РОМ: Ситуацијата со пописот излегува надвор од контрола

Почитувани,
 Свесно или несвесно самиот процес на попис, поради притисоците и манипулациите кои постојано се присутни при попишување на ромското население, го губи својот кредибилитет.
Во изминативе неколку дена за ваквата состојба, како партија бевме информирани дека такви состојби се забележани во повеќе градови од источниот и западниот дел на државата, со посебен акцент на градовите Велес и Тетово.
Истовремено, сведоци сме на злоупотреби и манипулации кои се случуваат и во Скопје, поточно во општината Гази Баба, каде од страна на ромското население и покрај тоа што било побарано да бидат попишувани од страна на Ром попишувач, тоа право им било оневозможено, со образложение дека немаат Ром попишувач. Сакаме да ја информираме јавноста и да потврдиме дека Роми попишувачи во Гази Баба беа пријавени, но од која причина истите не беа селектирани од страна на Државниот завод за статистика не ни е познато.
Исто така, сакаме да ја информираме јавноста, но и да алармираме за постоење на системска неорганизираност, каде самите граѓани немаат увид и потврда на податоците во попишаната графа за припадност.
Сметаме дека сето горенаведено отвара сомнеж дека бројките од оваа операција нема да кореспондираат со фактичката состојба.
Со почит,
Центар за комуникација РОМ

Related post