Уште еден обид за решавање на проблемите на Ромите во Битола
Ромите не се задоволни од сегашните состојби
Три важни точки беа предмет на денешната прес конференција одржана од партијата Демократски сили на Ромите и тоа: минатогодишниот попис на население, општествено политичката и економска состојба на Ромите и претстојниот протест на опозицијата, каде што ДСР е коалиционен партнер.
Во однос на минатогодишниот попис, ДСР изрази големо незадоволство од добиените резултати, затоа што на претходниот попис бројот на Роми во проценти изнесуваше 2,66 %, а на минатата година беа преброени помалку Роми или 2,34% од по пишаното население. Оваа бројка не одговара на податоците со кои располага граѓанскиот сектор и политичките партии чии што податоци кажуваат дека бројот на Роми е многу поголем од таа што е дадена од пописот. Тоа значи дека во Македонија кај Ромите нема наталитет, туку има само морталитет, истакна претседателот на ДСР г-динот Шабан Салиу, со надеж дека откако ќе се смени власта ќе се спроведе нов и пореален попис на населението.
Понатаму стана збор за општествено политичката и економска состојба на Ромите. Државата ја зголеми минималната плата, а од друга страна пак ја зголеми потрошувачката кошница. Сето тоа придонесе голем број на население, а особено Ромите, да се најдат во многу тешка состојба. До ова свој придонес даде и исклучително слабата партиципација на ромските политички партии во процесите на одлучување и делување. „Уште еднаш потсетуваме дека нашата партија значително придонесува со своето гласачко тело во сите 6 изборни единици и тоа со 3.000 до 5.000 гласа. ДСР поддржува една изборна единица затоа што сме убедени дека на тој начин ќе се добијат најмалку 2 пратеника од ромски политички партии со што би се зголемил и нивниот легитимитет“, рече Салиу.
Ние нашето незадоволство од досегашните политички и економски шокови ќе го искажеме и на протестот кој ќе се одржи во сабота и воедно даваме целосна поддршка на нашиот коалиционен партнер ВМРО ДПМНЕ, истакна господинот Салиу и воедно ги повика сите граѓани на Република Македонија, сите Роми и своите сопартијци, масовно да излезат во сабота пред владата и да го искажат своето незадоволство од целокупната економска и политичка состојба во земјава.