Kандидатите за претседател расположени за мастер дебата, останува да се договорат техничките аспекти

Дел од кандидатите имале свои услови, од дебатата да се изземат некои од нивните ривали, пред се Стевчо Јакимовски бидејќи е на „црната листа“ на САД и Билјана Ванковска поради нејзините наративи, но од штабот на Пендаровски велат дека тоа не е можно

Изборните штабови на шестмината претседателски кандидати одговориле позитивно на иницијативата на претседателскиот кандидат на СДСМ Стево Пендаровски, да се одржи мастер дебата на која сите претенденти за шеф на државата ќе имаат можност да ја претстават својата програма и својот концепт за тоа како ќе ја водат државата доколку победат, брифираат од изборниот штаб на Пендаровски.

Дел од кандидатите имале свои услови, од дебатата да се изземат некои од нивните ривали, пред се Стевчо Јакимовски бидејќи е на „црната листа“ на САД и Билјана Ванковска поради нејзините наративи, но од штабот на Пендаровски велат дека тоа не е можно.

„Државната изборна комисија потврди дека има седум кандидати за претседател на државата и за нас не постојат спорни кандидати. Го почитуваме гласачкото тело на сите кандидати и кога некој претендира да стане претседател на државата треба да го има предвид фактот дека тој е претседател на сите граѓани. Нашата идеја е дебатата да се одржи со сите седум кандидати и добро е што имаме позитивен одговор од сите штабови. Не можеме да кажеме финално дека ќе има дебата бидејќи во следниот период штабовите ќе треба да ги договорат техничките аспекти. Организацијата и трошоците за мастер дебатата ќе бидат заеднички“,

посочија од изборниот штаб на Пендаровски на денешниот брифинг со новинарите.

Оттаму додаваат дека најверојатно ќе има само една мастер дебата, бидејќи времето не дозволува да се одржат две и таа би се реализирала на почетокот од кампањата, односно, планот е таа да се одржи до 10 април.

Related post