ПОТСЕТНИК ЗА РОМСКАТА ИНТЕЛЕКТУАЛНА ЕЛИТА -ПРЕИСПИТУВАЊЕ НА РОМСКАТА ГЛОБАЛНА АГЕНДА-
Во предворието на големиот јубилеј, 50 години од Првиот Светски Конгрес на Ромите и 31 година од прогласувањето на 8 Април за Меѓународен Ден на Ромите од страна на ООН, пожелно е, и секако корисно, да се сумираат нашите стремежи и напори за подобар и достоинствен живот. Опстанувањето на патот и вредностите на ромската еманципација е плод на многу генерации на политички, граѓански, културни и локални лидери/активисти, пат во кој пораките од 1971 година се врежаа во нашата модерна историја во борбата против расизмот и дискриминацијата. Педесет години се малку спореденосо 1000 годишната историја на прогони, масовни убиства, ропство, тортура и изгон од страна на европските религиозно и политички елити, вклучително гаџованските институции, кои дури и денес немаат срам ниту совест за институционалнот игнорирање и креирање нови форми на омраза кон нашиот народ. Во овие пет децении ромска еманципација ние никогаш не изгубивме верба и надеж за идејата на граѓанска интеграција, еднаквост и правичност. Останавме лојални на гаџованските државни апарати, иако тие продолжија со своето нарцисиоидно однесување и потценување на нашето битие. Тоа е за нас долг пат, движење коеод страна на познати академски интелектуалци во светски рамки е квалификувано како младо и брзо растечко во користењето на цивилизираните форми на организирање и делување. Ромскиот идентитет и јазик продолжува да се говори низ светот, во Европа и двете Америкисе користи и во пишана форма. Ново дипломираните Роми од светски познатите универзитети се нашата гаранција дека ромскиот идентитет ќе продолжи да се негува и промовира со сите форми на нашето културно и уметничко творештво. Стандардно, иднината на секој народ, вклучително неговото минато, зависи од мноштвото внатрешни фактори на организирање и делување, каде одредена група на поединци превзема одговорност и иницијатива во името на својата заедница. Од 1971 година многу групации, идеи и иницијативи се формирани и реализирани во име на ромската еманципација. Во 2014 година се обидов јавно да се обратам на ромската интелектуална елита во Европа. Скоро седум години после, не гледам потреба за дополнување или менување на моето мислење и предлози кон нашите интелектуалци. Се договоривме со 24 Вакти да го објавиме во неговата иницијална форма, како што беше објавен на многу странски и домашни портали во 2014 година, затоа што пораките и заклучоците се уште валидни за нашите заеднички чекори и стремежи кон подобра иднина.
Моето мислење се темели на три премиси. Прво, европските демократии се класно базирани општества изградени врз двојни аристократски принципи на управување – акумулација на капитал и (наметнати) заеднички вредности. Второ, економската компонента на аристократската култура е длабоко вкоренета во функциите на државниот систем и институции и како такви тие произведуваат општествена стратификација и социјална исклученост. Трето, ромската елита не припаѓа на Европските аристократии но во последно време претендира да го имитира аристократското однесување кон ромските заедници. Овој репер е позајмен модел без веродостојно и легитимно признавање од страна на ромските избирачи. Од крајот на Втората светска војна елитата непретенциозно акумулира некои форми на општествен капитал, но не доволно за да се стекне со почит и признавање од страна на мнозинските елити. Кога станува збор за колективната културата на Ромите, Ромите не се ниту следбеници ниту потчинети на аристократските наративи без оглед на тоа од каде тие доаѓаат. Затоа таканаречениот Ромски проблем, како и проблемот на многу други маргинализирани групи, е всушност резултат на структурните недостатоци на државниот систем .
Во меѓувреме авторитетот на ромската елита многу бавно се развива така да таа е се уште неподготвена да се справи со севкупниот и сложен товар на постоечките проблеми на заедницата. Гледано на долг рок, како што се одвиваат работите, предвидувам дека ќе се соочиме со предизвици на два фронта. Првиот предизвик за поддржувачите на инклузија на Ромите е да ги откорнат и ослободат аристократско-економските интереси од функциите на јавните институции. Ова е надворешен предизвик и е подеднакво важен за мнозинските граѓани со оглед на растечката нееднаквост и корупција во општеството. Втор или внатрешен предизвик е стекнувањето на доверба и поддршка од ромските гласачи преку демократски и транспарентен изборен процес кој е предуслов за градење на респектабилни политички платформи на европско ниво. Во двата случаи, на ромската интелектуална елита институциите и се повеќе од потребни, без оглед на тоа дали станува збор за постоечките или сопствени (нови). Во меѓувреме ќе има многу самоизбрани и делегирани од страна на државата ромски интелектуалци, како протагонисти на дневната политика и тесните индивидуални интереси. Всушност, ова се случува во последните две децении како дел од тековните транснационални платформи за ромски прашања.
Што се случува?
Позади нас оставивме десет години од Акционите Планови на ОБСЕ за Синти и Роми, девет години од Декадата на Ромите и четири години од објавувањето на ЕУ рамката за интеграција на Ромите. Вкупно 23 години на меѓуинституционални и финансиски инвестиции за ромските прашања. Бројот на проекти – непознат, бројот на корисници – непознат, бројот на состаноци – непознат, трошоци – непознати, напредок – никаков … ваквата реторика ги квалификува овие платформи како ремек-дело со лош дизајн. Се разбира, може да се спротивставите и тврдите дека ова е погрешна математика, но дури и да примениме соодветни пресметки ќе дојдеме до слични крајни резултати – нема напредок.
Кога беа објавени, овие иницијативи беа квалификувани како акти без преседан во поновата европска историја. Од денешна временска дистанца тие се трансформираа во скромно симболично ветување. Моментот инспириран од ентузијастичките аспирации за обединета Европа е изгубен; сфаќаме дека прашањето на Ромите никогаш ниту било сериозно разгледувано како кохезивно прашање на Европа по промените во 1989 година; овде-онде добивме понекоја морална поддршка од претставниците на ЕУ чии изјави се покажа немоќни против растечкиот ултра-националистички/нео-фашистички терор врз Ромите. Можеби е премногу рано за да се процени “историското значење” на тековните платформи, но за сега показателите јасно велат – нема што да се глорификува!
Може да се сложиме дека секоја платформа по своите намери се еден вид на парадигма. Како и многу други, тие ветуваа успех. Најчесто на почетокот нивната рамка беше нецелосна во обезбедувањето аргументи за изборот и точноста на тоа како тие оперативно ќе се применуваат. Се очекуваше дека партиципативниот дијалог ќе придонесе кон нивно целосно реализирање. На пример форумот на Декадата практикуваше релативно иновативни принципи за воспоставување на доследен и структуриран дијалог кој стана уникатен во промовирањето на ветувањето за успех. Некои елементи од моделот на Декадата се превземени од Платформата на ЕУ, но за жал флексибилноста и отвореноста на Декадата за учество се сега под лупата на критериумите на легитимно претставување. Ова повторно го доведува на површина стариот проблем на Ромското движење, кој не го решивме од 1971 година – кој е легитимниот претставник на Ромите на национално и европско ниво.
Владите изградија вештачки јавен резон за подобрување на состојбата на Ромите. Поддржани од истражувачката евиденција, со убаво спакувани описи и предлог решенија, овој резон не допре до логиката на мислењето на мнозинството. Од денешна гледна точка, патувајќи низ втората деценија на 21 век, многу е тешко да се разбере (и објасни) зошто современите европски вредности се во постојан конфликт со скаменетата средновековна стигма за Ромите. Имајќи таков јавен парадокс многу е веројатно дека приватниот резон на мнозинското населени ќе ги одбие, спротивстави и нема да ги поддржи нејасно дефинираните политички инструкции. Со други зборови, дадените политички координати на јавните политики за Ромите се во конфликт со економските и политички интереси на мнозинството. Се обидувам да ги разберам мнозинските разлози и ставови за Ромите и испаѓа дека тоа е исклучително тешка задача. Ставовите на мнозинството имаат многу различни форми на отуѓеност од Ромите, чиј дијапазон се движи од немање никакво мислење преку морална паника, се до игнорирање и екстремна омраза.
Носителите на одлуки и одговорните институции се уште не се доволно способни (повеќето од нив не сакаат) да објаснат зошто е неоходно да се поддржи унапредувањето на положбата на Ромите?! Постојаните, но тивки потсетувања за човековите, социјалните и во последно време економските права, вклучувајќи го и правото на учество, не го убедија мнозинскиот граѓанин да ја прифати инклузијата на Ромите за интегрален дел од пошироката европска демократска агенда. Лидерите на ромските политички партии и невладините организации прават напори да добијат некоја улога во “филмот за инклузија”, кој засега има добри шанси да биде многу скапа и здодевна приказна со предвидлив тажен крај! Илузионистички беше да се очекува дека вазалните политички лидери и без-заби невладини организации, поддржани од патерналистички сојузници со инфантилни концепти, може радикално да ја променат културата на гаџованските институции.
Управувани од логиката која преовлада после финансиската криза од 2008 повеќето влади имаат аверзија да трошат пари на не-економски интервенции иако истовремено се должни да се борат против сиромаштијата и нееднаквоста. Од друга страна актерите на граѓанското општество дијагностицираат зголемена неефикасност на националните влади и мултилатералната развојна помош, но за жал пошироката јавност во поголем дел не е запозната со овие предупредувања. Пристигнуваат многу нови прашања кои поставуваат висок товар и следствено ги обликуваат интеракциите и однесувањето меѓу сите вклучени актери. Релевантноста и важноста на постојните стратегии и планови за акција ќе биде повторно сомнителна ако земјите-учеснички уште еднаш пропуштат прилика да најдат баланс помеѓу политичките, институционалните и економските аспекти како одговор за имплементација на политичките ветувања. Како предуслов , од суштинско значење е да се пренасочи дебатата со пошироката јавност во конкретна насока за да се објаснат обврските на власта (не политичката волја): зошто и како да се интегрира ромската заедница во мнозинските општества и покрај тоа што тие имаат длабоко вкоренета традиција на системско исклучување на Ромите.
Фактите за сегашните и минатите случувања се евидентирани во безброј извештаи, студии, академски публикации и медиумски статии. Повеќе или помалку, тие се интегрирани во постоечкиот домен на креирани политики, но постои клучно отсуство на мнозинската политичка и економска поддршка. Законски тие останаа не-обврзувачки акти и во подтекстот образложени преку љубезни политички ветувања. Овие недостатоци, од горенаведените платформи имплицитно прави празни ритуали. Како што засега стојат работите, постои голема веројатност тековните политики и оперативни планови за Ромите да станат безвредна хартија.
Сите се согласуваат дека е многу тешко да се работи со проблемите на Ромите. Во последните 20 години ова го потврдуваат повеќето студии, аналитички извештаи, академски публикации и статии. Ова е индикатор кој на свој начин укажува на разните проблеми и прашања во врска со темата. Од друга страна поголемиот дел од литературата произведе уверување и толкувања од различни перспективи, што е исто така позитивна појава, но ако погледнете подлабоко во главните истражувачки прашања и преовладувачката загриженост ќе најдете тивко избегнување на објаснување дека проблемот е првенствено вкоренет во функционирањето на државниот систем. Наодите од истражувањата и идентификуваните причински фактори претендираат да бидат новина за носителите на одлуки, кои ги потврдуваат претходните претпоставки/верувања дека главните проблеми се вкоренети во културата на Ромите, што дефинитивно не е точно и не придонесува да се едуцира обичниот граѓанин. За ромскиот читател нема ништо ново и корисно што може да примени или искористи во пракса. Уште повеќе, скоро е невозможно тоа да се пренесе на ромските заедници, бидејќи нема логика ниту смисла да им се кажува на луѓето нешто што тие го доживуваат секојдневно.
Оперативно, овие платформи поставија гломазни и скапи машинерии, чии спори реакции ги претвараат првичните идеи во нереални, однесувањето на надлежните институции неефикасно и најкритично, целиот процес ги исцрпи и делегитимизира повеќето од организациите на ромското граѓанско општество. Највознемирувачки е фактот дека не постојат предлози за поставување на систем на структури и инструменти за извршување на јавните политики.
Предвидување на предвидливите развојни обрасци
Прва која се приближува кон својот крај е платформата за Декадата на Ромите. Знаејќи дека е дојдено време да се преиспитаат првичните идеи и размислиме како да се справиме со следните развојни предизвици, повторно, што не е изненадувачки, државите членки на Декадата го имаат последниот збор. Без оглед на тоа што ќе одлучат владите, дали Декадата ќе продолжи или не, тие ќе мора (барем себеси) да одговорат на следните три прашања:
Што планираат (сакаат) да направат за инклузијата на Ромите?
Како тоа ќе го направат? и
Што сакаат да променат од претходниот дискурс?
Дадените прашања се базираат на претпоставката дека ромските прашања ќе останат во агендите на сегашните и следните влади. Да, некој може да каже дека Ромите имаат искусено речиси нула сопственост и одговорност од деветте потписници (всушност шест премиери плус тројца заменици премиери ја потпишаа Декларација на Декадата во Софија), кои во меѓувреме беа сменети со 36 премиери и непознат број на координатори на Декадата од 2005 година (случајно само премиерот на сегашното Црногорско Претседателство на Декадата повторно има мандат). Мојата поента е дека без оглед на тоа каква ќе биде политичката одлука по 2015 молам да не се организираат големи симболички конференции како шоу за врвните лидери. Високите официјални авторитети се зафатени со поважни прашања, како економски раст, стабилност и просперитет на нацијата. Зошто да го трошите нивното време и енергија на прашање кое не предизвикува нестабилност, не предизвика економски напредок и не е популарна политичка тема. Аргументот “Зошто ” е отсутен од реториката на властите затоа што денес политиките се мерат не според нивната важност, туку по нивната популарност и прифаќање од страна на мнозинските гласачи. Така, наместо да имаме јасна политичка артикулација за тоа зошто развојот на потребите на Ромите треба да се смета како интегрален дел од мнозинските развојни политики, тековните дебати и предложени мерки се губат во апстрактното наследство на супранационалните организации и нивните демократски недефинирани транснационални политики. Мојот перверзен цинизам тука намерно противречи на прашањата кои ги покренав бидејќи вродената егоистичка рационалност и економските интереси на мнозинските елити предвидливо ќе влијаат врз претстојните политички одлуки. Дали некој верува дека економски најнапредниот континент на светот е толку импотентен за да ја реши ситуацијата на само два проценти од своето население? Прашувајќи го ова, тврдам дека единствената противмерка мора да дојде од организираните ромски гласачи преку политиките на интерес.
Постојаниот интерес и загриженост останува околу квалитетот на само-организирање на Ромите и нивната способност да поставуваат колективна барања кон надлежните институции. Во тој поглед, засега заедничкиот именител на идеалот на Ромското движење беше сконцентриран околу барањата за еднаквост и граѓански слободи кои во последниве две децении првенствено беа насочени кон меѓународната заедница. Поддржано од страна на меѓувладини и донаторски агенции, Ромското движење успешно ја оствари својата прва глобална цел – артикулираше специфични потреби и ја подигна институционалната свест за обемот и природата на проблемите на Ромите. Може да има различни сфаќања и толкувања дали агендата на ” убедување ” заврши или не. Според мене, тоа беше сосема хаотичен и неорганизиран дел на само-организирањето на Ромите бидејќи потроши многу време и енергија, но време е да се прекине со тажните приказни за Ромите. Во одреден момент, алармот и критиките од страна на застапниците на Ромите и про-Ромите се претерано досадни бидејќи постојано користат исклишеизиран речник додека ги изнесуваат аргументите за “кутијата” со ромски проблеми.
Ајде да се согласиме дека повеќе не постои потреба за “очајнички” предупредувања на оваа тема! Политиките се усвоени, институциите се задолжени а тука е и загриженоста на мнозинските граѓани. Ромското движење и неговата елита треба да престанете да играат ” воајерска ” улога за прашањата од економијата, политиката и развојот на културата. Ромското движење и неговата елита мора да ја превземе својата легитимна улога и одговорност, со цел да стане конструктивен придонесувач а со тоа и дел од глобалните развојни трендови. Ние треба да го одвоиме ромското прашањето од синонимот за фондови. Парите никогаш не се доволни и произведуваат контра-продуктивна зависност на нашата кауза. Јас тука не прикачувам никаква идеологија ниту политичка етикета. Ова значи дека ромските интелектуалци треба пред се да го “исчистат ” својот двор и да создадат наша заедничка визија. За да го направат тоа, постојат прашања и предизвици кои треба да бидат разгледани од ромското лидерство како дел од заедничкото сознание во рамките на тековните внатрешни дебати кои наводно треба да ја изградат заедничката долгорочна визија.
Времето на додворување со донаторите и меѓувладините организации е минато! Порано или подоцна, мора да ја препознаеме потребата за структуриран и обсмислен дијалог. Интеграциите на ЕУ се единствен процес кој фрла визионерска светлина врз ромските прашања и заедно не спојува околу масата. Благодарение на платформата на Декадата ние го забрзавме процесот на градење доверба проследен со учење модели на соработка вклучително и предизвиците на политичката и институционална несовршеност. Важно е да се нагласи дека во рамките на Декадата сегашната генерација на ромски активисти имаше значителен интелектуален напредок и воспостави респектабилни односи и соработка со домашните и меѓународните институции. Дадените можности во рамките на иницијативата на Декада ги забрзаа еманципаторските гласови и амбициите на нова генерација на ромски интелектуалци кои покренаа многу иницијативи и го унапредија квалитетот на дебатите. Многу лекции се научени и треба да се искористат за да се унапреди дијалогот на постоечката рамка на одредбите на ЕУ.
Денес, во ера на кризата од пост-2008 година, пеколно е тешко да се бара и очекува солидарност за ромските проблеми. Луѓето се окупирани со своите проблеми повеќе од било кога, стравовите и грижите лесно се трансформираат во фрустрации затоа што сиромаштијата тропа на вратата на секој десетти европски граѓанин . Денес сме сведоци на масовни протести и немири низ целиот свет. Очигледно, луѓето протестираат кога се соочуваат со сиромаштија и безперспективност за што ги обвинуваат своите политички елити. Реакциите и однесувањето на Ромите се стандардни – ние не протестираме ниту пак се приклучуваме на мнозинските бунтовници. Што не е во ред со нас? Дали е тоа правилен или погрешен избор ? Нема ни глас, ниту внатрешна дебата на оваа тема помеѓу ромската елита и младите дипломирани Роми. Веројатно влогот е висок и речиси сигурно надвор од нашата визија за интеграција. Веројатно тоа е длабоко вкоренето во нашата пацифистичка култура и нецелосно разбирање за највисоката форма на организиран систем на човекот наречен држава. Како да се направи разлика помеѓу криминалот на политичките елити и обичните криминалци, кога и двете страни практикуваат груба сила и моќ кон обичниот човек? Или ние уште еднаш треба да се дистанцираме од културата на насилна примена на конфликтот, која е веќе видена и доживеана во историјата на гаџованите. Ние мора да го искажеме нашиот аргумент и отворено да ја изразиме нашата позиција. Ова ќе ни помогне да го просветлиме нашето минато, разбереме сегашноста и позиционираме подобро место за иднината на следните генерации Роми.
За сега ромската елита, која на неексплицитен начин има чувство на должност и обврска кон своите заедници единствено ја поседува моќта на пишаниот збор. Тоа е мека и симболична моќ која за жал досега не е доволно применета од ромските интелектуалци. Ова е важен инструмент во нашите раце, кој не треба да служи само за артикулирање на нашите мислења и загриженост во врска со тековните случувања, туку и да го следи духот на еволуцијата и размислувањето на нашите елити во името на колективните интереси и барања. Едноставно мораме да одговориме – што навистина сакаме да постигнеме и добиеме преку тековните и најверојатно следните платформи? Ова секако нема да биде доволно со оглед на минатото искуство каде знаеме дека е лесно да се покрене нова иницијатива. Главниот предизвик е како да се структуира и мудро раководи секоја иницијатива. Јас искрено верувам дека сите успеси и неуспеси од минатото ќе ги обликуваат нашите глобални цели во иднината, искристализираат нашиот цивилизиран пристап на интеграциите низ дијалог и соработка. При тоа мораме да најдеме наш начин, концепт и систем доколку сакаме да ја раководиме сопствената судбина.
Надир Реџепи