Надир

ШТО (И КАКО) ПОНАТАМУ

Колумна

Сега кога контурите и комбинаториките на старо-новата влада станаа појасни, логично е сите заедно (ние ромите) да се запрашаме за ќарот или зијанот од изборните резултати. Претходно напишав дека нашите политички кандидати се лоши математичари затоа што нерационално ги потрошија ромските гласови на сите можни страни. Старо-новиот мандатар најави промени во владата од која за нас поинтересната е дека нема да имаме министер без ресор (за ромските прашања). Без да навлегувам во дебата дали и како досегашните министри без ресор придонесоа за унапредување на состојбите во ромската заедница, едно е јасно, го изгубивме последниот бастион со политичка и институционална моќ во оваа држава. Времето ќе не поучи дали бевме зрели како заедница и како ја употребивме оваа позиција. Споредено со позициите кои ги имавме пред 2016, очигледно е дека назадуваме на политичко-институционален план. Сега повторно ќе мораме сите заедно, ромски партии, бизнисмени, медиуми и граѓански организации да најдеме начин и методи за притисок и влијание кон оваа власт за да ја превземеме институционалната одговорност во државата за решавање на нашите проблеми и секако остварување на нашите колективни интереси. Во следниот период – во кој треба да имаме долгорочна визија, конзистеност и оправданост во нашите барања и заедничко делување, за кој треба веднаш да имаме транспарентна платформа – остануваат неколку  општествено-политички процеси во агендата на Македонија кои може и треба да се искористат до крајот од оваа година (почнувајќи од утре!).

 

Прво, Заев најави дека неколку министерства ќе се трансформираат во државни агенции. Опозицијата веќе коментираше дека оваа одлука нема да ја намали државната бирократија, односно сите тие структури ќе добијат ново име и институционален мандат а трошокот на државата нема драстично да се намали. Она што нас ромите не засега од оваа рационализација на министерствата се следните прашања:

а) каков нормативно-институционален мандат ќе добие новата („ромска“) агенција,

б)каде ќе биде системски позиционирана (во институционалната хиерархија на планирање на јавни политики, одговорност и отчетност)

в) како и која институција ќе го раководи процесот на систематизација и структуирање на „ромската“ агенција (колку луѓе, со кои компетенции и квалификации, кадровска политика, оперативна функционалност, процедури за носење одлуки, приоритети, итн)

г) каков финансиски капацитет и годишен буџет ќе има агенцијата, дали ќе црпи фондови само од државниот буџет или ќе може да привлекува и раководи со фондови од други извори.

Ова се само неколку од многуте детали за кои ромските политичари и активисти треба да посветат внимание во фазата на планирањето на делотворноста на агенцијата. Низ самиот процес сигурно ќе има уште многу други прашања и детали за кои некој треба да пресече и реши како ќе биде поставена новата агенција. Најлошо е ако одлуките и одговорите на дадените прашања бидат дадени без нас, т.е. ги донесе не-ром или бирократски лаик за кого ромското прашање претставува само дел од работните задачи. Во овие 30 години тоа ни се случуваше постојано и континуирано, а тоа е главната причина зошто нема видлив напредок во реализацијата на јавните политики за ромите на централно и локално ниво. Ако во оваа фаза од процесот не се донесат функционални решенија за институционално-оперативниот модус вивенди на агенцијата, повторно ќе се соочиме со истото статус-кво на состојбите во ромската заедница, затоа што без разлика на посветеноста и компетеноста на вработените роми во агенцијата, тие секогаш ќе имаат „врзани“ раце во работата токму поради нефукнционалните нормативно-оперативни процедури и правила за работа на агенцијата.

Второ, државата треба да подготви и усвои нова 5 или 7 годишна Стратегија за Интеграција на Ромите, согласно Евро-интеграциските процеси и политики (и секако определбите за едно општество за сите). Во моментов ги броиме последните 4 месеци од имплементацијата на сегашната, втора по циклус, ромска стратегија. Не треба да бидеме наивни и да веруваме дека третата треба да биде подобра по квалитет и приоритети од претходните две. Таму не треба да се измислуваат нови проблеми затоа што проблемите, потребите и интересите на ромската заедница во глобала се исти, било да се работи за 2005, 2015 или 2020 година. Низ сите овие години имаше нијанси на прогрес и регрес во имплементацијата на стратегијата, пропратени со институционална неодговорност, медиумска незаинтересираност и недоволен притисок или ангажман од ромските граѓански организации.

Институционалната дискриминација и расизам кон ромите останаа основен белег на ова болесно и сиромашно општество така да државната стратегија треба да си ги провери културата на владеење и однесување кон ромите по вертикала од министер до хигиеничар, односно сите оние кои трошат државни пари. За оние другите, приватниот сектор и медиуми, обични граѓани имаме наша сопствена ромска стратегија и секако позитивното законодавство кое се заснива врз принципте на еднаквост и правичност. Е сега, кога ја спомнавме дискриминацијата и расизмот, треба јасно и гласно да кажеме дека се соочуваме со неколку типа на расизам и дискриминација. Едниот тип се манифестира од етничките македонци, вториот од овие кои декларираат дека се автохтони и третиот е микс на расизам и дискриминација од страна на турците, србите и бошњаците. Со сите нив имаме посебен однос на релации и слично на другите земји во Европа, третманот е од омраза до целосно игнорирање. Да потсетам пак, станува збор за луѓе вработни во јавната админстрација, кои своите прерасуди и навики ги внесуваат во државните институции.

Овој моментум на планирање и подготовка на следниот стратешки циклус за ромската интеграција, треба да се искористи со сите наши можни капацитети. Како што реков, поучени од имплементацијата на претходните две стратегии, овој пат треба да се фокусираме на механизмите и капацитетите за спроведување на стратешките цели и определби. Тоа значи, јасно дефинирани и поставени човечки, финансиски и оперативни капацитети на централно и локално ниво. Претпоставувајќи дека планирањето на стратегијата ќе биде јавен процес, како што беше и претходно, пожелно и многу корисно е ромските политичари и активисти да ги усогласат внатрешните приоритети и секако договорат заеднички настап во дијалогот со надлежните институции. Секој детал и одлука се важни во внатрешно-ромскиот дијалог кој следствено треба да биде основ за застапување и лобирање пред власта.

Имајќи ги во предвид кризите предизвикани од пандемијата – економска, социјална и хуманитарна – овој пат ќе биде многу тешко да се лобира кон власта и нејзините партнери, затоа што сите тие се заглавени во своите политичките интереси и јавно дадени ветувања исполнети со примеси на националистички и популистички партикуларизми. Од друга страна економските загуби во првата половина на оваа година и превземените мерки на државата се сеуште недефинирани по обем и содржина, а знаеме дека државната каса е кратка за над милијарда евра (првична проценка). Тоа значи дека до крајот на годината не знаеме колку е минусот на буџетот, колкави заеми се потребни за да се задржат основните функции на државниот апарат. Додека во капиталистичките економии на големо се дебатира за воведување на Универзален Основен Приход (Universal Basic Income – UBI) кој го гарантира државата во време на глобална пандемија (криза), кај нас дома за ова многу малку се зборува. Причината е што државната каса е празна, а од друга страна како држава во развој не можеме (односно не смееме) да печатиме пари. Владата веројатно очекува да добие поволни кредити и неповратни средства од ЕУ и другите мултилатерални и билатерални институции, факт кој има некојси основ поради нашите евро-атлантски интеграции и гео-политички интереси.

Горенаведените констелации на меѓународен план и ефектите од пандемијата укажуваат на третиот важен момент, Евро-интеграциските процеси. Ромите мора да бидат дел од преговарачките тимови кога ќе се отвараат поглавијата за ЕУ членство. Ако бидеме отсутни или оставиме некој не-ром да размислува решенија и одлука за нас, тогаш е сигурно дека не чека судбината на ромите од Романија и Бугарија. Како ќе напредува земјата во интеграциските процеси, така ќе расте омразата и игнорирањето кон нас, затоа што сите останати ќе ги користат ЕУ фондовите за свој напредок, а ние ќе останеме таму каде што сме. Идеално гледано, доколку Македонија искористи 100% од предпристапните фондови, нашата економија ќе има 4% годишен раст. За жал, досегашните искуства на искористување на ИПА фондовите велат дека не сме успеале да искористиме ниту половина од достапните планирани (неповратни) средства. Од тие 50% абсорбирани средства помалку од 1% од ИПА фондовите беа насочени за поддршка на ромската стратегија. Повеќе пати во минатото пишував на оваа тема. Омразата и игнорирањето на луѓето кои носат одлуки во државната бирократија резултира со немање пари за ромската стратегија а од друга страна не сакаат да ги планираа и програмираат ИПА фондовите за нас, затоа што се тоа озбилни суми за кој треба многу работа и одговорност од државните институции.

Верувам или се надевам дека гореспомнатите процеси ќе ги мотивираат нашите политичари и активисти да започнат што поскоро внатрешен дијалог и градење на заедничка платформа. Ако не, оние што по некоја линија ќе бидат поканети на дијалог со институциите, ја превземаат одговорноста без делегирање и легитимитет од колективот на ромската заедница, што однапред е главен постулат за неуспех и мимикрија на застапување. Неколку генерации на ромски политичари и активисти, вклучувајќи ме и мене, потрошија време, труд и елан, за да стигнеме таму каде што почнавме. Без внатрешен дијалог, заедничка национална платформа и делегирана одговорност никој нема сериозно да не третира. Еден ромски пратеник, еден градоначалник и неколку директори ќе биде и ќе остане нашето политичко и институционално портфолио во 30 години демократија. Тоа е секако недоволно и мора да се обидуваме повторно и повторно за повеќе правичност и еднаквост преку принципите на ромската еманципација и единство.

Август, 2020

https://4rrr.wordpress.com/2020/08/26/%d1%88%d1%82%d0%be-%d0%b8-%d0%ba%d0%b0%d0%ba%d0%be-%d0%bf%d0%be%d0%bd%d0%b0%d1%82%d0%b0%d0%bc%d1%83/


Bašo Amenge


Grupa taro terne Roma intelektualcija, novinarija, web dizajnerija, tehničarija, montažerija thaj javer personali savo so isilen baro iskustvo ki piri buti rodingje te keren nesto nevo ko mediumsko internet than ki Makedonija. Palo beshiba ko sostanok taro timi taro 24vakti.mk angjape decija kaj ko akava momenti falinela jek romano web tv portali savo ka nudinel pravilno, kvalitetno, informacija baši o Roma. Adaleske formiringape o www.24vakti.mk  ko adava sostanok čivgjem akala celija thaj pričine soske te formirina o jekutno romano web tv portali 24vakti.mk

24Vakti © Copyright 2015 – 2019, Sa o nijamija si protektirime