Шекеринска назначена за втор човек на НАТО

Радмила Шекеринска е следниот заменик генерален секретар на НАТО. Таа е првата жена и функционер од Западен Балкан што ќе ја извршува оваа висока позиција во најмоќниот воено-политички сојуз во светот. Поранешната министерка за одбрана имаше клучна улога во пристапувањето на земјава во Алијансата во 2020 година.

„Ќе ми биде привилегија да служам како заменик генерален секретар на НАТО под раководство на генералниот секретар на НАТО. Посветена сум на работата со сите сојузници кон уште посилна и побезбедна Алијанса“, порача Шекеринска.

На функцијата ја назначи првиот човек на НАТО, Марк Руте, а веста беше објавена на официјалниот сајт на Алијансата.

„Среќен сум што можам да го објавам именувањето на Радмила Шекеринска за следен заменик генерален секретар. Таа искрено верува во НАТО, ја знае работата што е потребна за да се приклучи на Алијансата и што значи да се биде полноправна членка. Со нетрпение очекувам да работам со неа додека ја презема оваа витална улога“, објави Марк Руте, генерален секретар на НАТО.

Честитки до Шекеринска упатија и нејзините сопартијци. Лидерот на СДСМ, Венко Филипче на Фејсбук напиша дека таа е вистинскиот избор за втор човек на НАТО и дека успешно ќе се носи со најголемите предизвици кои и претстојат.

„Ова назначување е доказ дека нејзиниот труд и професионалност се ценети на глобално ниво. Преку нејзиниот успех, Северна Македонија уште еднаш ја потврдува својата вредност и капацитет да биде дел од најзначајните меѓународни процеси. Ние сме рамноправна членка на НАТО која има што да понуди за глобалната безбедност и стабилност“, напиша Венко Филипче, претседател на СДСМ, на Фејсбук.

Поранешниот лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски порача дека нејзиното назначување е голема одговорност, но и успех и признание за неа, како и потврда за улогата која земјава ја има во Алијансата. Екс министерот и пратеник на СДСМ, Оливер Спасовски напиша дека новата функција на Шекеринска е значајна победа и со тоа се потврдува важноста и растечката улога на земјава во меѓународната безбедносна архитектура.

Новата функција Шекеринска ќе почне да ја извршува до крајот на годинава и ќе го замени вршителот на должноста заменик-генералниот секретар на НАТО, Борис Руге.

Related post