Како да се намали сегрегацијата и дискриминацијата на децата Роми во образовниот процес?
КАМАТА ОД 5,5% ЗА ЗАДОЛЖУВАЊЕ КАЈ БАНКИТЕ, ШТЕДЕЊЕТО СЕ СТИМУЛИРА СО 1,8%
Време зa читање: 3 минути
Банкарските камати, и покрај повремено забележаните падови, генерално, и натаму растат. Во март просечната стапка на вкупните кредити бележи годишен раст од 0,46 процентни поени и е на нивото од 5,5 проценти. Кај вкупните депозити стапката е 1,8 проценти, а нагорното движење е за 0,69 процентни поени.
Податоците на Народната банка за март, всушност, покажуваат незначителен месечен пад од 0,02 процентни поени кај просечната стапка наменета за кредитите. Додека таа за депозитите во март е зголемена за 0,04 процентни поени.
Стапката што се пресметува на новоодобрените кредити е просечни 4,98%, при што е регистрирано и месечно и годишно намалување од 0,37, односно 0,28 процентни поени. Раст има кај просечната каматна стапка на новите депозити. Месечниот е 0,15 п.п., годишниот 0,42 п.п., а изнесува 2,46 проценти.
Каматата што се однесува на вкупните кредити на домаќинствата во март е 5,65%, кога е зголемена за 0,01 п.п. Од Народната банка велат дека растот е базиран на повисоките стапки што се пресметуваат на денарските кредити без валутна клаузула. Годишното движење, пак, е за 0,31 п.п.
Во март, просечната каматна стапка за новите кредити одобрени за граѓаните е 5,40%. Кај неа има месечен пад од 0,05 п.п., кој се должи на намалените каматни стапки на денарските кредити со валутна клаузула и на кредитите во странска валута. Сепак, на годишно ниво оваа стапка е повисока за 0,17 п.п.
За вкупните депозити на населението, во третиот месец важела просечна стапка од 1,76%. Во овој сегмент има месечно зголемување од 0,03 п.п., поради растот кај каматните стапки на денарските депозити без валутна клаузула (за 0,03 п.п.) и кај девизните депозити. Од годишен аспект, стапката е зголемена за 0,72 п.п.
Месечен раст од 0,07 п.п. бележи каматата на новите депозити, која достигнува 2,42%. Промената произлегува од растот на стапките што се пресметуваат на новите девизни депозити. Споредено со ланскиот март, оваа каматната стапка е поголема за 0,15 процентни поени.
Според податоците на Народната банка, просечната каматна стапка на вкупните кредити на корпоративниот сектор изнесува 5,35 проценти и е намалена за 0,05 п.п. на месечно ниво. Тоа движење е резултат на падот кај сите стапки – на девизните кредити и на денарските со и без валутна клаузула. Раст од 0,65 п.п. оваа стапка има на годишна основа.
И месечно и годишно намалување има кај каматата на новоодобрените кредити, за 0,52 и 0,54 п.п. Стапката е 4,73%.
Што се оденесува до депозитите на компаниите, има месечно зголемување од 0,04 п.п. и стапката во март е 2,12%. Во споредба со март минатата година, оваа каматна стапка е повисока за 0,38 п.п.
Каматната стапка на новопримените депозити е 2,52 проценти и има месечен раст од 0,33 п.п. За разлика од пред една година, стапката е повисока за 1,42 процентни поени.