Несреќи при работа, 108 лани од кои 15 завршиле фатално

Петнаесет работници лани го загубиле животот на своето работно место. Најголем дел од нив биле во градежниот и земјоделскиот сектор.

Најголемиот број на смртни случаи се регистрирани во Скопје, потоа следат Куманово, Охрид, Струмица и Тетово, а најголем број на работници биле на возраст од 35-44 години.

– Но, дали и колку се заштитени работниците во земјава? Сносат ли некаква одговорност работодавците? – Македонско здружение за заштита при работа.

Проблемот не е во законите, бидејќи на хартија има регулативи, но во пракса одговорност нема, судските процеси се долги, а правдата е бавна за работниците и нивните семејства, оценуваат од македонското здружение за заштита при работа.

„Доколку видиме лична одговорност кон еден кој не го почитува законот и ќе биде казнет како пример за сите останати, тогаш ќе дојдеме во ситуација свеста кај сите останати кои се обидуваат да делуваат како да ќе поминат без последица, дека ќе се променат. Вториот начин е кога имаме несреќа на работното место, задолжително мора да ги разбереме механизмите кои довеле до повреда, не може само да се води како несреќа, едноставно луѓето не се само статистичка бројка, тоа се нечии браќа, сестри, нечии деца“. – вели Милан Петковски – Македонско здружение за заштита при работа.

Додека граѓанските здруженија прават анализи, државата воопшто нема усогласени податоци за оваа проблематика. Наместо тоа, надлежните институции имаат сосема спротиставени анализи за несреќите на работните места, со што не може да се добијат одредени заклучоци, за да се детектираат слабостите и да се најдат соодветни мерки за надминување на проблемите, посочува Петковски. Не постои ниту регистар на професионални заболувања кај работници.

„Доколку државата сериозно пристапува кон ова, таа би требало посериозно да ги анализира овие податоци, наместо организацијата, државата има обврска да излезе со свои конкретни податоци колку се гине, како се гине и зошто се гине“.- вели Петковски.

Денеска по повод Светскиот ден за безбедност и здравје при работа активисти од македонското здружение засадија 15 дрвца во спомен на изгубените животи на 15 работници.

Related post