Надир Реџепи

КОЛУМНА: МОЌТА НА НЕМОЌНИТЕ

Колумна

Ако не си Ром (човек) не се осудувај да ме дефинираш!

СТАВ

Ми се чини дека светот стреми да биде фрустрирачки лошо место за живеење како резултат на досегашните одлуки, делување и однесување на политичко-корпоративните елити. Резонирањето на сегашните моќници е многу предвидливо така да по се изгледа дека ќе мора да чекаме неколку децении за да дојде некоја нова генерација на лидери кои ќе аплицираат поправедна лидерска култура на глобалната политичка сцена. Материјалниот капитал е за жал единствената вредност што го движи човекот. Општествените девијации го срушија чувството на солидарност меѓу луѓето што понатаму предизвикува забрзан пад на довербата на секој можен дел од општеството. Елитите водат грижа за демографските трендови, миграциите, ограничените природни ресурси и трката за власт, но истовремено ги запоставуваат војните и убиствата, сиромаштијата, големата економска нееднаквост, корупцијата и климатските промени. Геополитичките турбуленции се претворија во геокултурен натпревар на вредносни системи како последица на продолжената борба за глобална доминација меѓу западните корпорации и источните олигарси. Линијата на поделби меѓу земјите должнички и кредитори, север-југ, исток и запад е се поистакната. Државната пропаганда и лажните вести преку социјалните медиуми се повеќе не потсетуваат на времињата од пред Втората Светска војна и Ладната војна.

Во меѓувреме луѓето мора да ги живеат своите животи! Повеќето од нив се мачат, многумина страдаат додека само мал дел ужива во своите привилегии. Нема доволно искрени идеи како светот да се направи подобро место за живеење за сите. Во идеализираните планови за подобра иднина на Европа, вклучително и ново-компонираните држави од екс-Ју просторот, гласот на Ромите е традиционално отсутен. Иако Ромите живеат 10 векови  низ цела Европа, евроцентризмот како културно и политичко миље на средновековието, сеуште ја регенерира стигмата и омразата кон нас и со тоа ги третира ромскиот идентитет и култура за не-европски. Знаеме дека нашите предци преживееја со векови многу полоши времиња од денес. Сегашните поразителни податоци за положбата на Ромите ни укажуваат дека омразата кон нас е континуитет на специфичниот расизам кон Ромите. Овој текст е скромно укажување на само мал дел од нашата истрајност и внатрешна сила која ја поседуваме за нашиот опстанок. Се надевам дека многумина ќе продолжат со нивниот придонес кон овој текст за да ги надградат сите можни други делови од мозаикот на нашиот парадокс – различни одвнатре а надворешно перцепирани (од гаџованите) за хомоген колектив.

 ЧЕКАЈЌИ ЈА ЦИВИЛИЗАЦИЈАТА ДА СЕ ЦИВИЛИЗИРА…

Старата Дама се повеќе губи од својата нарцисоидна самоубеденост дознавајќи дека гласот од огледалото се повеќе го одразува долго потиснатото прашање на 12 милиони угнетени луѓе. Сеќавањата на грдите сцени од минатите војни, одбивноста и стравот од сиромаштијата и наметнатиот натпревар меѓу зајакот и желката повторно ја актуелизираат приказната за Пепелашка, која според упатствата на Малтус и невидливата рака на Адам Смит мора да биде дел од убавината на Старата Дама. По карактер нарцисоидна, таа упорно сака да остане вечито најубавата во светот. Разликата меѓу приказната и реалноста на глобализирана Европа е во тоа што наместо кралеви и кралици со моќ на магија денешните општества имаат „демократски принцеви“ чијашто репутација (читај моќ) е стекната преку финансиско-пропагандни машинерии за манипулација на јавното мнение.

Контрадикторностите во Европа отсекогаш имале примеси на хипокризија затоа што, според Рајко Ѓуриќ, низ својата крвава историја на себе-цивилизирање таа во одреден степен го изгуби човечното во својот основен ментален кодекс, додека материјалниот интерес стана доминантен прекројувач на моралните вредносни системи во денешните општества кои се нарекуваат демократии. Според него меѓусебните конфликти нанесоа многу зло (и секако неправда) на многу народи и генерации  во име на религиозната, културна, национална и територијална хомогенизација иако денес е многу јасно дека тоа беа војни за моќ, ресурси, територии и поданици кои денес ги ословуваме како граѓани. За жал Макијавелистичката филозофија на владеење преку контролирани конфликти е се сеуште дел од менталниот склоп на моќниците кои во различен интензитет и форма ја користат за свои интереси па одвреме навреме граѓанинот го трансформираат во гласачко-воена машинерија која понатаму се поларизира и верува дека се бори во името на таканаречени национални интереси. Иако јавно декларирани во форма на идеологии, тоа се во всушност лични интереси, вткаени низ симплифицирани политички конструкции во кои што елитите при меѓусебниот наптревар за профит и привилегии по навика забораваат на потребите на обичниот човек.

Идеолошки, се до 1989 година Старата Дама имаше двоен идентитет односно лице обоено во два профила. Левата страна и беше обоена со плава а десната со црвена боја при што движејќи се кон нејзините екстремитети боите губеа од својот интензитет и јасност. Денес таа очигледно се стреми да биде  еднобојно плава, вешто маскирајќи го сивилото на капиталистичкиот дух под велот на демократијата и вредностите на Унијата. Сепак таа скромно признава дека многуте историски конфликти оставија белези врз нејзиното тело така што има потреба за дополнително време за терапија на црните дамки на демократијата. Градејќи нов идентитет нејзините органи прават напори да ја контролираат сегашноста и иднината, создавајќи привидно заедништво составен од вредносни и економски системи на интеракција во кои повторно (за жал) доминираат аспирациите за моќ и привилегии. Во суштина ова заедништво нема своја идеолошка матрица затоа што во последните три децении елитите се повеќе манифестираат дрска сила и репресивни мерки врз слободите на граѓаните во име на стабилноста и просперитетот на нациите. Така, и левите и десните идеологии, вклучително центарот се само симулација на борба на идеи, односно имаат потреба еден за друг за да ја играат играта на демократијата. Смисолот и значењето на демократијата се изгубени во лавиринтите на политичките и институционални манипулации со јавниот резон преку наивно образложеното оправдание дека идеолошките и потоа сите останати реформи се прават во интерес на секој поединец и колективитет, а аналогно на овој резон, „лутањето„ на лево или на десно е неизбежен процес во рамките на едно цивилизирано општество.

Во минатото таканаречената цивилизација си зеде за право да каже дека е цивилизирана поаѓајќи од претпоставката дека постојат нецивилизирани народи  па врз основа на тој постулат и следува привилегијата за цивилизирање на „нецивилизираните„. Парадоксот на феноменот на цивилизирање на светот според теркот на западните концепти е во тоа што токму „цивилизираните„ народи цело време користат нецивилизирани (читај нехумани) репресивни мерки во кои е јасно дека цената на денешната „цивилизација„ човештвото ја плати со стотици милиони жртви. Чекајќи на подобри времиња, кога ваквите мерки ќе бидат вон употреба, ромскиот народ беше во постојана излезна позиција која денес сите ја нарекуваме општествена исклученост. Само таквата стратегија гарантираше опстанок на многу Роми – да се биде, односно цената мораше да биде платена преку губење на можностите за акумулирање на капитал од сите видови. Така испаѓа дека колегата од Србија, Осман Балиќ, е во право кога вели дека илјада години на ромскиот народ му беше поважно да биде отколку да има, оти имањето досега „цивилизираниот човек„ воглавно го постигнуваше преку грабеж и пролевање на човечка крв, логика која очигледно не е во природата на ромскиот народ.

Овде мора да се повикам на уште еден мој познат и драг колега, Иван Весели од Прага, кој вели дека Ромите отсекогаш живееле и живеат за иднината. За многумина ова може да звучи како филозофска утопија, пред се поради сегашното ограничено материјалистичко перцепирање на светот, поради субјективно напишаните истории од страна на победничките нации и секако поради раздвојувањето на вистината на научна теорија и интерпретирана емпирија. Ромите живеат во иднината затоа што немаат склучено општествен договор  со ниту една форма на владеење, не се врзаа со ниту една територија ниту пак со еден културен и религиозен норматив. Тоа за нив би значело губење на слободата на духот на човечноста, прифаќање на сите историски насилства и неправди врз човештвото, покорност кон експлоататорот заради привилегии и материјална корист. Некој ќе каже дека токму поради немањето општествен договор Ромите се исклучени од сите важни текови на човештвото затоа што неучествувањето и постојаното бегство од борбата за богатство и територии ги донесе на ова скалило. Многу малку луѓе во светот имаат респект или пак гледаат позитивно на ваквата филозофија на размислување и однесување, кој всушност потврдува дека слободарскиот дух и вредноста на човечкиот живот беа поважни за ромскиот народ отколку поставувањето на свои моќници покрај моќниците на мнозинството. Слободата за Ромите значи културна и духовна различност одвнатре и надвор од заедницата, движење низ светот без граници и ненаметнување на вредносни системи кон другите, толерантност кон нормите на другите, недавање на отпор и практикување на ненасилие како прагма на животниот смисол. Денес светот се движи забрзано во тој правец поради тоа што глобализацијата која започна пред повеќе векови добива забрзување кое ја руши монотоната перцепција за нациите и повторно ја враќа различноста меѓу луѓето во сите можни димензии на социјалната трансформација. Европската Унија долго време промовира дека една од најголемите придобивки на Евро-интегративните процеси се слободата на движење на луѓе и капитал во Европа без граници. Ромите овој стремеж го имаа од секогаш низ времето иако најчесто нивното патување тогаш а и денес се ограничува и контролира. Она што за Ромите беше идеал пред илјада години тоа е денешницата на Европа.

Сведоци сме дека кованицата „национална држава„ е се помалку во употреба во последните 20 години односно дека функциите на државата и интересите на нацијата(граѓаните) не се исти. Всушност, тие никогаш и не биле исти туку едноставно биле различито читани и интерпретирани при пишувањето на човековата историја од страна на највисоко сложената форма на организирање на општеството – државата. Нема држава која е 100% моноетничка, каде што се практикува една култура и зборува еден јазик. Тоа беше сон и конструкција на 19-тиот век, кој за жал предизвика многу војни и страдање на милиони луѓе. Во 20-тиот век луѓето масовно се приклучија на илузорните сонови и идеологии на политичките и интелектуални елити за да при неговит крај Франсис Фукујама го најави крајот на човечката историја. Тој крај го откри голиот интерес за моќ и профит на елитите кој во последните двесте години беше вешто маскиран во нивните идеолошки илузии. Денес функционира времето на проекти и проекции на среден и краткорочен рок. Иако десно и лево ориентираните популисти вложуваат нови напори за реинкарнација на стариот сон, комерцијалниот интерес на моќниците јасно го покажува старото лице на елитата и нејзиниот инструмент за владеење – државата, која е во константна потрага за моќ за да го контролира (однесувањето и размислувањето) на секој поединец, го убедува дека без државниот апарат ќе владее анархија и хаос и му ветува дека ќе го заштитува од сите неправди и опасности. Во сржта на сето тоа лежи простата експлоатација на човекот, на посилниот кон послабиот, на поедуцираниот кон не-едуцираниот, на богатиот наспрам сиромашниот човек. За среќа бројот на не-едуцирани се намалува а со тоа се золемува и свеста на гласачите за посакуваната улога на државата. Државата веќе ја нема моќта да дефинира што е нација затоа што нејзините функции се под лупата на глобалните интереси за развој на човештвото што и оневозможува да се однесува деспотски како досега. Се повеќе поединецот протестира и дава отпор на институциите на државата кога неговите права се засегнати. Тоа почнаа да го прават и Ромите, цивилизирано преку „туѓи„ институции со неромски правила и закони, повикувајќи се врз хуманистичките начела за достоинствен и слободен живот.

Во светот се зборуваат околу 7000 илјади јазици, постојат повеќе од 5000 етнички идентитети кои за жал се затворени во границите и идентитетот на 223 држави. Иако секоја држава е приказна за себе, на глобален план разликите меѓу нив се огромни. Така Кина брои над милијарда луѓе додека најмалата по население, Питкерн, брои 50 граѓани. Дури 150 земји во светот имаат население помалку од 12 милиони, факт кој во споредба со проценките за 12 милионската ромска популација во Европа укажува на парадоксот на разграничување на териториите во некакви државни граници. Тоа е огромен дисабаланс и неправда за човештвото, за сите оние кои се различни по размислување и однесување од конструираните нации и нивните закони затоа што многу идентитети се пригушени, многу култури потиснати, многу индивидуални права скроени и зависни од вредностите и волјата на државотворните нации. Свесноста за ова кај обичниот човек се повеќе се зголемува, тој ги предизвикува и менува сегашните институции и системи на владеење. Циклусите на дестабилизирање на државите и нивните територии се се почести, носат радикални промени за краток временски период затоа што секој од нас има потреба и своја визија за достоен живот, да се движи слободно, твори и ги користи природните добра. Не е вистина дека нема доволно територија и ресурси на овој свет…има само ненаситни поединци кои за жал забораваат дека се обични смртници.

Во изминатите 1000 години нашите претци преживеаа многу погроми и прогони, но никогаш не се оттуѓија од вербата во човекот, најдоа начин да останат свои, оригинални во смислата за животот и патешествијата низ него. Нивната моќ, како и моќта на сите сиромашни, беше во паметникот на историјата за нивното страдање од сите форми на владеење. Таа доаѓа од сознанијата за издржливоста на слабиот наспрам силниот, дека човештвото има силна потреба за победа над злото и неправдата. Таа моќ го менуваше човештвото кое после масовните убиства и многуте грозоморни зла кон послабите често имаше потреба јавно да се покае за да барем духовно и морално се промени и обиде да практикува похумани начела на соживот. Тоа е моќта на немоќните од минатото. Таа продолжува да алармира дека цивилизацијата во своето идеолошко ткиво сеуште не е ослободена од стравовите на моќниците.

Мојата порака тука е јавен повик кон сите оние кои веруваат дека се доволно цивилизирани – да ја разберат човечката суштина и потреба на ромското битие. Таа не е ништо повеќе ниту помалку од она што секој обичен човек го посакува за себе. Доколку неможе да помогнат, макар и морално, нека не одмагаат, нека престанат со стигматизирањето на нашата кауза и со градењето илузии за тоа кој сме ние. Нашата кауза е дека бевме, сме и ќе останеме луѓе, со сите наши доблести и недостатоци, посветени да ги сочуваме нашите вредности и обезбедиме добробит и достоинство за нашите идни поколенија.

Колумна: Надир Реџепи


Bašo Amenge


Grupa taro terne Roma intelektualcija, novinarija, web dizajnerija, tehničarija, montažerija thaj javer personali savo so isilen baro iskustvo ki piri buti rodingje te keren nesto nevo ko mediumsko internet than ki Makedonija. Palo beshiba ko sostanok taro timi taro 24vakti.mk angjape decija kaj ko akava momenti falinela jek romano web tv portali savo ka nudinel pravilno, kvalitetno, informacija baši o Roma. Adaleske formiringape o www.24vakti.mk  ko adava sostanok čivgjem akala celija thaj pričine soske te formirina o jekutno romano web tv portali 24vakti.mk

24Vakti © Copyright 2015 – 2019, Sa o nijamija si protektirime