ПОПИСОТ Е ПОДЕНКАВНО ВАЖЕН КАКО И ИЗБОРИТЕ! ДА НЕ ДОЗВОЛИМЕ МАНИПУЛАЦИИ СО НАШИОТ ИДЕНТИТЕТ!

о Пописот има само добитници а во изборите, победници и губитници

Во пресрет на локаните избори за градоначалници и членови на совети во општините, започна и најголемата статистичка операција во Северна Македонија, Попис на население 2021 година. По некоја (не)случајност овие две операции, се совпаѓаат но за жал некако едната добива поголем фокус а другата се реализира под сенка. Сведоци сме дека машинеријата која работела во период март и април, кога требаше да се реализира Пописот оваа година, некако ја снема… односно истата машинерија се префрли кон локалните избори наместо паралелно да работи и на двете. Операцијата Пописот на население започна да се реализира без никаква афирмација, без никаква кампања па дури и без (можеби мала) медиумска поддршка. Па, случајно си помислив две работи: Или Пописот заврши предврме, или пописот ќе биде дел од кампањата на сите актери во него (политички партии и (не)владини организации) или пак, ќе се одложи.

Двете операции се потребни за нашата земја. Да се одбере која е поважна а која е помалку важна, е тешко. Секој со различно видување и одговор. На пример, обичниот граѓанин ќе каже: нит од избори имам аир, нит од попис! Некој пак од нив ќе спомене: се е наместено, однапред се знае кој и како ќе добие и кој и колку проценти ќе биде. Важноста на двете операции може да се согледа и низ призмата на (не)владините организации. Сметам дека и за нив е важно пописот колку што и локалните избори бидејќи треба да потрошат средства за кампањи за масовно попишување на граѓаните, но и секако, изборите се исто толку важни бидејќи нивната (не)владина работа ќе зависи и од соработка со локалната власт бидејќи за поголем просперитет на проектот треба и поддршка од локалната власт.

Но чуден е односот на политичките партии кои во текот на март и април 2021 година се фокусираа на операцијата Попис 2021, што за разлика од сега, партиите се фокусирани на локалните избори. Како и да е сите инволвирани страни, се вклучуваат и во двата процеса… но знаете што велат старите: две лубеници под мишки, не се тера, едната ќе падне!

Но сепак, Пописот е од национален интерес за нас Ромите и далеку поважен од локалните избори, бидејќи од операцијата Локални избори има губитници и победници, додека важноста од Пописот на населението за Ромите има само победници, а тоа се сите.

Демографијата и статистиката на Ромите во Македонија.

Податоци за демографијата на ромската заедница во Македонија, започнуваат коn крајот на XIX век, со истражувањата на неколку европски истражувачи (Тимаев, Ами Буе, Васил К’нчов). Во своите ракописи укажуваат на статистички податоци за присутноста на Ромите во Македонија, согласно нивните теренски истражувања по градови. Така на пример, во Битола во триесетите години на XIX век, живееле повеќе од 2.000 Роми (С. Станинска, 1999:219), во Прилеп, кон крајот на XIX век, живееле над 1.700 Роми (К’нчов, 1990:236). Во Дојран и Дојранско, регистрирани биле 320 Роми (Павловиќ, 1925) а во Струмица 160, додека во Штип, егзистирале над 500 Роми (К’нчов). Кон крајот на XIX век, бугарскиот етнограф Васил К’нчов, забележал над 1100 Роми во кумановската каза. Состојбата во Ромите во градот Скопје, во почетокот на XX век изнесувала над 7.500 припадници на ромската заедница од кои 1,41 % процент биле муслимана додека 0,40 проценти биле Роми православни. Во Охрид живееле 600 Роми, во Струга 220, Кичево 84, Велес 600.

Според наведените податоци од многу автори, може да се забележи дека во XIX и почетокот на XX век, бројот на Ромите кој егзистирал во Македонија било од 49.000 до 55.000 од околу 2 милиони вкупно население во Македонија. Сепак, овој податок не може да претставува квалитативен и вистински податок ако се земе предвид дека територијата на Македонија била поголема а во податоците на авторите вметнати се бројки и за Лерин, Костур и други помали територии кои сега се наоѓаат во соседството. Но исто така, може да се заклучи дека бројките на ромското население може да бидат и поголеми бидејќи истражувањата на авторите не се територијално опсежни и не ја отсликуваат целата територија на Македонија.

Би сакал да истакнам и неколку податоци за повоениот период кај скопските Ромите. Во 1909 година, градот Скопје имал над 50.000 жители или околу 9.500 семејства од кои 500 биле ромски. Демографски ако се пресмета дека едно семејство броело 6 члена, може да се заклучи дека околу 3.000 Роми, живееле во Скопје и токму затоа авторите (Тодоровски, 1968 – “Необјавена статистика од 1909)) се претпоставува дека Ромите биле трет народ после Турците (14.000) и Македонците (11.800). Помеѓу 1918 и 1925 година, во Скопје се забележуваат голем број на скопски Роми (Цветко Костиќ, 1934 – Цигани у Скопљу). Топаанчаните биле околу 750, Ковачите заедно со ковачите Колари 400, Бугурџии 150, Џамбази 750, Маџури околу 1000, Решетари и Клинчари 300. Сепак, официјалната статистика од страна на тогашна Југославија, започнува да ги евидентира Ромите во споите пописни листи како Цигани.

Година19481953196119711981
Вкупно население на Роми19.50020.46220.60624.50543.222
Процентуална застапеност/1,5%1,4%1,4%2,25

Во Македонија, после независноста, во 1991 година по извршениот попис биле евидентирани 52.103 Роми. Симптоматична е евиденцијата после 3 години, односно во 1994 година, каде се забележува дека бројот е опаднат за околу 5.000, односно во 1994 година евидентирани се 47.408 Роми. За анализа на овие податоци, мора да се земе предвид општествената ситуација во која се наоѓала Република Македонија но и ромската заедница. Најнапред се поставува прашањето зошто пописот од 1991 година е повторен после 3 години и истиот не е признаен од страна на мнозинското население во Македонија. Овој факт е доволно само причина по себе, да се заклучи дека сакајќи да се задоволат одредени етнички заедници, Ромите, како најмаргинализирана и општествено политички нестабилна, била оштетена во тој период.

Еве уште еден факт, Пописот на население во 1994 година, се спроведе од 27 јуни до 5 јули. Пред тој период, енормен број на ромски граѓани се враќаат од Северна-Рајна Вестфалија кои беа како азиланти. Иако нема официјално бројки, сепак професорот Петровски тврди дека околу 10.000 Роми ја напуштаат Македонија во 1987 година од кои околу 60 проценти се враќаат во Македонија до 1993 година. Од нив само во Шуто Оризари се сместуваат во 150 азилантски бараки односно околу 700 лица, а останатите добиваат парична помош и живеат во своите поранешни домови односно куќи. Доколку бројот на Ромите во 1991 година изнесувал 52.103, тогаш како е можно бројот за три години да се намали за 5.000, ако се земе предвид дека се организираше институционално враќање на Ромите од Германија, пред пописниот период. Статистичкиот апсурд да е уште поголем, Во 2002 година, официјално во Шуто Оризари се попишани, околу 23.000 граѓани од кои над 70 проценти се Роми. Според избирачкиот список во последните десет години, како граѓани од Шуто Оризари, заведени се околу 21.000 граѓани.

Правото на етничка определба е загарантирано со Устав и закон. Чувството на припадност е единствениот критериум за определба на припадноста. Во Македонија, постојат Роми со православна вероисповед кои го носат етнонимот к’рци, мср’манг’ри, постојат Роми кои зборуваат албански јазик, постојат и Роми кои го говорат турскиот јазик. Сепак, нивната етничка определба е ромска. Податоците за Ромите во Македонија, после 2002 година официјални не се познати. Во 2021 година ќе се спроведе Попис на население, каде покрај статичното резидентно население, ќе се попишуваат и граѓани кои живеат надвор од границите на државата.

Зошто е важно да се декларираме како Роми на претстојниот Попис на население 2021?

Разбирам дека политичкиот аспект е најважен. Колку поголем процент на Роми во државата толку подобро за нас, од апскет дека ќе добиеме поголеми права. Тоа е многу важно, но сепак има една работа за која сметам дека е дури и поважна. ОПСТАНОКОТ НА ЗАЕДНИЦАТА, ОПСТАНОКОТ НА ИДЕНТИТЕТОТ. Политиките во државата еден ден може да сменат, можеби еден ден нема да има потреба да се добијат правата според застапеност, можеби државното уредување ќе се промени, сето тоа е минливо. Фокусот на сите наши кампањи треба да биде ОПСТАНИКОТ НА ЗАЕДНИЦАТА И СЕБЕИДЕНТИФИКУВАЊЕТО, бидејќи тоа останува ВЕЧНО. Да, некои ќе велат, ќе биде наместено, некои ќе велат што е идентитет, како да знаеме дека сме Роми, има Роми кои не се декларираат како Роми и не го знаат ромскиот јазик и многу други анализи и перцепции.

Бројката што ќе ја добиеме од пописот, може единствено да ја претпоставиме. Доколку после пописот не се согласиме со неа (што постои и веројатност да е така), вината да не ја бараме само кај останатите туку и во самите нас, бидејќи идентитетот кај луѓето не се креира за два или три месеца. Националното чувство се храни со години и години. Затоа, време е да се освестиме и да работиме на НАЦИОНАЛНИ ПРАШАЊА, НАЦИОНАЛЕН ИДЕНТИТЕТ, ако сакаме да не постои присилно и тивко асимилирање.

Мимикрија е имитирање на обликот, боите, како и начинот на живот на организмите, кои не поседуваат никакви одбранбени механизми. Од етнички аспект, овој феномен “етномимикрија” доведува до длабока асимилација, сакајќи да се избегне комплексот на помала вредност од реалната етничка припадност. Всушност, некои луѓе, во реалниот живот се обидуваат да им се приближат на “одбранбените организми“ преку говорење на нивниот јазик, интерпретирајќи нивна култура, избегнување на својот реален живот и друг вид на имитација. Преку овој процес, самите себеси, си креираат таканаречен “двоен идентитет“. Нивната физичка антропологија наликува на една заедница, исто така и нивниот културен живот, но сакајќи да избегнат дискриминација, имитираат етнички и културни особености на другите, се со цел да има се доближат на “подобрите“.

Мора да се истакнат две важни перцепции:

1. Тие што се избегнуваат од својот идентитет и истовремено го негираат се отфрлени од својата заедница;

2. Тие што се обидуваат да наликуваат на “другиот“ не се прифатени и не се перципирани како такви, туку напротив, уште повеќе ги искористуваат за свои цели а во реалноста ги дискриминираат.

Феноменот со етно мимикријата креира “двоен идентитет“ чија последица е двојна дискриминација.

 

 

Автор: Даниел Петровски, антрополог и етнолог

Магистер при Институт за фолклор „Марко Цепенков“

https://avaja.org/kolumna_daniel_petrovski/

Related post