Поддршка на зелената агенда на Европската Унија преку доделување на 22 трицикли со приколки и заштитна опрема за собирање на отпад во општина Прилеп
Ромскиот Ресурсен Центар од Скопје заедно со ЦЕЛИМ од Милано, Општина Прилеп и локалната НВО Ромаперспектив денес додели 22 трицикли со приколки како и заштитна опрема за собирање на пластика, хартија и железо на 30 лица кои се занимаваат со колекција на отпад. Оваа донација е во рамките на проектот „Обезбедување на пристојни услови за живеење за ромските семејства во општина Прилеп“
Основната цел на овој проект е подобрување на условите за живеење на социјално загрозени семејства, унапредување на инфраструктурата како и легализација на ромските населби. Меѓудругото со овој проект се помагаат и невработени Роми да можат да дојдат полесно до работа, да бидат поконкурентни на пазарот на трудот како и зголемување на нивните приходи.
Со оваа акција директно помагаме 30 ромски семејства полесно да собираат пластика, хартија и железо како и да собираат отпад во поголем количина и на полесен начин. Очекуваме дека на овој начин овие семејства ќе ги зголемат нивните приходи, ќе бидат соодветно заштитени во текот на работата а со тоа и да ја подобрат економската состојба на нивните семејства.
Меѓудругото во рамките на овој проект дополнително се реновираат најмалку 32 куќи на социјално загрозени семејства, се легализираат повеќе од 480 нелегализирани куќи, се носи ДУП за цела ромска населба во износ од 71 хектар, се обезбедува водоводна линија и приклучок до квалитетна питка вода за околу 280 ромски семејства кои во моментот немаат пристап до вода, се обезбедува поддршка во основното образование за 200 ученици Роми како и поддршка за остварување на основните здравствени права на Ромите во општина Прилеп.
Проектот е финансиран од Европската Унија а го имплементираат ЦЕЛИМ од Милано, Ромски Ресурсен Центар од Скопје, општина Прилеп и Ромаперспектив од Прилеп.
Проектот се спродува во партнерство со Министерството за труд и социјална политика и е поддржан и од Владата на Република Северна Македонија.