Силјановска Давкова: Во ЕУ само ако станеме нормална држава со почитување и практикување на вредностите
ВМРО – ДПМНЕ и партиите од коалицијата што ја предводат кампањата за претседателските избори ја започнаа со голем митинг пред зградата на Владата. Кандидатката за претседател Гордана Силјановска Давкова обраќајќи се на митингот рече дека мора да ги почитуваме темелните вредности на нашиот уставен поредок.
-Ама и во какви било односи кон надвор со држави поголеми од нас, па и со сојузи како што е ЕУ, ние вистинските европјани, имаме обврска да потсетуваме на темелните вредности, оти без нив нема ниту демократија, ниту просперитет, ниту мир. Не се оди во Европа со реторика ЕУ, НАТО, НАТО ЕУ. Не, туку со почитување на вредностите и со практикување на вредностите само ако станеме нормална, стандардна држава, ќе бидеме во рамките на ЕУ, рече Силјановска Давкова.
Тие членството во ЕУ, вели таа, го замислуваат како качување на воз што оди кон Брисел. Не, додаде кандидатката за претседател, Брисел треба да дојде овде.
-За овие години тие ништо од тн. копенхагенски критериуми не спроведоа. Ние ќе го сториме тоа. Кога нема ништо да направите, и кога ќе бидете во конфузија, што ви преостанува, само хорски да пеете нешто во што не верувате. Нема потреба од повторување за нешто што постои, рече Силјановска Давкова.
Таа посочува дека тие ветуваат реформи, а тоа значи дека не ги направиле. – Кога нема да го направите она што сте го ветиле, треба да си заминете, рече таа.
Презентирајќи ги своите цели рече дека како претседател ќе се врати кај граѓаните преку народните канцеларии, кои сега ги снема. Ќе ја почитува владата и ќе соработува со неа.
-Некогаш ќе ја советувам, некогаш ќе ја критикувам, ќе бидам своја глава. Ако во извршната власт има две глави тие мора да соработуваат. Надвор нема да заминам без да изградам консензус за најважните државни и национални прашања. Ќе го почитувам Собранието како законодавен орган. Но ако забележам врз основа на анализа дека отстапува од Уставот и законите ќе побарам да се обратам, да предупредам. Ако и тоа не врви ќе употребам вето. Нема да дозволам надвор да парадираат дипломати кои ја уриваат гордоста на Македонија. Напротив ќе не претставуваат најстручните и најдобрите, рече Силјановска Давкова.