Помалите етнички заедници и коалициите – Османовска: Со европскиот фронт ќе има поголема застапеност
Фатма Османовска, претседателска на Унијата на Ромите, партија која минатата недела стапи во коалиција со Европскиот фронт предводена од ДУИ смета дека со ваквата одлука ромската заедница ќе биде повеќе вклучена во законодавната и извршната власт. Таа во вчерашното издание на Дејли Клик на Тв 21 рече дека на ова се одлучиле поради позитивното искуство досега.
„Време е да покажеме дека сме спремни, зрели како заедница, имаме доволно стручен кадар, политички зајакнат кадар кој што може да ги застапува интересите на Ромите. Имаме некое позитивно искуство од претходно кое што ни покажува едно позитивно искуство што го имаме со оваа коалиција на локално ниво ни покажува дека истото може да го пресликаме и како коалиција на национално ниво, а подобро е што таа коалиција е уште поширока на национално ниво“, вели Фатма Османовска.
„Во делот на коалицирањето, за жал, поголемите политички партии, партиите на помалкубројните етнички заедници ги сметаат само за пред избори, за да се користат максимум колку се може. И тука сметам дека партиите на дел од помалкубројните етнички заедници немаат ни свои принципи. Целата борба им е за 2-3 фотелји и тоа не носи ништо добро за заедниците“, вели Енес Ибрахим.
За европската перспектива на земјава пак говореше Џељал Хоџиќ од Партијата за демократска акција на Бошњаците. Според него, ако таа перспектива ни се одземе ќе бидеме како Белорусија.
„Ако и се одземе европската перспектива на државата ние не гледаме некое убаво светло и треба да кажам искрено дека амбиентот во кој ќе продолжиме да работиме секој во својата професија, а потоа размислувајќи за иднината на нашите поколенија мислите дека ќе има некаква убава перспектива тоа без европската перспектива? Ви изгледа можно дека ние без европска перспектива можеме Македонија да ја направиме пристојно место за живеење? Апсолутно не“, вели Џељал Хоџиќ.
Тројцата соговорници се согласија дека по изборите треба да се донесат уставните измени и со тоа земјава да го продолжи евроинтеграцискиот пат.