ЗБОГУМ 2020 – КОЛУМНА НАДИР РЕЏЕПИ

При крајот на годината непишано правило е да се сумира развојот на општествените процеси и промени, било тоа на организациско, локално или национално ниво. 2020та година ќе ја паметиме како година на глобален шок (или стрес), историски момент кој го промени животот и однесувањето на човештвото ширум нашата планета. Историјата на човештвото има доживеано многу глобални настани кои го променија светот. Пандемијата, без разлика дали е природна или човечка конструкција, ги има сите особини на настан од глобално влијание за кое неможе точно да се предвиди колку долго ќе трае и колкав ќе биде обемот на последиците. Сите претходни и идни планови, амбиции, навики и резон сега мораат да се прилогодат и ја земат во предвид пандемијата како фактор во нашето секојдневно делување. Без разлика на многуте научни, конспиративни и алтернативни анализи и (не)верувања за вирусот, тој е веќе реалност на сегашните генерации, без разлика дали сте млад или стар, богат или сиромашен, образован или не – сите живееме во поголема неизвесност, комплексност и хаос на информации.

Како и секогаш, во центарот на моето внимание е развојот на  ромската еманципација и нашите стремежи за социјална правда и еднаквост кои допрва ќе треба да ги артикулираме и аплицираме во ново светло и квалитет за време на здравствена, економска и хуманитарна криза.

Ромското прашање се врти во круг, односно се движи во циклуси каде правиме еден чекор напред, два чекора назад. Не успеавме да го задржиме оној мал напредок во позиционирањето на ромското прашање на меѓународен и домашен план. Тоа е така поради фактот што нема видлив и опиплив напредок – ако го има – тој е многу скромен и минимален. Во неколку области има стагнација, а во повеќето има сеопшто назадување. Да не звучам многу песимично, некој си напредок има (група на ентузијасти кои веруваат во тоа) во реториката и наративот на ромските граѓански организации и активисти, кои за жал користат новокомпониран  вокабулар и терминологија за старите проблеми. Значи, јазично нашите аргументи и факти се воздигнати на повисоко ниво, за да подобро нè разберат гаџованите и нивните институции, но од друга страна тие остануваат суштински неразбрани и помалку важни за сиромашните и обесправени Роми затоа што нивното секојдневие и маки останаа исти. Според моите принципи за разбирање на реалноста и причинско-последичните процеси, секогаш почнувам од сопствениот двор, кој во овој текст значи – ромската заедница.

Ромската заедница не успеа да изгради кохерентност и конзистентност во своето политичко, економско и културно делување. 2020та година е продолжеток на организациската декаденција, во која има отсуство на колективна-долгорочна визија, лидери кои разединуваат, и личности кои не се доволно спремни да ја превземат одговорноста за својата заедница. Некој ќе каже дека имаме лидери со визија и одговорност, и тука ќе се сложам дека ги има многу, но сето тоа е недоволно и немоќно за да се носи со бремето на повеќеслојниот културен, политички и економски натпревар. Нашите лидери, било политички или НВО-исти, останаа заробени под стегите во решавањето на локалните проблеми, на микро анализи и проекти со краткотраен здив. Сосем е јасно дека микро проектите се важни и потребни за нашата кауза, но од друга страна тие мора да имаат своја логичка поврзаност и координираност со колективните стремежи (еманципација и социјална правда). Повеќе генерации на лидери и активисти, немаат увид во големата слика за сето досега одработено. Има само голема поделеност, недоверба, фракции, ситни интереси и критика кон сето она што се обидува со скромно знаење и капацитети да одработи во некое ромско маало или населба.

Од ваквата култура на делување заморни се многу донатори и развојните агенции, кои освен пари не знаат што да прават или променат во своето резонирање и делување. Рака на срце, тоа не е така едноставно затоа што нивните приоритети и одлуки се  дефинирани и контролирани од нивните политички институции. Кога политиката меша раце во илјада-годишен проблем, треба да ни е јасно дека (засега) немаме моќ ниту лидери кои би можеле да ги променат ставовите и перцепциите за нас, за сето она што нас навистина ни треба. Згора на тоа, многу ретки се спротивставувањата кон финансиските подржувачи на ромското прашање од страна на нашите политички лидери и НВО-исти. Кога изостанува макар и достојно искажување на несогласувањата со нивните ставови и приоритети, многу од донаторите и развојните агенции веруваат дека се во право односно дека имаат правилно поставена дијагноза и решенија. Многу малку се зборува за нашата кауза и вредностите на еманципацијата и социјална правда, кои се универзално прифатени во цел свет. Навикнавме да ги слушаме донаторите и подлегнеме на нивните видувања за нашиот идентитет и потреби. За многумина од нив ромскиот идентитет е сеуште зацементиран од вредностите на средновековниот резон, и понатака не третираат како „други“, неважни за нивниот идентитет и култура, со премолчено правило – непожелни да бидеме нивни соседи или сограѓани. Сето ова значи дека ромската еманципација остана недоискажана вредност, непозната за државните институции, донатори и разно-разни експерти. Патот што го почнаа неколку генерации пред нас остана недовршен и за жал заборавен во нашите дела.

На меѓународен план, односно на ниво на ЕУ, усвоена е нова стратешка рамка за инклузија на Ромите до 2030 година. Новината е што за прв пат Европската Комисија и Парламент усвоија документ кој ќе трае после нивниот мандат. Сето останато е исто – оправданоста, целите, мерките и инструментите за реализација на ЕУ стратегијата се скоро непроменети. Ромите и нивните потреби се адресираат низ призмата на социјална инклузија во која основен постулат е дека сме исклучени од сите општествени текови. Од друга страна кохезивните политики и инструменти на ЕУ се скоро непостоечки затоа што Унијата има многу главоболки со демократските вредности и принципи од страна на неколку членки, преговорите за Брегзит, амбициозниот буџет за следните 7 години и борбата со Ковид-19. Социјалната инклузија како пристап и инструмент на ЕУ е исто така одамна недефиниран и оставен во рацете на членките да го дефинираат и практикуваат според своите интереси и потреби. Тоа значи дека ЕУ нема единствен пристап и механизми за социјално вклучување. Во некоја членка не е важно што сте сиромашни но важно е да ги уживате своите основни човекови права. Во друга мерките за социјално вклучување се фокусирани кон вработувањето, така да доколку во меѓувреме се вработите, претпоставката е дека ќе можете да се справите со останатите потреби и проблеми во вашиот живот. Мојата теза, за која пишував пред 10 години, е дека пристапот и механизмите на социјална инклузија на ЕУ се слаби и недоволни за да се остварат значајни резултати преку ЕУ стратегијата за Ромите. Без политички и економски консензус, социјалната инклузија е празна рамка, да не кажам социјален инжињеринг, која ќе троши многу време, напори и финансии, а притоа ќе нема основни предуслови за промени кај Ромите и гаџованите. ЕУ стратегијата е погрешно фокусирана на состојбите и ситуацијата во ромските населби и гета, затоа што со тој пристап се адресираат секојдневните проблеми, а од друга страна не сакаат да ги идентификуваат причинителите или генераторите за таквите состојби. Со таков пристап, ЕУ ги гледа Ромите како главни носители на одговорноста за својата сиромаштија, необразованост, невработеност, додека скоро да нема фокус кон системскиот дизајн на институциите, законите и манипулативното однесување на политичките/институционалните актери кон ромското прашање.

Неколку години наназад, особено оваа година, ромските организации посочуваат за системските недостатоци на државните институции и нивните политики во однос на реализирањето на политиките и програмите за Роми. Тоа е добар почеток но недоволно да се наведе само како констатација во јавните анализи од страна на граѓанските организации а да нема ефект и промени во однесувањето и одлучувањето на јавните институции. Моја препорака кон граѓанските организации и сите ангажирани околу ромското прашање е час поскоро да ги профилираат своите капацитети и знаења за системско размислување и динамиката на системите, кои се главните влијатели врз нашите животи.

Исто така, неколку години наназад, група на организации вложија многу труд и напори во убедувањето на ЕУ и нејзините членки да внесат мерки во стратешката рамка на ЕУ во однос на институционалниот расизам кон Ромите, сега наречен „антициганизам“. Јас сум многу против овој термин затоа што е против 8-Априлските одлуки од 1971 година, каде што се јасно отфрлени сите погрешни и погрдни имиња за нас, меѓу кои и зборот циган, zigeuner, gipsy, итн. Ако сме се избориле во последните 50 години во сите официјални документи и политики кон нас да се користи терминот Ром, многу погрешно е и збунувачки сега да усвојуваме нов термин за политиките кон нас. Ние сме Роми и јасно кажуваме дека постои специфична форма на расизам и омраза кон нашата популација во светски рамки. Анти-Ромскиот расизам не е ништо ново за гаџованските институции, тој е културен и политички менталитет на гаџованите во нивните идеолошки матрици за супериорност кон одредени заедници. Како што кажав порано, тој остана непроменет од времето на средниот век, додека низ вековите само формата и интензитетот на расизмот и омразата кон нас се менуваше кон полошо или подобро сценарио. Анти-Ромскиот расизам има свој илјада-годишен континуитет, и како што мојот колега Осман Балиќ кажа, неговиот врв го оствари Хитлер и неговите сојузници. Холокаустот целосно успеа да уништи 90% од ромската популација во Европа, а срамот на Европа остана непотврден поради тоа што никого не го интересираа бројот на убиени Роми, ниту пак што се е опљачкано од нас. Затоа предлагам да опстанеме на линијата на ромската еманципација и да не се идентификуваме со ретроградни термини за односот на гаџованите кон нас. Ние треба да го дефинираме анти-Ромскиот расизам во сите негови форми и детали, собираме факти и демонстрираме механизми во битката против расизмот. За жал, оваа година терминот „антициганизам“ влезе во академските кругови и дебати, што според мене е можно да предизвика нова збунетост кај формалните институции и последователно оправдание за немање доволно знаење и капацитети за „нов“ феномен, иако е тој тука многу одамна.

 

НА ДОМАШЕН ПЛАН…    

…прв пат избравме ромски пратеник од редовите на мнозинска партија, во овој случај член на СДСМ. Нашата повеќе-годишна активистка е сега народен пратеник, но не во името на Ромите, туку идеолошки определена на левиот идеолошки спектар. Ромите може да имаат очекувања од нашата пратеничка, согласно нејзината кампања и ветувања, но од друга страна требаше уште тогаш да им биде јасно дека нивните гласови ќе завршат на контото на СДСМ и БЕСА. Дали е добро или погрешно времето ќе каже, а ромската популација во Македонија сигурно ќе извлече нови поуки за демократијата. Досега имавме наши пратеници делегирани од ромска политичка партија, сега имаме Ром како член на мнозинска партија. И во двете опции нема идеално решение, затоа што секоја има свои предности и недостатоци. На крајот на краиштата сето тоа се сведува на знаењето, умешноста, храброста и доблеста на народниот избраник во парламентот, кој треба да процени кога и на која тема да дебатира, предлага, гласа за или против во процесот наречен парламентарна демократија. За овие 30 години на сите ни е јасно дека 1 од 120 гласа е скоро ништо, освен во кризни ситуации за опстанок на тенкото мнозинство на едната или другата влада.

На последните избори сите ромски партии поминаа катастрофално лошо, и тоа беше сосема очекуван исход. Не знам дали им е јасно дека ромската заедница нема потреба од толку многу партии, за кои не е јасно каде припаѓаат идеолошки. Симплифицираната коалиција со СДСМ и ВМРО е знак на политичка незрелост и стремеж за ситно-партиски цели и опстанок. Ова им одговара на големите партии затоа што имаат моќ да ви диктираат правила и однесување врз основа на добиениот број на гласови. Знаеме дека овој број е расцепкан и расштркан по сите можни основи и дека не вредат ама баш ништо сите тие силни ветувања и кампањи во ромските населби. И така, оваа година останавме без министер без ресор, неколку директори и позиции од третиот ешалон. Се надеваме дека ќе се „роди“ нова ромско-фокусирана институција (агенција или директоријат), за која сите одеднаш имаат свои „коњи„ за трка. Кога сме кај трката или натпреварот на внатрешен план (или меѓу нас самите), очигледно е дека има инфлација на групации, тајни договарања со Заев и екипа, вештачко заедништво и отворено непријателство меѓу ромските политичари. Тоа е демократија, дава можности за избор и одлуки…ама сепак е тоа демократија на ромски начин, со ситни, да не кажам ефтини, интереси за вработување на фамилијата и потесниот круг на партиски војници. Би сакал да верувам дека нашите политички партии, мислам ромските, не се виновни за ваквата политичка култура и однесување, оти тоа го прават сите останати. Во нашата рурално рудиментирана демократура партиите се поважни од државата и јавното добро, а ромските партии се мал одраз од политичкото огледало на ова општество. Малите политички играчи имаат мали интереси?! Не сум баш сигурен за ова равенство ама по се изгледа дека е така. Поради тој факт и односот на моќта, буџетот за 2021 година има помалку пари за ромската стратегија. Имало или немало предлог амандмани во расправата на Парламентот е сосем неважно затоа што и така знаеме дека во пракса не се трошат пари за Ромите дури и кога ги има во касите на државата или општините.

2020та година беше виртуелна година во работата на сите сектори. Facebook, Zoom, YouTube, Instagram и други платформи станаа секојдневни алатки за информирање, лобирање, заговарање, решавање, убедување, купување и продавање. Одеднаш сите имаат нешто да споделат, кажат, критикуваат, пофалат, чисто за да бидат во тек со виртуелните трендови. Девет месеци на виртуелен ангажман, состанчење пред комјутерот, да се каже нешто за да се каже, без да се мисли како тоа ќе се одрази во реалноста, и како искажаното/напишаното ќе биде прифатено од другите. Виртуелното опкружување сите не претвори во други личности, затоа што одеднаш стана лесно да бидеш дел од некој состанок, конференција и дебата, да изнесуваш полувистини и непроверени информации од дома. Сета таа домашна слобода и неформалност се префрли во виртуелниот свет, низ малиот прозор на овие платформи ги споделивме нашите приватни делови од нашите домови. Во последно време видов дека неколку платформи воведоа можност да ја маскираш својата локација, односно во позадина да ставиш слика која не е дел од твојот дом или соба. Значи виртуелноста, освен површноста во дебатите донесе и илузија за нас и нашето опкружување. Се сè прашувам како ќе биде после година дена, како и колку ќе ја користиме дигиталната технологија во креирањето на нови лаги и илузии, или колку (и дали) новите технологии ќе го подобрат животот на луѓето. За технологијата не важи насловот на овој текст затоа што таа веќе се претвори во неконтролиран феномен на ова време.

Блатантен пример за погрешно користење на дигиталната технологија е нашиот образовен систем. Нашите учители и професори, заедно со учениците и нивните родители се третираат за експериментални суштества. Маратонските реформи диригирани од политиката и незнаењето (на кои не им се гледа крајот) се покажаа катастрофално погрешни под тестот на Ковид-19. Одговорните министри беа повеќе заинтересирани за изборите отколку навремено одлучување и спремање на школите за настава во услови на пандемија. Сега веќе, ионака лошиот квалитет на настава пред пандемијата, е јасно дека образованието на децата е најголемата штета, која ќе има неизмерливи последици за иднината на нашето општество. Исклучените деца поради сиромаштија и предрасуди се повеќе исклучени од пристапот кон основните знаења, за социјализација и дружење нема никакви шанси, додека децата на богатите политичари и разни професии, штрајкуваат за физичка настава во средните училишта ама без државна матура. Јадните учители и наставници подлегнуваат под притисокот на политиката и богатите родители затоа што мора да го наградуваат незнаењето и непослушноста со одлични оценки. Тоа беше така во време на социјализмот, во кое децата на комунистичката партија не смееа да повторуваат или добиваат слаби оценки. Ефектот на тоа клиентелистичко миље се денешните политичари и бирократи, кои ни ја водат државата во овие 30 години на демократура. Образовниот систем продолжи да произведува преквалификувани дипломи во кои нема знаење и вештини. Тоа се оценки за некое привремено и привидно знаење на ученикот/студентот кое понатаму е доказ за способноста и подобноста на дипломираниот во неговата кариера. Јас имам еден куп другари од основно и средно кои беа малтене „билмези“ но никако не беа на дополнително полагање или повторување на годината. Уште пожалосно, сите тие се вработија во Макпетрол, ЕВН, пошта, полиција, државна и општинска администрација, некои од нив отворија приватни фирми за кои воопшто не учеле ама ете имале врски и протекција поради нивните родители.

Светската статистика евидентира дека над 1.2 милијарди деца се вон образованието поради пандемијата. Кај нас нема ваква евиденција поради хаосот и неспособноста на системот. Ромските НВОи побрзаа да даваат бесплатни таблети, интернет картички за да колку-толку ги задржат ромските деца во настава. Како и секогаш кога „гори“, тука се нашите граѓански организации и странските донатори, и секако убедувањето дека ако ние не помогнеме државата ниту школскиот систем не може да помогне поради празната каса. Секогаш пари за Роми нема во државната каса!!! А наставата е приказна за себе, со скратено време, со давање кратки лекции и брзо поминување низ учебниот материјал, децата треба да бидат супер-паметни за да ги совладаат задачите и четивото. Ромските деца повторно ќе треба да се редовни на виртуелните часови, да бидат послушни за да добијат двојка…

… и така во пресрет на 2021 година, ќе треба длабоко да размислиме како ќе продолжиме и влеземе во третата деценија на овој милениум – дали со (не)прифаќање на наметнатите промени на пандемијата или со креативни решенија и прилагодување кон реалноста на светот. Сите со нетрпение чекаме да се збогуваме со 2020 година со надеж дека 2021 ќе биде подобра и посреќна. За подобра иднина треба да се одработи додека среќата треба да ја најдеме во самите нас, како индивидуи, заедница, семејство или пријатели.

Декември 2020

https://4rrr.wordpress.com/2020/12/18/%d0%b7%d0%b1%d0%be%d0%b3%d1%83%d0%bc-2020/

Колумна Надир Реџепи


Bašo Amenge


Grupa taro terne Roma intelektualcija, novinarija, web dizajnerija, tehničarija, montažerija thaj javer personali savo so isilen baro iskustvo ki piri buti rodingje te keren nesto nevo ko mediumsko internet than ki Makedonija. Palo beshiba ko sostanok taro timi taro 24vakti.mk angjape decija kaj ko akava momenti falinela jek romano web tv portali savo ka nudinel pravilno, kvalitetno, informacija baši o Roma. Adaleske formiringape o www.24vakti.mk  ko adava sostanok čivgjem akala celija thaj pričine soske te formirina o jekutno romano web tv portali 24vakti.mk

24Vakti © Copyright 2015 – 2019, Sa o nijamija si protektirime