Во меѓувреме двете коалиции од албанскиот блок – „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ и на опозициските партии на Албанците, „Вреди“, продолжуваат со меѓусебните препукувања во врска со закажаните завршни митинзи в понеделник во ист термин на плоштадот „Илирија“ во Тетово
Дали и кој претседателски кандидат ќе го поддржат во вториот круг од изборите за шеф на државата, партиите од албанскиот политички блок ќе одлучуваат наредните денови.
Во вториот круг од претседателските избори, кои ќе се одржат заедно со парламентарните за точно една недела од сега – на 8 мај, за глас повеќе ќе се борат Гордана Силјановска-Давкова, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, и актуелниот шеф на државата и кандидат за втор мандат на функцијата Стево Пендарвоски, која ја има поддршката на СДСМ. Во вториот круг Силјановска-Давкова влегува со голема предност, откако во првиот круг освои двојно повеќе гласови од нејзиниот противкандидат.
Инаку, за избор на претседател во вториот круг потребен е цензус, односно на нив треба да излезат и да гласаат најмалку 40 отсто од граѓаните запишани во единствениот избирачки список.
Од коалицијата на опозициските партии на Албанците „Вреди“, велат дека одлуката за тоа дали и кого ќе поддржат во вториот круг ќе ја носат на лидерско ниво, односно за ова прашање ќе одлучуваат лидерите на четирите партии кои ја сочинуваат оваа коалиција.
Лидерот на „Демократското движење“, Изет Меџити, кој е дел од оваа коалиција денеска одговарајќи на новинарско прашање рече дека дека до нив досега не стигнало барање од ВМРО-ДПМНЕ за поддршка на нивниот кандидат, Гордана Силјановска-Давкова.
„Сега за сега немаат побарано таква поддршка, Но за волја на вистината, голема е разликата во гласовите. Повеќе е формален вториот круг. Деновиве ние, лидерите на ‘Влен’ (‘Вреди’), ќе седнеме и ќе донесеме одлука“,
изјави Меџити.
Одлука во врска со ова прашање допрва ќе носи и Демократската унија за интеграција (ДУИ), чиј кандидат за претседател на државата, актуелниот министер за надворешни работи, Бујар Османи, во првиот круг на 24 април, освои 121 088 гласови.
Во меѓувреме двете коалиции од албанскиот блок – „Европскиот фронт“, предводен од ДУИ, и на опозициските партии на Албанците, „Вреди“ продолжуваат со меѓусебните препукувања во врска со закажаните завршни митинзи в понеделник во ист термин на плоштадот „Илирија“ во Тетово.
Од ДУИ денеска порачаа дека немаат намера да се откажат од местото на одржување на митингот и тврдат дека први поднеле барање и добиле одобрение од Министерството за внатрешни работи.
Од опозициската „Вреди“, пак, тврдат дека тие први добиле дозвола за оджрување на завршниот митинг во Тетово уште пред десет дена. И оти уште тогаш побарале одобрение од МВР.
Конечниот став дали ќе му го отстапат тетовскиот плоштад на „Европскиот фронт“, од „Вреди“ велат дека ќе соопштат наредните денови. Од коалицијата на опозициските партии на Албанците велат дека нема да потпаднат под провокациите на ДУИ, кои, според нив, по секоја цена сакаат да предизвикаат инциденти, со цел да ја дефокусираат јавноста од губењето гласови и од коруптивните зделки.