Протест- Ромската заедница против неправедни судски пресуди
Во организација на Ромалитико, денес се одржа организиран протестен марш кон Основниот Кривичен суд, каде што ромската заедница, го искажува својот длабок револт и протест против судскиот систем и одлуките на судската власт за предметите водени кон ромската заедница во целина.
Ромите забележуваат голем контраст во тежината на правдата што им е доделена од страна на целата судска феља и судскиот систем во државата. Овој револт е посебно потикнат од последната пресуда од надлежната судијка за изречената казна од 2 години и 3 месеци за усмртување на 10 годишно дете. Ваквите пресуди во коишто сторителите добиваат минимални казни, а има човечки жртви, дополнително ја потврдуваат недовербата на граѓаните во правосудниот систем во државата.
Овој случај ги потврдува забелешките за владеењето на правото во целина, селективната правда и ниската доверба на јавноста во судскиот систем.
Решението за состојбата во која што се наоѓа ромската заедница мора да се бара и во одговорноста на една од трите независни власти во државата – СУДСКАТА ВЛАСТ. “Аршините” за казна се максималистички а за праведност, минимални и (не)праведни . Сето тоа создава несигурност кај ромската заедница“, сметаат од Ромалитико.
-Го подржувам и го разбирам револтот и барањето на граѓаните. Свесен сум дека истите вклучуваат и низа барања кон судската власт. Оваа пракса треба под итно да се смени и после овој протест од граѓаните и јавноста – треба да подразмислат и 10 пати да мерат пред да пресудат, особено во сензитивни случаеви во кој што директно се влијае врз животот, достоинството и сигурноста на граѓаните и заедницата, вели Елвис Мемети советник во КПВРСМ.
Со организираниот протестен марш, ромската заедница, а во овој случај и семејството незадоволно од одлуката на судијката, се бара:
Целосна правна разрешница за случајот со семејството Асановски
Пристап до правда и правични пресуди за ромската заедница во сите судски случаеви .
Анализа на решенијата од предметите од времето на режимот па натаму за сеопфатна правна анализа и слика за состојбата со пресудите и затворските казни.
Активно учество на ромската заедница во реформите во судската власт ( Ром, правник / судија во Судскиот совет и Роми во судската администрација).
Протестот го подржаа преставници на граѓанскиот сектор, активисти, политички преставници, Аваја и сите незадоволни граѓани од работата на судските органи.