Што ја чека Македонија до крајот од патот за Светско првенство?
Добри се впечатоците од гостувањето во Вадуз. Македонија победи убедливо, дебитираа новајлиите Миовски и Ракип кои може да дадат нов тон во играта. Што ги чека фудбалерите до крајот на квалификациите?
Со триумфот 0-4 кај Лихтенштајн, Македонија на најдобар можен начин го искористи очекуваниот пораз на Романија во Германија (Романците први поведоа на стартот со гол на Јанис Хаџи, Германците направија пресврт 2-1) и во добро расположение се чека светската сила во понеделник во Скопје.
Во моментов Македонија е втора на табела и тоа е најважно. Имаме 12 бода колку што има и Ерменија но подобра гол разлика.
И во случај да не извлечеме макар бод со „панцерите“ кои во Скопје доаѓаат во полн состав, ни остануваат големи шанси на крај на квалификациите да бидеме на второ место кое води во баражот за Светско 2022.
На 11 октоври во понеделник, во 8. коло од групата Ј, Македонија ја чека Германија, Романија ќе игра против Ерменија а Исланд со Лихтенштајн. Тука најмногу би ни одговорало реми во Букурешт.