Скопје Филиповски: Нулта дискриминација од „Железничка“ до Лисиче
Подобра инфраструктура, социјална заштита и отвореност на општината за сите, беа главните теми на разговор на граѓаните – Роми од Горно Лисиче, со Александар Филиповски, кандидат за градоначалник на СДСМ и коалицијата за општина Аеродром.
Филиповски презентираше дел од социјалните мерки, кои ќе обезбедат поголема заштита за граѓаните.
-Најпрво, ќе спроведеме социјално мапирање по сите населби. Тоа значи, на микро ниво ќе ги утврдиме потребите. Во зависност од социјалниот статус на граѓаните, ќе испорачаме и нови социјални услуги. Во некои населби, каде што има повозрасни лица – ќе воведеме домашни посети. Онаму каде што живеат граѓани – корисници на социјална помош и локалната самоуправа дополнително ќе ги поддржи, рече Филиповски.
Во Горно Лисиче потребна е и изградба на подобра инфрастурктура. Тоа значи обнова на дел од пешачките зони, но и проширување на мостот на Маркова река.
-Во Аеродром нема повеќе да има граѓани од прв и втор ред, жители од урбан или рурален дел. Ќе работиме на рамномерен и плански развој на сите населби. Детски, спортски игралишта, ново зеленило и маалски паркови се потребни низ цел Аеродром. Мене нема да ме интересира кој од која националност е, дали е партиски определен или не, дали е богат или сиромашен, општинската администрација и јас лично ќе бидеме достапни за сите граѓани, кажа кандидатот за градоначалник на СДСМ и коалицијата.
Граѓаните ја истакнаа потребата и од повисока јавна хигиена, а говореа и за редовни приемни денови во општината, каде што тие ќе можат да дојдат и да направат увид во статусот на својот предмет.