Мониторинг на искористеност на активните мерки и услуги за вработување од страна на Ромките за 2020 година
Жените во Македонија генерално се соочуваат со тешкотии при пристапот до пазарот на трудот. Ситуацијата е уште потешка за жените од етничките заедници, особено за Ромките. Тие се изложени на „двојна дискриминација“ – од мнозинското население и од самите ромски заедници, врз основа на етничка припадност и пол, што ги турка на маргините на економското општество.
Според Извештајот на Светската банка од 2019 година, родовиот јаз во учеството во работната сила е сè уште голем, а кај Ромките постојат низа ограничувања што ги прават невработливи и економски зависни.
Истражувањето врз база на достапните податоци од Агенцијата за вработување доведува до заклучок дека од вкупниот број регистрирани невработени Ромки, дури 94 % се без образование или имаат основно образование.
Спроведениот мониторинг ни покажа дека сè уште се забележува ниска искористеност на активните мерки и услуги за вработување од страна на Ромките. Независно што од година во година има тенденција на зголемување на корисници Ромки на активните мерки и услуги, нивниот опфат во активните мерки е многу мал и недоволно придонесува за зголемување на вработеноста на Ромките.