УСПЕШНО ЗАВРШИ ПРОЕКТОТ „РЕДОВНО НА ЧАСОВИ“, СТИПЕНДИРАНИ 1515 ДЕЦА – РОМИ
-Една од клучните цели на стратегијата и планот за работа на Министерството за образование и наука е градење инклузивен образовен систем кој ќе обезбеди можности за квалитетна едукација на сите граѓани, со особен акцент на оние кои доаѓаат од социјално и општествено ранливи групи. И Проектот за вклучување на Ромите во основното образование „Редовно на часови“ е дел од активностите за подигнување на нивото на инклузивност на националниот систем на образование, рече министерот за образование и наука Јетон Шаќири на завршна конференција на проектот, чиј носител беше Фондацијата Отворено општество – Македонија, а се спроведуваше заедно со Здружението Центар за образовна поддршка „Дендо вас“ и со Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“, а во партнерство со Министерството за образование и наука.
Проектот „Редовно на часови“ опфаќаше стипендирање на ученици, запишување во училиште на деца кои од различни причини го немаа остварено ова право и истовремено обврска, а исто така им се обезбедуваа и асистенти. Училиштата, како поддршка, добиваа грантови за проекти и за опрема, а се организираа и различни обуки.
Шаќири посочи дека конкретните резултати од целокупните активности на Министерството насочени кон инклузијата на припадниците на ромската етничка заедница укажуваат дека е зголемена вклученоста во основните училишта, зголемена е редовноста за време на часовите и подигнат е процентот на успешен премин во следните одделенија.
Зад зголемувањето на бројките стои правната рамка – новата Концепција за инклузивно образование и Законот за основно образование, кои овозможуваат вклучување во настава на деца кои се надвор од образовниот систем.
„Како поддршка за полесно совладување на училишните обврски се ангажираат и тутори. Исто така, за учениците од социјално ранливи категории се доделуваат стипендии, не само преку овој проект, туку и во програмите за стипендирање на МОН се предвидени стипендии за средношколци и за студенти Роми“, нагласи министерот.