Работниците ширум Европа и Азија бараат поголеми работнички права

Членовите на синдикатот се препукуваат со турските полицајци додека маршираат за време на прославите на Денот на трудот во Истанбул, Турција, среда, 1 мај 2024 година.

Работниците и активистите во азиските престолнини и европските градови излегоа на улиците во средата за да го одбележат Први мај со протести поради зголемените трошоци за живот и, како што истакнаа „лошите“ владини политики. Сите бараат поголеми работнички права.

Првомајските настани им дадоа на многумина можност да изразат општи економски поплаки или свои политички барања.

Полицијата во Истанбул приведе десетици луѓе кои се обидоа да стигнат до централниот плоштад Таксим, пркосејќи на владината забрана за прослава на Денот на трудот на овој плоштад.

Владата на претседателот Реџеп Тајип Ердоган донесе одлука со која на плоштадот Таксим се забранети собири и демонстрации од безбедносни причини, но некои политички партии и синдикати ветија дека ќе маршираат на плоштадот, кој има симболична вредност за работничките синдикати.

Во 1977 година, неидентификувани вооружени лица отворија оган на прославата на Први мај во Таксим, предизвикувајќи стампедо и убивајќи 34 луѓе.

Во средата, полицијата подигна барикади и ги затвори сите патишта што водат до централниот плоштад во Истанбул. Јавниот превоз во областа исто така беше ограничен. Само мала група претставници на синдикатот добија дозвола да влезат на плоштадот и да положат венец на споменикот во спомен на жртвите од инцидентот во 1977 година.

 

Членовите на синдикатот во судир со турските полицајци додека маршираат за време на прославата на Денот на трудот во Истанбул, Турција, среда, 1 мај 2024 година.

Интервентната полиција уапсила 30-тина членови на левичарската Народноослободителна партија кои се обиделе да ги пробијат бариерите, пишува АП.

Во Индонезија работниците изразија гнев поради новиот закон за кој рекоа дека ги крши нивните права и им штети на благосостојбата и побараа заштита за работниците мигранти во странство и зголемување на минималната плата.

 

Околу 50.000 работници од Џакарта, Богор, Депок, Тангеранг и Бекаси се очекува да се приклучат на првомајските маршеви во главниот град, рече Саид Икбал, претседател на Конфедерацијата на индонезиските синдикати.

Парламентот на Индонезија минатата година ја ратификуваше владината регулатива со која се заменува контроверзниот закон за отворање работни места, но критичарите велат дека тој сепак е од корист за бизнисите. Законот требаше да ја намали бирократијата како дел од напорите на претседателот Јоко Видодо да привлече повеќе инвестиции во земјата.

Related post