Мицкоски: ДУИ сака да земе 70 отсто од министерствата, институциите и компаниите, а за СДСМ да остави 30 отсто
„Дека ова е вистина што ви го кажувам се потврдува со онаа симулација која вчера ДУИ ја направи на распределба на министерски места и владини позиции. Јадно, СДСМ никаде го нема. Ќе им порачам кусо, влада не се прави со дигитрони, туку со поддршка од народ. И овој заговор нема да ви помине“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ на митингот во Крива Паланка
ДУИ и СДСМ разработуваат своевиден заговор против Македонија со поделбите на позициите и на државните функции, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на митингот на партијата во Крива Паланка. Според него, изборите се последната шанса за спас на државата која, како што вели, е одземена од рацете на граѓаните и е управувана од стотина луѓе од ДУИ.
Опозицискиот лидер додаде дека овој „режим“ е „опслужуван од слугите од СДСМ“ и од лидерот на владејачката партија Димитар Ковачевски. СДСМ, според Мицкоски, го прави ова за да купи ден повеќе, а ДУИ за да украде милион повеќе.
„ДУИ со нивните коалициони партнери сакале 70 отсто од министерствата, компаниите, институциите, а 30, само 30 отсто за СДСМ и за Ковачевски. И за ова има информации дека имало веќе средби, а Ковачевски му рекол на Ахмети – земи бел лист хартија напиши колку треба за СДСМ, ние ќе прифатиме. Ете на тоа дереџе падна СДСМ, и со тој образ-ѓон партијата ја сведоа на најниските гранки. Од друга страна, дека ова е вистина што ви го кажувам се потврдува со онаа симулација која вчера ДУИ ја направи на распределба на министерски места и владини позиции. Јадно, СДСМ никаде го нема. Ќе им порачам кусо, влада не се прави со дигитрони, туку со поддршка од народ. И овој заговор нема да ви помине“,
рече Мицкоски.
За претседателскиот кандидат Стево Пендаровски, Мицкоски рече дека бил активно вклучен во „молење кон странците“, но секоја врата му била затворена и требало да знае дека ќе загуби силно и убедливо.
Мицкоски им се обрати на неопределените и на тивкото мнозинство, повикувајќи го да гласа за опцијата што ќе ја направи Македонија „повторно твоја“.
„Сакам да се обратам и до македонската опозиција. До партиите кои по разни основи се расцепкани. Јас доколку не повикам на национално обединување, би го погазил супстратот и идеологијата на мојата партија, затоа што ВМРО е и Демократска партија за македонско национално единство. Пред сликата на руините и хаосот кој го прави оваа власт, ви велам дека секоја наша разлика со која било опозициска партија, било тоа да е Левица или ЗНАМ, е помала од големата и заедничка работа пред нас, а тоа Македонија и нашата борба да кажеме дека има надеж и дека има иднина“,
рече Мицкоски.
Тој, како што порача, подава рака за обединување во битката против оваа „ненародна власт предводена од ДУИ и нивните измеќари од СДСМ“, додавајќи дека гласањето и излегувањето на овие избори не е само уставно право, туку и чин на патриотска должност, а прифаќањето на подадената рака ќе значи дека искрено и чесно сите се борат против оваа власт.
Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ на митингот во Крива Паланка наброја неколку проекти од партиската програма „Платформа 1198“, како економски раст од пет отсто, отворање 55 илјади работни места, фронт против корупција, 250 милиони евра инвестиции во општините, проверка на имотот на судиите и на јавните обвинители, зголемен надоместок за социјална заштита, градинка за секое дете, по пет илјади денари повеќе за секој пензионер, до шест бесплатни оплодувања ин витро, поевтина струја, 800 милиони евра за земјоделството и друго.
Носителот на Изборната единица 3, Драган Ковачки од митингот во Крива Паланка, презентирајќи ги проектите од партиската програма се осврна и на оние кои се однесуваат на Општина Крива Паланка.
Ковачки најави поврзување на Крива Паланка со Македонска Каменица со асфалт, како и изградба на пат Тораница – Саса во должина од 19 километри.
„Предвидуваме доизградба на главен фекален колектор по фази и докомплементирање на техничката документација за пречистителна станица, изградба на нов водоводен систем од Љуњки до село Конопница. Предвидуваме исто така изградба на делница од Страцин до Длабочница како дел од експресниот пат А2, од Ранковце до Крива Паланка од патниот Коридор 8 кон Република Бугарија“,
истакна Ковачки.