Конкурс за стипендии за редовни студенти Роми

Министерството за образование и наука распиша Конкурс за доделување 135 стипендии на редовни студенти Роми запишани на студии од прв циклус на јавните и приватните високообразовни установи во Република Северна Македонија за студиската 2022/2023 година.

 

Износот на стипендијата е 5.000 денари месечно за девет месеци во текот на една студиска година.

 

Право да ја добијат оваа стипендија имаат студентите запишани на додипломски студии во државава, кои се припадници на ромската етничка заедница, државјани на Република Северна Македонија и не користат стипендија од други установи, институции или компании.

За кандидатите кои се запишани во прва година на студии, услов е постигнатиот среден успех од сите години од средното образование, а кандидатите кои студираат во сите останати години треба да имаат постигнат среден успех од сите претходни студиски години.

Во конкурсните критериуми е наведено дека кандидатите треба да се  редовни студенти на некој од јавните или приватните високообразовни установи во државава за студиската 2022/2023 година, а предност при селекција ќе имаат студентите Роми кои студираат на јавните или приватните факултети кои образуваат наставен кадар.

Студентите кои во студиската 2021/2022 година биле корисници на стипендија од Министерството за образование и наука, а не запишале нареден семестар или повисока студиска година, немаат право на стипендија во академската 2022/2023 година.

На конкурсот се аплицира со пополнување електронска пријава и прикачување на соодветната документација на:  http://e-uslugi.mon.gov.mk

Рокот за аплицирање е 9 декември годинава. Во Конкурсот што го објави МОН се наведени потребните документи за аплицирање за студенти запишани во прва студиска година и за студентите од сите останати студиски години.

Related post