Етничката припадност ќе ја има на изводите на родени, венчани и починат
КОЈ ЈА САБОТИРА РОМСКАТА ЕМАНЦИПАЦИЈА?
Ако ве натераат или убедат да поставите погрешно прашање,
тие нема да бидат загрижени за нивниот одговор (Thomas Pynchon)
Додека светот не знае дали на 16ти јануари ќе има нормален трансфер на власта во САД, или пак дали новата вакцина ќе донесе крај на Ковид пандемијата, неколку креатори на јавното мнение кај ромската заедница подолго време се фокусирани на едно прашање – каде се парите??? Или поточно, дали од незнаење, неинформираност или некоја за нас скриена намера, прашуваат – каде се „ромските пари“??? При тоа интонацијата на прашањата за парите имаат доза на обвинение и потрага за виновникот кој потрошил „многу“пари а не одработил ништо значајно или очекувано за ромската заедница.
За жал „ромски пари“ не постојат затоа што немаме ромска држава, банки и институции! Ако прашањето се однесува на валутите на гаџованските држави, јасно е дека тие пари се во џебовите или сметките на Ромите. Друго прашање е дали таму има многу, малку, доволно или недоволно пари.
Шегата настрана, ова трае подолго време, мислам на прашањето за парите, кое произведува раздор и недоверба меѓу Ромите. Тоа е сосем логичен и легитимен акт на секој граѓанин кој сака да биде активен дел во едно отворено демократско општество, но исто така прашањето може многу лесно да биде погрешно, наивно и ирелевантно зависно од многу фактори кои прашувачот не ги знае или нема во предвид во одредено време и место. Филозофијата објаснува дека човекот поставува прашања за теми или настани кои ги спознава во својата свест. Обратната премиса е дека човекот не поставува прашања за теми или настани која нашата свест не ги препознава, не ги знае или нема интерес да ги спознае. Во текот на нашиот живот и учење постојано сознаваме нови искуства, информации, знаење и вештини кои ја профилираат нашата личност и карактер, вклучително професијата и нашето дело. Ако си поставуваме прашања и најдеме одговори на истите тогаш сме на добар пат кон спознавањето на себеси и луѓето, процесите и настаните во нашето секојдневие. Ако нема прашања – нема сознание и учење. Повеќе прашања е еднакво на повеќе одговори кои водат поблиску кон вистината и секако поголема свесност за мноштвото процеси, настани, одлуки, интеракции и сето она што се вика култура на живеење.
Оние што решиле да бидат (про)активни граѓани треба да знаат дека не може да бидат препознати за такви само преку поставување прашања. За некои прашања треба да се има минимум основно предзнаење на дадената тема и информација за тоа кога, каде, кому и како да се постави прашањето. Целта на прашањето пак треба да содржи план за акција, откако ќе се добие (или не добие) одговорот. Сосем нормално е да немате одговор ако прашањето стигне на погрешна адреса. Второ, ако сте доставиле прашање на точна адреса и сте добиле некаков одговор, треба да имате однапред планирани чекори за вашето делување во однос на поставеното прашање. Сигурно не поставувате прашања за да добиете некој си одговор и потоа да си продолжите како ништо да не се случило. Треба јасно да возвратите дали сте задоволен или не со одговорот, кој е вашиот став, предлог-решение и акција. Некој или повеќето од нас, овие три елементи ќе ги искаже во етерот на виртуелната реалност на социјалните мрежи, некој ќе премолчи, некој нема појма како да реагира и што да направи, а некој ќе реагира преку текст, колумна или белешка во својот дневник. Доколку превземете акција (која всушност е реакција кон добиениот одговор), треба да најдете начин и ресурси (знаење, вештини, луѓе, финансии) за да зачекорите низ правниот лавиринт на било кое општество и делувате кон посакуваната состојба. Можете тоа да го правите и вон законот и институциите, зависно од тоа како сте ги процениле можностите и користа, дали лична или групна, со мало потсетување дека вон-институционалното делување носи ризици и правни казни за вашето дело.
Второ, не е исто да бидеш активен граѓанин во едно отворено демократско општество версус затворено недемократско општество. Поединечното и колективно размислување, однесување и интеракции имаат голема разлика во корегирањето на општествените аномалии и девијантни процеси во еден авторитарен режим. Нашето општество пак не е ниту едното ниту другото, односно народски кажано ниту машко ниту женско. Поточно, нашето хибридно општество делува меѓу двете крајности, за кое правилото златна средина за жал не важи. Неколку пати претходно напишав за оваа хибридност на нашето општество, пребогата со племенска демократија, политичка контрола на секое ќоше, локални олигарси, криминални банди и демонизирани интелектуалци. Нашите институции се рестриктивни и екстрактивни, со култура на потчинетост под централизираната контрола на парите и моќта од мала група на пост-комунистички капиталисти. Овие пак локалните дикатори од исток и запад цврсто го бранат својот атар од бизнис конкуренцијата и странските инвеститори, без разлика дали тие носат нови вработувања, подобар стандард и локална економија. Главна цел им е да владеат со генерации и се претворат во капиталисти по теркот на 19тиот век. Корупцијата е на сите нивоа на општеството, по вертикала и хоризонтала, и вистинска реткост е да најдеш политичар, бизнисмен или успешен поединец со морална хигиена и кредибилитет.
Пред да се вратам на прашањето за парите, сакам да истакнам дека нашите прашања се во голема мера дефинирани од хаосот на нашето хибридно општество. Во ваков контекст најдобро пливаат популистите, шпекулантите, кодошите, опортунистите, лажливците, крадците, билмезите, мунафиците и сите девијантни форми на индивидуално и групно делување. Вредностите се изместени и интерпретирани од овие структури и поединци, чија главна и основна цел е личен профит без разлика на платената цена од страна на граѓаните. Никого од излистаните не го интересира заедничкото добро и колективниот напредок. Наведените квалификации не се обид за генерализација од моја страна туку јавна тајна за која секој граѓанин има парче на информација/евиденција. Навикнал балканскиот граѓанин да молчи и премолчува неправди и неправилности со векови наназад. Молчеше пред надворешните окупатори, молчи и сега пред домашните тирани. Тоа е многувековна култура на молчење, кокетирање со власта и превртливо кодошење на својот поуспешен сосед. Ако е неуспешен, тогаш уште повеќе треба да се измолзе и искористи! За жал, се повеќе граѓани се најдоа во оваа категорија на неуспешни соседи затоа што имаме три децениски грабеж. Истите тие што грабат ветуваат подобар живот и иднина и го бараат нашиот глас на избори.
Каде се парите?
Ова прашање го имам слушнато на многу домашни и меѓународни конференции на тема ромско прашање. Го поставувале млади и стари активисти, политичари, новинари, државни претставници, експерти, ревизори, итн. Секој од своја перспектива и позиција. За нас е посебно важен ефектот од овие прашања поставени од страна на ромските политичари и активисти.
Замислете дека одите во Брисел на конференција за ромска инклузија која има многу говорници, презентации, споделени искуства и предлози како да се продолжи понатаму. Споделените искуства говорат за успеси и неуспеси на разни проекти и интервенции ширум Европа. Се презентираат бројки на корисници, методи на работа, финансиски суми. Одеднаш, на сесијата прашања и одговори, доаѓа прашањето „каде се парите“, коментари од типот „како можеле со толку многу пари да произведат мали резултати, односно безначајни ефекти “? Колку Роми биле вработени во тие проекти, на кои позиции, колку биле платени, колку пари стигнале во ромската заедница, врз основа на кои критериуми ги избрале корисниците на проектот, дали парите ги потрошиле правилно и наменски, ако не ги потрошиле парите – зошто не ги потрошиле, што се случува со вратените пари кај донаторите и развојните агенции, и многу други ламентирачки прашања со неартикулирана критика и предлог решенија.
Ниту едно прашање за тоа кој ги даде парите, јавна благодарност кон донаторите (затоа што сите пари за ромското прашање се донации), или пак зошто донаторите и развојните државни агенции решиле да дадат пари за ромското прашање? Помалку важно било од кои пари се финансирани проектите и инцијативите за ромска интеграција, зошто и како донаторите решиле финансиски да поддржуваат прашање кое е политички и економски непопуларно кај гаџованите! Ниту пак да се разбере како организациите успеале да добијат (неповратни) пари за ромското прашање? Поважно е дали тие организации биле ромски, па зошто неромските организации добиле повеќе пари, зошто едни исти организации добиваат грантови, обвинувања дека некои организации намерно се одбиваат од страна на донаторите поради икс причини, односно се поддржуваат организации кои се послушни и служат неромски интереси…
…и така во недоглед, неколку генерации на ромски активисти и политичари прашуваат и никако да дознаат колку е потрошено во име на ромското прашање. Во сите овие години (преку 20) на мојот ангажман во граѓанскиот сектор забележав неколку обрасци на јавно настапување во однос на „ромските пари“. Активистите од граѓанскиот сектор воглавно своите прашања и критики за парите ги поставуваа на конференции со цел да привлечат внимание на донаторите и државните претставници. Неретко после таквите настапи, истите прашувачи станаа партнери на дотичниот донатор или институција, добија проекти и грантови. Огромна трансформација на „бунтовните“ граѓански активисти кои преку ноќ почнаа да промовираат соработка, да ги фалат и им се заблагодаруваат на донаторите/државата за поддршката на ромската заедница, итн. Тоа е извонредна пример како преку себе-актуелизирање и себе-промоција се стигнува до партнерски однос со донатор или државна институција. Ова беше тактика на добар дел граѓански организации, кои свесно или несвесно, со своето камелеонско однесување премолчија многу дефекти при алоцирањето финансиски средства за ромското прашање. Кога велам дефекти, не мислам на злоупотреба или ненаменско трошење на парите туку пред се на фактот што одеднаш дадовме алиби на донаторите и државата дека се партнери со граѓанските организации со кои редовно се консултираат и заеднички дефинираат приоритети, целни групи, географски региони, финансика и временска рамка и тн. Со тек на годините, приоритетите и опфатот се намалија, парите никогаш доволни – иако сумите растеа, затоа што сите актери потрошија неколку финансиски циклуси со непроменет резон и однесување кон превземената улога и одговорност за ромската интеграција/инклузија.
Нашите ромски политичари, кои во минатите 3 децении мораа да го пробиваат политичкиот отпор кај големите партии, направија крупни пропусти и грешки откако станаа дел од системот на власта (не на државата). Наместо да го искористат вниманието на меѓународните билатерални и мултилатерални развојни организаации кон Ромите, тие преку ноќ станаа дел од агендата на власта. Во таа агенда главна цел беше да се контролираат граѓанските организации и грантовите кои тие ги добиваа од разни донатори. Под таа контрола паднаа организации и активисти кои беа дежурни критичари со само-промовирачка цел. Верувам ги препознавате и едните и другите како тренд или феномен на себе-саботирање и деградирање на нашата еманципација, борбата за правичност и еднаквост на вековно обесправената ромска популација. За жал ова краткорочно партнерство и култура на политички минимализам произведе лажни и големи очекувања дека мултилатералното партнерство држава-донатори-ромски политичари-граѓански организации ќе даде нов квалитет и оддржливо решение на долг рок. Рака на срце, политичкиот минимализам кај ромските партии е прозивод на ромската популација, затоа што дозволи луксуз да има седум или осум ромски политички партии со што додатно го ослаби и расфрли бројот на ромски гласови на досегашните изборни циклуси. Со мал број на гласови и декларирана коалиција со власта, нема многу простор и опции да се добие поголема моќ и одговорност во власта. Тоа е проста математика која во периодот 2006-2016 Сојузот на Ромите успешно ја совлада и доби се што ќе побараше од коалициониот партнер.
Објавени се неколку кратки анализи за тоа колку пари и на што се потрошени во име на ромската популација. Такви „пари“ нашата држава почна да алоцира во државниот буџет во рамките на Декадата на Ромите. Иако Декадата започна во 2005 година, првите буџетски ставки во име на Ромите стигнаа дури во 2007 година. Научивме дека е многу тешко да се внесе нова ставка во државниот буџет на оваа мала држава доколку не се лобира, прави притисок и секако помага на нашите ромски пратеници и заменик-министри. Министерствата и бирократијата имаат култура на препишување на буџетски ставки од претходната година. Предлозите за нови ставки бараат многу работа и потрошено време на политичка и економска оправданост, а знаеме дека ромското прашање е дефицитарно со политичка и економска моќ. Од друга страна нашата држава стана членка на Декадата со очекување дека ќе добие пари од донаторите (Светска Банка, Развојна Банка на Советот на Европа, Европска Комисија, итн). Овие пак понудија кредити и грантови за кои државата требаше да кофинасира преку државниот буџет. Кредити не се побараа, грантови не се добија затоа што бирократијата немаше поим (ниту интерес) за ургентните потреби и долгорочноста на одредени проблематики на ромската заедница. Со таков почеток на вештачки наметната соработка со домашни и надворешни актери, плановите на Декадата останаа без финансиска поддршка во првите три години за да во следните неколку години владата алоцира скромни 3-4 евра по ромски жител. Црна Гора и Босна-Херцеговина алоцираа преку милион евра за многу помалубројна ромска популација, додека кај нас таа сума беше недостижна, иако имавме ромски пратеници, министерска позиција, вработени директори и функционери во државниот систем.
Ќе се прашате зошто посветувам толку внимание за буџетот на државата. Таму се крие добар дел од одговорот на прашањето „каде се парите“. Тоа се наши, граѓански пари платени од нашите даноци, за кои имаме право на отчет и повикување на одговорност на власта и институциите. Тие пари се многу повеќе отколку на било кој донатор кој делува во Македонија. Поделете 4 милијарди евра на 2 милиони жители. Тоа се 2000 евра данок по жител, пари кои се извлекуваат од нас граѓаните, за возврат да алоцираат смешни, сега веќе, 6-7 евра по ромски жител. Развојните агенции и приватните донатори може, но не мораат да финансираат програми и проекти за ромска инклузија. Државата мора! А државата беше секогаш себична и фокусирана на своите потреби. 30 години ромскиот приоритет беше најспоредното минорно прашање за стабилноста на политички и економски план и како такво мораше да чека подобри времиња. Чека и сега затоа што знаеме каде е вниманието на власта и институциите – борба за името, идентитетот, јазикот, религијата, својот опстанок со цел влез во ЕУ. Цената ја плаќаме сите, секој на свој начин, затоа што сиромаштијата влијае врз сите основни елементи на државата. Од друга страна, платената цена носи различит товар на социјално стратифицираните граѓани, при што животот станува се потежок за една третина граѓани кои живеат под прагот на сиромаштијата. Впрочем така беше во средината на 90тите години од минатиот век кога поради лошата транзиција секој трет граѓанин беше сиромашен и невработен. Ниту после 30 години демократија нашата економија не може да го стигне БДП-то од 1989 година. Најголем раст на нашата економија имаше во 2007 година (7%) а сето останато беше стагнација или назадување. Од средно задолжена станавме високо задолжена држава со скоро 60% од БДП. Тоа значи лоша иднина за неколку генерации во следните 50 години или поинаку кажано сегашната генерација ја потроши иднината на следните генерации.
Моја препорака е секој поединечно да се прашува и најде начин како да донесе и раководи пари во име на ромската кауза. Не чекајте да добиете милост од државата или сожалување од вакво заболено и корумпирано општество. Барајте од државните институции информации како ги трошат граѓанските пари на државниот буџет, какви договори прават за концесиите, природните ресурси и тендерите во име и сопственост на сите нас. На следни избори, прашајте ги нашите ромски кандидати што ќе одработат за заедницата, зошто да им го дадете вашиот глас и дали имаат јасна визија и капацитет да направат барем еден чекор напред кон подобар животен стандард. Немојте да им дозволите повторно да ви ветуваат се и сешто па после несвесно да си го каснуваат јазикот на сон и јаве. Читајте, следете професионални и независни медиуми, без пристасни и партиски продукции на полу-лажни и лажни вести.
Во сите овие 30 години напор никој не ја знае цената на ромската интеграција, ниту пак е изграден институционален капацитет и структура која може да произведе колективен импакт и прогрес во ромската заедница. Мене ми е сосем јасно дека тоа е пред се наша одговорност и задача, од знаењето и способноста на сегашните и идни генерации, начинот и формите на само-организирање и секако квалитетот на новите идеи на нашата еманципација. Според мене, фазата на само-еманципација заврши во времето на мојата генерација на активисти. Новата генерација на активисти и интелектуалци нема потреба од себе-еманципирање туку час поскоро да внесе нови содржини и квалитет за да го продолжи патот на еманципација и развој на ромската кауза. Можностите и условите се сега многу подобри, што претполага дека следните генерации треба да бидат поуспешни од нас. Ако бидат подобри и поуспешни ќе докажат дека сите претходно бевме на вистинскиот пат кон посакуваната заедничка цел. Квалитетот „подобар“ ќе се мери преку личниот и организациски интегритет, респектот и прифаќањето од страна на заедницата, моралниот кредибилитет заедно со транспарентноста и отчетноста кон граѓаните, искреноста во јавните настапи и комуницирање со јавноста. „Успешноста“ на новата генерација ќе се мери преку аплицирањето на нивните компетенции во реалноста на нашето секојдневие и обединетоста под вредностите на ромската еманципација. Борбата против расизмот, стигмата и дискриминација ќе се добие само преку образование и економски напредок. Сето останато, политика, избори, донации, социјална помош, и слични процеси носат исти ризици како и досега: комерцијализирање на нашата еманципација, зависност од непосветени и непостојани структури, дисконтинуитет на нашите стремежи и напори за подостоинствен живот.
Надир Реџепи
Ноември 2020