Нема да има промена на цената на струјата и обезбедена е за сите домаќинства, тврдат од Владата

До крајот на годината нема да има промена на цената на електричната енергија и истата е обезбедена за сите домаќинства, велат за „Фокус“ од Владата откако се погласни станаа информациите дека зимава можни се рестрикциии на струјата по пропаѓањето на тендерот за набавка на 1,2 тони јаглен, а цената на струјата на светските берзи постојано расте.

Од Владата уверуваат дека граѓаните не треба да бидат загрижени бидејќи сите активности што владата ги презема, вклучувајќи набавка на дополнителни количини на јаглен, можноста за вклучување на ТЕЦ Неготино, се прават за да се одржи системот, обезбедувајќи ги потребните количества електрична енергија за граѓаните.

Во однос на стопанството, сите активности се насочени кон обезбедување електрична енергија по поприфатливи цени од берзанските.

-Нашата држава не може да влијае на случувањата на светските берзи, но преку А.Д. ЕСМ и зголемувањето на домашното производство ќе обезбедиме дополнителни количини на електрична енергија кои ќе го амортизираат можното нагло зголемување на цените на компаниите. Во РЕК Битола ги активираме капацитетите на третиот блок за да имаме домашно дополнително производство на струја за да ја балансираме потрошувачката со домашна електрична енергија, а се прават анализи и се проценуваат потенцијалите и во другите енергетски капацитети. Внимателно ја следиме состојбата и во регионот и Европа и ги уверуваме граѓаните дека нема потреба за загриженост, велат од Владата за „Фокус“.

Исто така надлежните уверуваат дека до крајот на годината не се очекува енормно зголемување на цените, а инфлацијата се очекува да остане во зоната на ниска инфлација. За нив е значајно тоа што од септември веќе имаме стабилизирање и на цените на мало и на трошоците на живот, а податоците на Државниот завод за статистика објавени за септември годинава покажуваат намалување на трошоците на живот на месечно ниво.

-Дополнително, кај нас се веќе преземени голем дел од мерките што ги препорача Европската комисија за земјите членки за заштита од ценовните удари со електричната енергија. Донесена беше и мерка за намалување на ДДВ кај електричната енергија во јули годинава. Целта на оваа мерка беше токму заштита на стандардот на граѓаните, односно да се овозможи пониска цена и намалување на трошоците на домаќинствата. Како и во земјите од регионот и во Европа цените и во земјава има пораст на цените. Стапката на инфлација во првите девет месеци, односно во периодот јануари-септември 2021 е 2,8 проценти и се должи на растот на цената на храната од 2,4 проценти и на електричната енергија за 5,7 проценти, додаваат од Владата.

ЕСМ најави склучување на договор за набавка на јаглен за РЕК „Осломеј“ за негова континуирана работа од декември до април 2022 година. Додека за РЕК „Битола“ повторно е распишан повик, со цел да се добие поголемо количество на јаглен, со поволна цена која ќе има економска оправданост, откако на првиот повик не беше понудена потребната количина.

Во дел од земјите од регионот и светот веќе почнаа да се најавуваат рестрикции и за домаќинствата и за стопанството поради светската криза со струјата.

Related post