Битиќи: Јавно здравство без партиципација и повисоки плати за медицинските лица

„Срцето и душата на државата лежи во здравјето на нашите граѓани, а должноста на една социјалдемократска власт е да се погрижи тоа да биде негувано и заштитено.  Ова бара квалитетен здравствен систем достапен за сите, каде инвестициите во современа медицинска опрема и болници, добро обучениот медицински персонал и конкурентните плати не се луксуз.  Ние сето ова го разбираме како израз на посветеност и грижа за достоинството на секој наш граѓанин“, изјави Фатмир Битиќи, коносител на листа на кандидати за пратеници од Изборна единица 2 на Коалицијата за европска иднина, на денешната прес-конференција која се одржа во Шуто Оризари, Скопје.

Во изјавата тој потсети дека СДСМ  рекордно да ги зголеми платите на медицинскиот персонал, односно платите на медицинските сестри се зголемија за над 20%, кај општите лекари ова зголемување изнесува 25%, специјалистите заработуваат за 40% повеќе.

„Ги зголемивме коефициентите за дежурствата за 15%, а за првпат обезбедивме исплата на плати за приватни специјализанти во висина на просечната плата која ја заработуваат општите лекари“, рече Битиќи.

Зборувајќи за предизборната „Програма за европска иднина“ на СДСМ, тој најави дека во наредните четири години ќе продолжи зголемувањето на платите за медицинските лица во јавното здравство.

„Докторите специјалисти ќе имаат плати од 140.000 до 180.000 денари, општите доктори месечно ќе заработуваат плата до 120.000 денари, а медицинските сестри од 60.000 до 90.000 денари.  Нема импровизации и компромиси со здравјето на граѓаните и затоа тие кои се грижат за нив ќе бидат достоинствено наградени“, рече Битиќи и порача дека „ќе си ги вратиме лекарите од странство“.

Потпретседателот на СДСМ и коносител  на листата на кандидати за пратеници во ИЕ2, најави инвестирање и во идните генерации на лекари.

 

„Ќе  ги удвоиме квотите на медицинските, стоматолошките и фармацевтските факултети во државата. За 100% ќе ја зголемиме годишната продукција на медицински кадар. Сите студенти ќе бидат ослободени од трошоците, наместо родителите, нив ќе ги подмирува Владата. Ќе го изедначиме  статусот на специјализантите меѓу „државните и приватните“ специјализанти, а секој од нив ќе добива почетен месечен надоместок од 60.000 денари. За секој специјализант ќе се креира работно место во здравствената мрежа, со фокус на приоритетните медицински области и градови во државата и до 2028 година ќе добиеме 1.000 нови специјализанти“, истакна Битиќи.

Тој најави инвестиции во медицинската инфраструктура и опрема.

„Ќе работиме на модернизација и регионализација на онколошките центри во државата (Скопје, Битола, Штип, Тетово, Куманово) за пациентите со малигни заболувања полесно да  добиваат модерна терапија поблиску до своите домови“, рече Битиќи.

Потпретседателот на партијата најави дека во следниот мандат на Владата предводена од СДСМ ќе се укине партиципацијата во јавното здравство.

„Јавното здравство ќе биде бесплатно за сите осигуреници, нема да има плаќање на партиципација. Но бесплатното јавно здравство нема да предизвика дополнителни трошоци, придонесите за здравствено осигурување нема да ги зголемиме – тие ќе останат најниски во регионот, на ниво од 7,2%“, рече Битиќи.

Тој нагласи дека промените се потребни, но тие ќе се направат низ јавна дебата, преку која ќе се понуди систем за дефинирање на пакет на здравствени услуги, со соодветно ниво на квалитет и временски период, за кои придонесите ќе се корегирааат во релација со пакетите на здравствена заштита.

„Знаеме дека не постојат брзи решенија, но заедно со мнозинството граѓани уверени сме дека членството во Европската унија останува единствен начин за суштински и трајни позитивни промени во здравството. Затоа СДСМ не се откажува од иднината“, порача Битиќи од Шуто Оризари.

Related post