П Е Т И Ц И Ј А “Ромите и граѓаните од Шуто Оризари повеќе нема да молат за своето здравје!” Бараме функционална Поликлиника во Шуто Оризари!

Во Поликлиниката во Шуто Оризари обезбедете ни:

– Пункт за итна медицинска помош.

– Дополнителни две ординации со матични лекари.

-Специјалистичко-консултативна здравствена заштита од најмалку четири специјалности: интерна медицина, дерматовенерологија, неврологија и ортопедија.

– Радиодијагностичка дејност (Рентген дијагностика).

– Зголемен број на патронажни сестри.

– Опремување на Дежурната служба

 За да се отварат нашите барања од Владата на РМ, Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување и  ЈЗУ Здравствен дом – Скопје бараме:

                – Да се опремат простории за работа на итна медицинска помош, да се набави возило за итна медицинска помош кое ќе биде стационирано во Поликлиниката во Шуто Оризари и да се вработи персонал со цел да се формираат тимови за итна медицинска помош кои ќе работат 24/7.

– Да се опремат дополнителни две ординации за матични лекари, согласно на Правилникот за стандарди за акредитација на ординациите од примарна здравствена заштита

– Да се обезбедат субвенции за лекарите кои ќе отворат приватни здравствени установи со матичен лекар во рамки на ново опремените ординации во Поликлиниката.

– Да се опремат најмалку четири кабинети, вклучувајќи и дијагностичка опрема, за обезбедување на специјалистичко-консултативно здравствена заштита од областа на интерна медицина, дерматовенерологија, неврологија и ортопедија. Да се вработи најмалку по еден доктор од секоја од наведените специјалности кои ќе ја вршат соодветната дејност, како и соодветен здравствен персонал со висока и средна стручна спрема.

– Да се опреми рентген кабинет со потребните рентген апарати и да се вработи соодветен медицински персонал за соодветно обезбедување на здравствени услуги од рентген дијагностиката.

– Да се вработат најмалку две патронажни сестри во Поликлиниката во Шуто Оризари.

– Да се опреми Дежурната служба во Поликлиниката со потребна медицинска опрема и материјали со цел да обезбеди соодветна и квалитетна здравствена заштита.

– Да се назначи служба која што ќе раководи со Поликлиниката во Шуто Оризари, вклучувајќи Раководител и соодветба административна служба по пример на останатите Поликлиники во Скопје.

Зошто ја поднесуваме оваа петиција:

– Податоците добиени од жителите на Шуто Оризари говорат дека во 35% од случаите Брзата помош не дошла кога била повикана, додека во 40% од случаите Брзата помош пристигнале во времетраење подолго од 30 минути по повикот. Овие состојби претставуваат значителен ризик по здравјето и животот на граѓаните од Шуто Оризари.

– Уредбата за мрежата на итна медицинска помош предвидува дека при јавна здравствена установа кон која гравитираат до 30.000 жители, треба да има најмалку 5 (пет) тимови за итна медицинска помош. Во општината Шуто Оризари живеат 25.726 жители, а нема ниту еден тим.

– Во општината работат вкупно седум матични лекари, што значи дека им 3.675 жител на 1 доктор, додека во Уредбата за мрежата на здравствени установи предвидено е да има 1000 жители на еден матичен лекар. Оваа состојба резултира со преоптовареност на постоечките матични лекари, а воедно и значителен дел од населението не може да избере матичен лекар во својата општина.

– Согласно законот за здравствена заштита „Поликлиника на секундарно ниво спроведува здравствена дејност на две или повеќе ординации од специјалистичко-консултативната дејност и соодветна дијагностичко- лабораториска, односно заботехничко-лабораториска дејност и радиодијагностичка дејност, во зависност од здравствената дејност што се врши во ординациите“. Поликлиниката во Шуто Оризари не спроведува ниту една од овие дејности, за разлика од Поликлиниките во останатите општини, и жителите на општината се приморани да патуваат во други општини за да ја добијат потребната здравствена заштита, што претставува дополнителна бариера за лицата кои живеат во социјален ризик и сиромаштија.

– Само 23% од жените Ромки биле посетени од патронажна сестра при последната бременост, додека само 18% од мајките и новороденчињата биле посетени од страна на патронажна сестра. Оваа состојба пред се се должи на недоволниот број на патронажни сестри во општината Шуто Оризари.

– Жителите на Шуто Оризари сведочат дека поради тоа што во Дежурната служба воопшто нема опрема, ниту медицински средства и материјали, не добиваат соодветна услуга и ако имаат потреба повторно мора да патуваат до останатите здравствени установи во Скопје за да добијат здравствена заштита во текот на ноќните и попладневните часови, како и за време на неработните денови.

Организации креатори на иницијативата: Здружение за развој и унапредување на ромската заедница – Романо Чачипе од Шуто Оризари, Скопје; Иницијатива за развој и инлкузија на заедниците – ИРИЗ од Шуто Оризари, Скопје; и Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ од Скопје.

Организации поддржувачи на иницијативата: Здружение Иницијатива за правата на жените  од Шуто Оризари – Скопје; Здружение Рома Прогрес

Related post