ШТО ПРЕДВИДУВА УРЕДБАТА НА ВЛАДАТА? Ако нема доволно струја ќе се исклучат уличните светилки, но не и домаќинствата

Исклучување на сите светлечки реклами; намалување до сигурносен обем на осветлението на улиците, плоштадите и другите објекти; ограничување на осветлување на излози – исто до сигурносен минимум и забрана за употреба на електрична енергија за додатно загревање на деловни и службени простории, се четирите мерки предвидени за ограничување на потрошувачката на струја во новата уредба која е основа да се прогласи енергетска криза во државата и по потреба да се воведат вакви рестрикции. Во Уредбата не се споменуваат рестрикции во домаќинства.

Овие мерки треба да се спроведат во соработка со општините, а која од нив ќе се примени зависи од степенот на недостиг на струја. Според оваа Уредбата се утврдуваат 5 степени на ограничувања во зависност од недостигот на електрична енергија. Првиот степен на мерки за ограничување се применува ако недостигот на електрична енергија изнесува од 5-10 проценти од количините на електрична енергија согласно Енергетскиот биланс на Република Северна Македонија за тековната година, а најстрогиот, петтиот степен е за ограничување кој што се применува ако недостигот на електрична енергија изнесува над 40 проценти од билансирани количини.

При некои од рестрикциите, според Уредбата, за тоа треба да се известат потрошувачите преку средствата за информирање или непосредно најмалку два часа пред започнувањето на примената на мерките.

Пред да се започне со спроведувањето на плановите за некакви рестрикции во снабдувањето неопходно е да се искористат сите можности за обезбедување на недостигот на електрична енергија: хавариска испомош, дополнителен увоз на електрична енергија и ангажирање на сите расположливи резерви, обезбедување на дополнителни финансиски средства…, пишува во Уредбата.

Недостиг на електрична енергија на домашниот пазар, како и на регионалните и меѓународните пазари на електрична енергија и непредвиден значителен пораст на цената на електрична енергија за одреден временски период, се причини поради кои, според Уредбата, може да се прогласи кризна состојба. Новата Уредба за критериумите и условите за прогласување на кризна состојба во случаи на временски и природни непогоди, хаварии и нарушувања на пазари на електрична енергија, начинот на снабдување со електрична енергија во кризна состојба, мерките што се преземаат во случај на кризна состојба, како и правата и обврските на носителите на лиценци за вршење на електроенергетски дејности е донесена на 30 октомври и е објавена во Службен весник.

 

Related post