Последното европско гето: болест и глад пустошат по градот кој сите го одминуваат (ФОТО+ВИДЕО)
Луник 9, градскиот округ во западниот дел од градот Кошице настанал во 1979 година откако бил разурнат тогашниот дел од градот во кој живееле Роми, а од тогаш бројот на жителите три пати се зголемил.
Тоа тажно предградие денес се нарекува „последното европско гето“ или „срамот на нацијата“. Очевидци пишуваат дека меѓу трошните згради лебди комбинација од мириси на свежо испрана облека и смрдеа од канализацијата. Постелнината тажно виси од балконите на зградите кои од 1970-тите години не се обновувани.
Од дотраените згради, без вода во чешмите, висат кабли со кој станарите нелегално се спојуваат на електричната енергија на уличното осветлување.
Луник, првично населен покрај депонија, денес се смета за една од најголемите заедници на Ромите во Словачка.
Здравствените стандарди во населбата се на најниско можно ниво, а болестите како хепатит, дијареја, шуга и менингитис се чести, додека невработеноста достигнала стапка од над 90 отсто.
Единствената оаза во ова место, која во моментов има околу 4 илјади жители, е општината со која управуваат свештеници на Салезијанскиот ред, опкружена со висока ограда, на која младите Роми редовно се качуваат за да успеат нешто да украдат, па свештениците редовно ги бркаат.
„Тука мора да се заклучуваме за да нема постојани кражби“, вели свештеникот Маријан Пецијар, кој се придружил на заедницата на четворица свештеници на почетокот на септември. „Само така можеме да одржиме некаков мир“.
„Има голема разлика меѓу нас и другите организации кои работат тука бидејќи ние сме постојано некаде“, вели свештеникот Петер Веселски. „Локалците знаат дека сме тука само поради нив и во нас имаат голема доверба“.
Салезијанците стигнале во гетото пред тринаесет години. Со потекло од Кошице, свештеникот Петер Бешењеи бил одговорен за отворањето на оваа заедница, мисијата на која се придружил „од послушност, а не по избор“, како што кажува.
„Ова искуство со сиромашните ме натера да доживеам некои промени. Ја сфатив важноста на пренасочувањето на некои нешта кои нè прават навистина среќни“, вели тој.
Иако Салезијанците себеси не се гледаат како социјални работници и нивната главна мисија е религијата, тие сепак им нудат конкретна помош на своите сограѓани. Откако дошле во Луник свештениците им помогнале на десетици луѓе да го напуштат гетото и да изградат подобар живот на друго место.