Надир Реџепи

Пост-изборно наравоучение: на политичарите да им се онади онаквоото!!!

Колумна

Изборите поминаа, нашите гласови (мислам на ромските) отидоа јабана,(за другите ич не ми е гајле, оти се стандардно закопани во партиските ровови). Што правиме сега? Со јабана дадени (расштркани) гласови на сите можни страни нашата политичка култура остана непроменета навика – бараме моќ каде што ја нема!

Со ваков резон и математичка пресметка не можеме да очекуваме повеќе. Сега не држат оправдувањата дека поради пандемијата нашите кандидати мораа да имаат скромна кампања, која недоволно ги мобилизираше ромите да гласаат во поголем број (или пак да го концентрираат својот гласачки потенцијал).  Миксот на виртуелни (чаршиски) муабети и класични (празни) ветувања во ромските населби е наивна комбинација на активностите на нашите без-идеолошки политичари. Генерално, овој пат кампањите беа многу поефтини, без масовно возење со автобус, сендвичи и коктели.

Додека ги чекаме конечните резултати од ДИК, јасно е дека имаме само еден ромски пратеник во Собранието (знаевме дека нема да има втор). Тоа беше очигледно добитната комбинација, која е стандардна позиција во сите досегашни состави на Собранието. Останува да видиме како нашата пратеничка ќе се носи со битката против повеќеглавиот Голијат. Дали ќе биде декор како неколку нејзини претходници, или пак ќе бие битки како бунтовник на повеќе фронтови.

Да бидам јасен, не ги квалификувам досегашните ромски пратеници дека биле декор во Собранието поради нивниот ангажман или делување; нивната политичка моќ или кредибилитет секогаш доаѓаше од бројот на ромските гласачи, особено во 2рата изборна единица. Еден од 120 пратеници е многу симболична позиција во хиерархијата на моќта, иако во одредени комбинации, ромските гласови беа одлучувачки за неколку владини состави.

Имавме случај кога Бранко Црвенковски не сакаше да го прими Неждет Мустафа во неговиот кабинет затоа што добил (или успеал) да собере околу 2000 гласови. Или обратно, Амди Бајрам со преку 9000 добиени гласови имаше доволно аргументи да добие важни позиции во владата на Груевски. За ваквите пост-изборни преговори и договори врз основа на добиените гласови знаат мал број на ромски политички активисти.

Нашата нова пратеничка, која е член на СДСМ, е во слична ситуација на Неждет Мустафа; ќе видиме какво внимание ќе има Зоран Заев кон ромското прашање и нашата пратеничка која тежи нешто повеќе од три илјади гласови во 2рата изборна единица. Од спротивниот табор, Мицковски ги асимилира или игнорира (читај како сакаш) ромските гласови од своето конто (вклучително на останатите партнери од коалицијата Обнова) со изјавата дека ВМРО е победник на овие избори затоа што добил гласови без албански коалиционен партнер.

Според него, во оваа држава се бројат само македонски и албански гласови, кои по „природен пат„ треба да завршуваат кај македонски или албански партии. Според рецептот на Мицковски над 1200 ромски гласови се важечки на овие избори затоа што завршија кај НПР, а сите останати роми биле во заблуда.

Пост-изборната хипокризија или лицемерност е долготраен стандард во македонската политика. Калкулантството и додворувањето во оваа фаза е квалитет на големите мнозински партии, при што се она што го кажале и ветиле во предизборието е „пу-пу не важи“. Сега се јасно поставени односите на сила и нема тука што многу да се филозофира. До формирањето на следната влада наративот е диктиран од моќта на добиените мандати, позади кои што под маската на идеологиите и визиите за иднина на нашето општество стојат лукративни интереси за моќ и профит.

Сега малите играчи, како нашите изборни тркачи, ќе молчат и ќе чекаат што ќе договорат големите поглавари. Овој пат се петипол поглавари на челото на политичките племиња. Ромските лидери се сега релаксирани од бремето на преговорите во смисол дека не треба да се мачат и носат одговорност за договорените решенија околу тоа кој ќе биде власт а кој позиција. Било како било, одлуките ќе дојдат и сите наши политичари кои трчаа на едната или другата страна ќе бидат под милост и немилост на донесените одлуки. Поука- научивме да играме во предизборната трка.

За жал, немаме концепт ниту визија дека трката треба да се трча во оваа втора фаза. Затоа сега кога немаме „коњи“ за трчање во постизборието сакам да ги потсетам сите кои се потрошија во првата фаза на оваа игра на демократија.

Прво, она што е ветено на ромската заедница во кампањите на СДСМ и ВМРО е само пишаниот збор во нивните програми. Претходно напишав во овој медиум што имаат планирано или не за нас. Сето она изговорено во етерот е заборавено од сите нас. Немаме сумирани изјави, заклучоци, прашања и одговори од јавните трибини по ромските населби.

Второ, пишаните програми се само план. Таму нема временска и финансиска рамка, одговорна институција или структура од државниот систем. Можно е тие да се реализираат во било која година, зависно од буџетската кондиција на државата. Знаејќи дека државната каса е празна, можно е овие проекти да чекаат подобри времиња, кое значи подолго време. А можеби и нема да дојдат на ред за имплементација поради икс непознати причини. Што ќе правиме ако ништо од ветеното не се реализира? Како ќе настапи нашиот претставник, како ќе лобираат останатите ромски партии, медиуми и невладини организации?

Трето, знаејќи дека на листите имавме само една добитна позиција, сето она што е одработено во предизборитето беше наивно верување дека ќе добиеме повеќе. Штетата е дотолку голема што се расфрлифме со ромските гласови на сите страни, без сериозно да размислиме дека не смееме тоа да го правиме затоа што имаме околу 25.000 гласови во цела држава. Згора на тоа нашите гласови не се сконцентрирани и немаат којзнае кое влијание во изборните единици, освен во „двојката“.

Четврто, со овие изборни резултати треба да ни биде јасно дека имаме систем кој ги привилегира големите партии. Не треба да сме наивни на следните избори, било тоа со овој модел и географија, или друг модел на пребројување и една изборна единица. Нашата реалност на било кои избори е диктирана од бројот на ромската популација, бројот на ромски партии, и секако односот кон големите партии. Не треба да очекуваме дека Македонија ќе биде една изборна единица. Ставете се на местото на ВМРО, ДУИ или СДСМ, и побарајте причина зошто би го сториле тоа, односно зошто би се откажале од систем кој работи само за вас?

Петто, со идеолошки нејасно определени политички партии, Ромите не се перцепираат за сериозни актери на политичкаа сцена. Лутањето меѓу СДСМ и ВМРО имаше краткорочни придобивки, меѓутоа долгорочно, засега сме нејасни и неопределени актери на политичкиот спектар (да не кажам политички незрели во нашите определби за формата на државните политики). Идеолошкото кристализирање ни е преку потребно за здружувањето со политичките опции надвор од државата, кое пак за возврат ќе има поголем импакт врз домашните политички партии. Особено во следниот период на преговарање со ЕУ.

На крајот на краиштата, после 30 години демократија и изборни циклуси, неколку генерации на ромски гласачи и партии научија и учат како се игра во вакво опкружување. Во било кој смисол, нашето однесување, резон и амбиции се одраз на севкупните политички, економски, социјални и културни односи во државата. Не сме изолирани на тој план, иако сме гетоизирани во нашите населби и секојдневни интеракции. Важната поента на изборните резултати е што Ромите беа активни чинители, во рамките на нашите можности, во креирањето на политичката сцена и силите во хиерархијата на моќта. Има повеќе научени лекции од овие избори а најважната е дека ниту една од големите партии нема да има мнозинство. Тоа е многу важно да го потенцираме, знаејќи дека секогаш кога имавме мнозински влади тие владееа авторитарно и без одговорност. Затоа е корупцијата длабоко навлезена во структурите на државниот систем. До следните избори, се надевам ќе имаме позрели одлуки и делување на политичката сцена а до тогаш на идните кандидати им препорачувам да го запомнат наравоучението од насловот.

ПС. Пораката од насловот ја искажувам редовно на еден мој близок пријател, без разлика дали одработил нешто добро или не. Како таква останува да се интерпретира од читателите и секако политички ангажираните ромски активисти.

Јули 2020

Колумна Надир Реџепи

 


Bašo Amenge


Grupa taro terne Roma intelektualcija, novinarija, web dizajnerija, tehničarija, montažerija thaj javer personali savo so isilen baro iskustvo ki piri buti rodingje te keren nesto nevo ko mediumsko internet than ki Makedonija. Palo beshiba ko sostanok taro timi taro 24vakti.mk angjape decija kaj ko akava momenti falinela jek romano web tv portali savo ka nudinel pravilno, kvalitetno, informacija baši o Roma. Adaleske formiringape o www.24vakti.mk  ko adava sostanok čivgjem akala celija thaj pričine soske te formirina o jekutno romano web tv portali 24vakti.mk

24Vakti © Copyright 2015 – 2019, Sa o nijamija si protektirime