор имаа двајца Евро-комесари, од директоријатите за граѓани и за правда. На учесниците исто така им се обрати претседателот на еврејска организација од Франција која имаше мисија во пронаоѓањето на масовните гробници на Евреите и Ромите. Тој истакна дека нивната организација пронајде над 200 масовни гробници во Русија, Белорусија, Полска, Украина и Молдова кои и ден денес не се одбележани ниту имаат некој споменик за жртвите Роми. Беше потенцирано дека Европската Комисија вложува големи напори споменот на Холокаустот да биде дел од колективната меморија на Европа, вклучително и следните генерации преку поддршка на образовните институции и граѓанските организации.
Во 2021 година, денес одбележуваме 10 годишница од усвојувањето на парламентарната резолуција. Колку знаеме за Холокаустот и за нашите жртви? Колку за тоа учат нашите деца во училиштата, и колку нашите граѓански организации и политички партии се активни на оваа тема? Дали е доволно за нас некој, таму далеку во Брисел или Стразбург, да организира настан и не спомене нас Ромите како жртви на едно мрачно време во Европа? Настаните во Брисел и во Стразбург имаат симболични пораки и скромна медиумска покриеност.
Во Брисел истата година Комисијата покани еден Ром од Романија (Nicolae Caldarar) кој имаше среќа во преживувањето на Холокаустот. Беше облечен во шарен џемпер, со голема и неуредна брада. На чевлите имаше кал поради тоа што не стигна да се облече и спреми на време. Романските граѓански активисти го собраа рано наутро, околу 2 часот по романско време, за да го донесат со авион во Брисел. Калта беше оргинална, со потекло од неговото село, а облеката очигледно не се вклопуваше со гардеробата на учесниците, вклучително мене, облечени во скапи одела, фустани, вратоврски итн. Николае збореше на ромски, водителот на англиски а преведувачот од Романија (истиот граѓански активист кој го собра од село) мака мачеше со преводот од ромски на англиски. Ако ја прочитате веста од линкот (на англиски) таму ќе најдете скратена и модифицирана верзија како резиме на приказната на Николае Калдарар. Тој на ромски јазик се пожали дека е многу болен и многу сиромашен, дека романската држава не му дава пензија како жртва на Холокаустот, дека неговите деца се невработени и сиромашни па затоа не можат да се грижат за него. Живее сам во мала селска куќа, а жена му починала пред неколку години. Преведувачот неколку пати го прашуваше за депортацијата во 42 година, за неговото семејство и соселаните кои морале да пешачат стотици километри до кампот во Молдавија. Кажа неколку реченици за кои се сеќаваше како осум годишно дете, за големиот студ додека се криеа во шума цела една зима. Неговата приказна беше изгубена во преводот затоа што Николае повеќе збореше за тековните проблеми отколку за страдањето од Нацистите. Не знам дали останатите учесници осетија различности меѓу изјавата и преводот, но целата таа ситуација мене ме направи да се чувствувам непријатно со заклучок дека дури на на вакви настани од голема историска важност, гаџованските институции и нашите така наречени активисти, импровизираат како најлоши аматери.
Есма Реџепова беше дел од настанот со два настапи, помеѓу приказната на Николае и на крајот на говорите на политичките претставници на ЕК. Настапи со нејзиниот скратен оркестар. Есма беше заморена од летот и едвај испеа по две песни во двете паузи. И тие патуваа рано наутро за Брисел. Како што ми кажа Есма, со која разговарав после настапот, Комисијата им купила таков билет, во ист ден доаѓање и заминување. Ненаспана и заморена од патот, со нејзините во тоа време 73 години, разбрав зошто го немаше гласот на нејзината песна на кој цел живот бевме навикнале. Есма ми се пожали дека е заморна од патувањата и турнеите и дека годините си го прават своето. Го прифати овој настап со лош патувачки аранжман поради нејзината посветеност и предаденост да придонесува во промовирањето на ромското прашање. Очекуваше да има повеќе Роми во зградата на Комисијата и праша каде се. Јас и реков дека за жал, само јас, Николае и неговиот преведувач сме Роми на овој настан. Одговори дека е разочарана и дека следен пат ќе преговара повнимателно. За жал тоа беше мојата последна средба со неа, некаде при крајот на истата година Есма замина од овој свет.
После разговорот со Есма му пријдов на Николае и му се обратив на ромски. Прво се зачуди што му се обратив на ромски јазик а потоа ме праша дали сум Ром, од каде доаѓам. Му кажав дека доаѓам од Македонија и дека го разбрав се што кажа од говорницата. Ми кажа дека е гладен, дека немале време да јадат доручек, а сендвичите во авион биле скапи за него. Го прашав дали ќе го платат за неговото доаѓање во Брисел. Одговори дека не знае ништо за плаќање, синот го убедил да патува во зима, со надеж дека после ова државата ќе му даде пензија. Скришум од неговиот преведувач му дадов пари и му реков да не му кажува. Ова тука не го пишувам за да се пофалам дека дадов некому нешто, туку да споделам чувство на бес на нашите активисти кои користат секоја прилика да заработат дури од старите измачени Роми, како што е Николае. Ова чувство неретко го имав на многу настани и состаноци организирани во името на Ромите, каде што поголемата штета и аматеризам доаѓаа од нашите ромски активисти. Поради ваквите „ловци“ многумина од нас не можеме да зборуваме и отворено ги критикуваме гаџованските организации. Двајцата евро-комесари (Dimitris Avramopoulos и Věra Jourová) заминаа многу задоволни затоа што ова беше прв настан од ваков тип на оваа тема. Да се скрши мразот на молчење на тема Холокауст на Ромите во Европската Комисија не е лесна работа. За жал, овој настан беше иницијатива на еврејската организација од Франција, која заедно со Комисијата го кофинансираше настанот. Денес, немаме никакви информации ниту знаеме како се одбележува овој ден во Брисел. Затоа ви праќам банер на Комисијата од 2021 година.
Јануари 2021
Надир Реџепи