Подобрување на статусот на Ромите преку ЕУ реформи
На денешниот настан отворање на нов проект: Ромскиот граѓански сектор за пристап кон ЕУ, во Клубот на пратеници во Скопје, заменик министерот за труд и социјална политика, г-дин Енвер Хусејин изјави: „Ромите се дел од претпристапните преговори со ЕУ. Посебен фокус на ромската заедница е дадено во Поглавјата 19 и 23, каде како приоритети се социјалната инклузија и еднаквите можности за вработување. ”
Заменик министерот во своето излагање на настанот упати порака до граѓанските организации, меѓународната заедница и националните институции заедно да изнајдат механизми за подобрување на статусот на Ромите во општеството.
Посветеноста на Владата во однос на ромското прашање беше опфатена и во излагањето на г-дин Елвис Мемети, советник на премиерот за вклучување на Ромите, кој истакна дека во иднина се предвидени од 5 до 7 милиони евра за приоритени прашања за Ромите, особено во областа образование и тоа за ран детски развој, домување и вклучување на пазарот на труд.
Настанот продолжи со кратка презентација од страна на проектниот тим кои го споделија целосниот проектен план и главната цел на проектот: да придонесе кон зајакнување на активното учество на ромскиот и проромскиот граѓански сектор во одлучувањето и структурираниот политички дијалог за вклучување на Ромите, поефикасна имплементација на реформите во политиката поврзани со правото на ЕУ особено во врска со поглавјата 19 & 23.
Проектот ќе гради капацитети на граѓански организации кои работат на ромски прашања преку обуки, ќе поддржи мониторинг на јавни политики и пишување на извештаи, организирање на кампањи за застапување како и директна финансиска поддршка преку субгрантирање на граѓански организации.
Имплементатори на проектот се Асоцијација за Демократски Развој на Ромите Сонце- Тетово во партнерство со Ромска Асоцијација за жени и млади ЛУЛУДИ, Здружението за поддршка на маргинализирани групи Ромски Ресурсен Центар и Симплексис од Грција, финансиран од Европската Унија преку Инструментот за претпристапна помош (ИПА III) на Европската Унија Програмата за поддршка за граѓанското општество и мрежи/платформи на медиуми за унапредување на секторските реформи и пристап на Република Северна Македонија во ЕУ (EuropeAid175431/DD/ACT/MK).