КОЈ Е СЛЕДЕН...

Секоја политичка кариера завршува со неуспех!

КОЛУМНА НАДИР РЕЏЕПИ

Оваа изјава е дадена од страна на Enoch Powell    во 1977 година. Своевремено беше Британски политичар, филолог, лингвист и поет. Предлагам читателите на 24Вакти да побараат повеќе информации за него на интернет доколку ги интересира зошто ја искажа оваа мисла. Што е главната поента на оваа изјава?

Според авторот, секоја политичка кариера, доколку не е своеволно завршена на врвот на нејзиниот успех, завршува со неуспех бидејќи тоа е особина во самата природа на политичкиот натпревар. Во политиката, како и во секој друг занает, почнувате од некоја стартна основа, стремите кон врвот, можеби ќе стигнете на врвот за да еден ден се најдете на некое дно.

За разлика од занаетите и професиите, каде што акумулираното искуство и знаење се потврдува преку мудроста на мајсторството и разните титули, политичките функции на моќ се лабилни по карактер така да откако ќе стигнете на врвот одеднаш вашата цел се претвора во битка за што подолго опстанување, иако знаете дека таму (на врвот) нема место за двајца.

Прашањето е како ќе опстојувате и уште поважно како ќе се вратите на дното, дали според универзално прифатените нормативи и вредности, во кој ќе бидат запаметени вашето дело и интегритет, или пак ќе доживеете стрмоглаво брз пад, во кој луѓето ќе ве заборават како новогодишна елка.

Метафората за новогодишната елка има класична и донекаде симпифицирана порака – таа го краси нашиот дом со сите прикачени подароци и желби за една ноќ, за да после два-три дена ја фрлиме на улица или кантата за отпадок.

Со тој чин, елката оди во заборав а за следната новогодишна ноќ ќе си одбереме друга. Тука пред се мислам на природна елка која е искоренета од своето природно опкружување. Оние пак кои имаат вештачка елка, секако е дека ќе ја користат уште некоја година, се додека не им стане досадна или некорисна.

Предлагам секој читател да си направи листа на моќници кои го носеа бремето на јавните функции во државата од раните 90ти, истите ги трансформира во елки, да им даде големина, боја и рок на траење. Верувам дека користејќи ја оваа аналогија ќе добиете визуелна претстава за шумата од моќници, колку брзо растеле, созревале и овенале на политичката сцена на Македонија.

Кога сме кај сцената, мора да си признаеме дека на домашната сцена главни режисери и актери (народски кажано глумци) се нашите политичари. Политичката сцена, освен финансиските мотиви, нема правила и критериуми за тоа какви профили на луѓе (по професија и карактер) треба да играат на подиумот, така да ако се обидете да ги анализирате сите досегашни парламентарни и владини состави, ќе можете да направите свој заклучок за понудата и побарувачката на македонската политичка сцена, односно која улога ја играле, што направиле за публиката и која награда си ја земаа (да не кажам грабнаа) за себе.

Во таа комбинација новинарите се интерпретатори а народот е публиката која има симпатизери, воајери, трговци (со гласови итн.), интелектуалци, идеалисти, патриоти, сикофанти и уште многу карактери кои (не)можеме да си ги замислиме.

 

Она што го гледаме на политичката сцена е многу мал дел од пиесата наречена демократија во која главните дејствија се случуваат на релација власт-опозиција, влада-парламент-судство и институции-граѓани. Малтене сите дејствија се случуваат во задкулисните договарања меѓу политичарите на тема пари, бизнис и профит, формулирани преку закони, кои се користат како инструмент за преземање и држење на моќта. Многумина сакаат да се збогатат преку ноќ за да обезбедат иднина на повеќе генерации на нивните семејства.

Во таа кратковидна лакомост нив им е јасно дека времето на некое скалило на моќта брзо минува па затоа се спремни да ги вложат својот углед и слобода, во случај да не успеат да го прикријат ограбувањето на сопствениот народ.

Сите ние, сакале или не, сме дел на оваа општествена лакрдија, а таа е лакрдија токму поради фактот што власта (довербата на граѓаните) оди во погрешни раце. Пред да ги назначиме нашите властоносци по правило на играта наречена изборна кампања ги слушаме нивните празни ветувања (оти се без визија, а ако ја имаат тогаш се препотентно лажни за остварување). Откако седнале на фотелјата на власта, повторно слушаме себе-опевачки говори од кои многу тешко е да се фокусираш и разбереш што всушност одработуваат како јавни функционери.

Според овој рецепт, груевизмот опстана 11 години се додека не ги слушнавме меѓусебно ”уличарските муабети” на функционерите, кои од страв и трепет ги претворија во обични смртници. Чудо едно невидено беше моментот кога дознавме за огромната трансформација и дисбаланс во вокабуларот на зборови за тоа како се говори на микрофонот на јавната политичка сцена и телефонските линии на институциите во еден ден.

Испаѓа дека нашите политичари се мајстори на комуникациската еволуција и декаденција во многу кратко време, така да најверојатно е дека улогата на фунционер и уличен оговарач го храни двојното его на нашите политички избраници.

Јас можеби претерувам во гледањето на темната страна на политичката култура кај македонската елита, веројатно поради некоја идеализирана слика за тоа кој треба да седи на важните раководни позиции на државата, но од друга страна следејќи ги досегашните глупости и арамилак на политичарите, добивам доволно факти и информации кои потврдуваат дека луѓево свесно влегуваат во прљави политички води преку манифестираната дрскост на раководење на дадените позиции за лична материјална корист.

Ушите на ВМРО и „циганизираните“ Италијани на СДСМ

Многу текстови се напишани и коментирани во нашите медиуми и социјални мрежи за влечењето уши за гласање во времето на ВМРО. Сега истиот стереотип си доби континуитет пред некој ден во СДСМ, кога го слушнавме пост-тендерскиот муабет во кабинетот на премиерот.

Јас тука намерно не ги спомнувам имињата на фунционерите кои ги искажаа овие зборови затоа што не заслужуваат да ги ословуваме со име и презиме, и додатно поради фактот што го внесоа својот расизам во нашите институции, а со тоа ја деградираа репутацијата на државата и своите ромски сограѓани. Кратковидоста на авторите на овие искази и секако пропратната комерцијалната заслепеност е нивна лична слабост или особина со која ќе треба понатаму да живеат во ова општество.

За мене, нивната морална хигиена е стасана на самото дно и додатен доказ дека моќта, парите и фунцијата не се предуслов да бидеш среќен и почитуван, почнувајќи од најблиските во семејството па се до пријателите и останатие сограѓани. Какви објаснувања ќе даваат на своите идни поколенија и како ќе живеат со тој терет е нивен проблем.

Реакциите на нивните сопартијци и коалициони партнери, се исто така нивен избор затоа што со нивното нереагирање или обид за релативизирање станаа соучесници на расистичкото зло. Вака не се гради Едно Општество за Сите и станува сосем јасно дека оваа формула има многу непознаници при нејзиното поставување во штабот на СДСМ. Сосем е различно прашањето дали бил наивен тој што ја постави или пак ние кои поверувавме дека СДСМ ги има волјата, знањето и содржината за градење на општеството со нови вредности.

Она што за мене е загрижувачко е однесувањето на извршните институции, пред се јавниот обвинител, народниот правобранител, комисијата за анти-дискриминација итн. Ако во времето на ВМРО тоа беа заробени институции, сега се очевидно слепо црево – хронично без функција – иако сите имаат јасно делегирана улога и функција во системот.

Не ми е јасно дали станува збор за страв, игнорирање или бирократска мрзливост. Сите ние можеме да си правиме претпоставки, меѓутоа никој не ги повикува на одговорност овие тела, кој по опис и попис на нивниот мандат имаат законски дадено обврска да делуваат. Не ме интересира кој и како ги поставил да работаат во дадените институции!

Кога се веќе таму тие морат да го заштитуваат словото на законот и секој граѓанин.

На крај имам уште една порака до ромските гласачи. Веројатно во доследна иднина ромскиот глас во поголем дел ќе оди на контото на ромските партии, а преку нив во салдото на големите партии на ВМРО или СДСМ. Тоа е реалноста на нашата демографски-одредена позиција која диктира политички коалиции само според бројот на гласови. Нема тука идеологија и вредносни норми, што значи и едните и другите и понатаму ќе не гледаат како обичен број за време на изборните циклуси.

Да не се занесуваме дека со градење политички коалиции со мнозинските партии ќе се промени третманот кон нас. Можеби некој се сеќава кога во првиот парламентарен состав на Македонија, еден од постарите ВМРО-вски пратеници му порача на Фаик Абди да не се кити со туѓи перја. Пораката беше јасна и гласна поради тоа што Фаик беше гласноговорник на СДСМ во дискусиите против идеите на ВМРО за градењето на македонската држава.

Една деценија подоцна, некој се китеше со перјата на ВМРО, овој пат против СДСМ, но овој пат не се работеше за државотворна расправа туку за култура на владеење (со страв и криминал). Таквото селење на нашите ромски пратеници/политичари немаат долгорочно оддржлив ефект, ниту во политичката култура ниту во однесувањето на државните институции.

Впрочем, институционалниот расизам и дискриминација останаа вкоренети во јавните институции и нивните сервиси, без разлика кој со кого правеше политички сојуз. Три децении на капитализам донесоа поголема невработеност, сиромаштија, отселување и несигурност. Додека немо посматраме како политичките елити се збогатуваат преку ноќ, уште пострашно е што таа моќ најлесно и неказниво се манифестира врз нас.

Само да ве потсетам на тепањето и убиствата од страна на полицијата, максималните судски казни за ситен криминал, мистичното умирање по затворите, етничкото профилирање на границите, обидите со закон да се одземаат децата питачи од нивните родители, сместувањето на здрави ромски деца во училишта за ментално заостанати, насилната проституција на девојчињата сместени во социјалните установи итн. Досега никој не е осуден за овие дела кон ромската популација. За сето време гласавме и верувавме дека следната власт ќе биде подобра.

Падна ВМРО после 11 години заедно со коалицијата од 6 ромски партии. Декаденцијата на СДСМ започна најмалку од пред една година и како што работите се движат, сосем е очекувано СДСМ да си замине од власта заедно со сегашните ромски коалициони партнери. Станува интересно дали воопшто има капацитет на македонската политичка сцена да се појават нови режисери и актери или пак повторно ќе има рециклирачка коалиција под водство на ВМРО.

Како и да е, запамтете и следете кој ќе биде следниот моќник или бирократ кој ќе падне на тестот на расизмот кон нас. Нема да им биде сеедно дали ќе паднат поради расистичка изјава против нас или пак злоупотреба на јавната позиција.

Во првиот случај, политичкиот неуспех плаќа морална цена и квалификација на расист додека во вториот пример злоупотребата носи законска казна (во случај на финансиски криминал).

Јас сум сосема сигурен дека  државната администрација има многу вакви актери кои за жал не успеваат да исцртаат јасна линија помеѓу јавно платената функција и своите приватни предрасуди и стереотипи. Затоа предлагам државата да воведе психолошки тест за сите идни функционери и бирократи, за да колку-толку имаме механизам за филтрирање на расизмот и предрасудите пред да ни влезат во државните институции.

Колумна: Надир  Реџепи


Bašo Amenge


Grupa taro terne Roma intelektualcija, novinarija, web dizajnerija, tehničarija, montažerija thaj javer personali savo so isilen baro iskustvo ki piri buti rodingje te keren nesto nevo ko mediumsko internet than ki Makedonija. Palo beshiba ko sostanok taro timi taro 24vakti.mk angjape decija kaj ko akava momenti falinela jek romano web tv portali savo ka nudinel pravilno, kvalitetno, informacija baši o Roma. Adaleske formiringape o www.24vakti.mk ko adava sostanok čivgjem akala celija thaj pričine soske te formirina o jekutno romano web tv portali 24vakti.mk

24Vakti © Copyright 2015 – 2019, Sa o nijamija si protektirime