Уште еден обид за решавање на проблемите на Ромите во Битола
Во Општина Битола најголемиот број од ромското население живее во населбата Баир. Куќите на населението се положени на трите рида кои всушност ги претставуваат трите дела на населбата Баир – Смилевски Баир, Централен Баир и дивата населба Петочна вода.
На последниот попис во земјава од 2021 година во Општина Битола, како Роми се изјасниле 2.954 граѓани, односно 3,2 проценти од вкупното население во општината.
Проблемите со кои се соочува ромското население во Битола одамна се познати, често евидентирани, набројувани, мапирани, употребувани и злоупотребувани. Решавањето на проблемите почесто се вршело и врши низ проектни активности и ретко со реална стратегија и одлучност за видливо и на подобро, менување на работите.
Дали подобрување на условите за живот на ромската заедница во Битола ќе има со новиот локален акциски план-ЛАП кој го утврдија Општина Битола и ромската заедница, ќе се знае дури по неговото завршување, односно во 2030 година, а дотогаш бројни се предизвиците кои пред себе ги поставија изработувачите и реализаторите на планот.
Локалниот акциски план што ќе почне да се реализира во 2023 година најмногу е фокусиран на подобрување на условите за живот во населбата Баир, каде е сконцентрирано ромското население. Во таа смисла со измена во деталниот урбанистички план за северна станбена зона Баир ќе се овозможи реконструкција на улицата „Караорман“ за што се предвидени над 22 милиони денари, со кои во целост ќе се промени инфраструктурната инсталација, вода и канализација, а ќе има и асфалт на таа улица.
Паралелно со посочениот ДУП, во овој дел на градот треба да се изработат уште три други ДУП за Баир 1, 2 и 3 со што ќе почне решавањето на проблемот со домувањето и пристапот до комунални услуги. Во таа смисла, често во јавноста може да се чуе дека за ромската заедница посебно значаен е проектот за легализација на објектите/куќите на 50 ромски домаќинства со што правото за сопствен дом ќе стане реалност. Оптимизмот за решавање на овој проблем е најголем и во таа смисла се очекува локалната самоуправа во текот на годината да додели решенија за легализација на бесправно изградени објекти.
Загрижувачки информации во однос на здравствената состојба на ромската заедница
Локалниот акциски план базиран на претходна анализа во која информациите за здравствената состојба на ромската заедница се загрижувачки, овозможува подобрување на состојбите во оваа сфера за што предвидени се вработување за ромски здравствени медијатори и здравствен едукативен центар. Со овој сегмент од ЛАП, се очекува подобрување на здравствената состојба кај ромското население, подобра контрола на имунизација на деца Роми, зголемен број на Ромки кои ќе посетуваат матичен гинеколог и поголем број едуцирани граѓани за бесплатен здравствен преглед.
Институционалната грижа за здравјето на Ромите ќе се спроведува и со директна посета на ромски семејства и со евидентирање на соодветната превентивна заштита, но и со јавни средби и дискусии во просториите на урбаната заедница која често се обновува и реновира, и исто толку се оштетува и запоставува.
Нови решенија за старите проблеми
Информирањето, едукацијата и класичното основно и средно образование се суштински во документот. Во функција на подобро образование ќе бидат вклучени ромски образовни медијатори чија задача е да се зголеми бројот на запишани деца Роми во основното и средното образование во Битола, поддршка за совладување на наставните предмети, но и спроведување на туторска настава за најслабите ученици за што ќе биде изработена листа на ученици кои покажале најслаб успех или не се редовни во наставниот процес. Се очекува со зголемување на бројот на Роми кои ќе завршат средно образование, директно да се зголеми и бројот на запишани студенти, а потоа како високо едуциран профил да бидат важен ресурс во заедницата. Во локалниот акциски план јасно се наведени и мотивирачки активности за зголемување на степенот на образование, односно награди кои ќе им се доделуваат на најдобрите ученички и ученици во висина од 30.000 денари.
Во периодот до 2030 година за ромската заедница во Општина Битола планирани се и други инфраструктурни активности, подобрување на инсталациите за поквалитетно снабдување со електрична енергија, вода за пиење до секој дом, а се очекува да биде изработена и стратегија за раководење со ризици и временски непогоди кои може да предизвикаат поголеми штети врз објектите и куќите на ромското население во овој град.
Во меѓувреме, голема е улогата на активните проектни активности кои се реализираат во Општина Битола, а се на барање на ромите и ромски здруженија на граѓани, како што се отворениот Центар за кариерно-здравствено советување Еразмус Roma Health Care-2, Здружението на граѓани „Сумнал“, кое е член на општинскиот Совет за социјална заштита, исто така се реализира проект за општинско корисна работа, инклузија на деца Роми, проект на УСАИД за инклузија на Роми, проект Баир, и други…