Арсовска: Доаѓа време за брзи решенија на старите проблеми

Неработниците што само ветуваа, заминуваат. Доаѓа време за брзи решенија на старите проблеми, порача Данела Арсовска, независната кандидатка за градоначалник на Скопје, на вечерашната средба со граѓаните на Шуто Оризари.

Пред насобраните жители, Арсовска се обврза дека од првиот ден како градоначалник ќе даде налог да се утврдат сите проблеми, слабости и недостатоци и за нив да дадат решенија.

– Канализација, вода, асфалт, автобуски превоз и игралишта за најмладите мора да има секое населено место во и околу Скопје. За тоа нема компромис. Во Шуто Оризари има суштински проблеми од 20-тиот па дури и од 19-тиот век, кои одамна требаше да бидат зад нас, истакна Арсовска.

Дополни дека во програма има конкретни проекти, кои се брзи и сигурни решенија за старите проблеми на Шуто Оризари.

-Ќе се посветиме на проширување на Македонско-косовска бригада од Чаир кон Шуто Оризари. Ќе обезбедиме побрзо и побезбедно патување од и до Шуто оризари, Чаир и Бутел. Проширување и продолжување на булевар Словенија до Ѓорче Петров, е исто така еден од приоритетите. Од Шуто Оризари, повторно ќе покажеме дека Скопје се грижи за сите свои граѓани. Дека никој не е заборавен. Се обврзуваме да најдеме инвеститор за базен во Шуто Оризари. Градот ќе изработи проект за изнаоѓање партнери за изградба на базен и во овој дел на Скопје, потенцираше Арсовска.

Арсовска, исто така, рече дека е предвидено зголемување и проширување на субвенциите и помошта за поставување енергетски ефикасни фасади, печки на пелети, соларни и фотоволтаични панели, инвертер клими и топлински пумпи за индивидуалните и колективни домаќинства.

Related post