Европски фронт: Без ветинг нема ефикасна борбата против криминалот и корупцијата

Ветинг на сите политички функционери – ова е една од заложбите во изборната програма „Европа 2030“ на коалицијата „Европски фронт“, предводена од ДУИ.

Оттаму на прес-конференција посочија дека без да се направат проверки, особено во судството, е невозможно да се постигне ефикасност во борбата против криминалот и корупцијата. Европскиот фронт смета дека владеењето на правото и правната држава гарантираат еднаква лојалност и одговорност за секој граѓанин и политичар пред законот.

Бескомпромисна борба против организираниот криминал и корупцијата

Од Европски фронт уверуваат дека борбата против организираниот криминал и корупцијата ќе продолжи да биде бескомпромисна и со нулта толеранција, со проверки што ќе се прават во законодавната, извршната и во судската власт, обвинителството и секоја друга функција на централно и локално ниво за именувани и избрани лица.

Од Европскиот фронт сметаат дека ветингот ќе овозможи поголема транспарентност на богатството на кандидатите кои сакаат да преземаат јавна одговорност и начинот на стекнување на нивниот имот. Велат и дека објективното следење ќе биде поттик на челните позиции да седнат луѓе со капацитет и интегритет, кои ќе работат за просперитет на општеството.

Спас од „белата чума“ е влез во ЕУ 

Од Европскиот фронт велат дека се убедени во победата на 8-ми мај, по што ќе го продолжеле патот до полноправно членство во европското семејство. Посочуваат дека спасот од белата чума, иселувањето, особено на младите е токму во влезот во Унијата. Според нив, сега е историскиот момент за градење на иднината на државата, зајакнување на демократијата, мирот и стабилноста, но и решавање на сите проблеми со соседите.

Од Европски фронт се со став дека завршниот митинг ќе го одржат во Тетово и немаат намера да го поместат, откако и опозициската „Вреди“ закажа собир во исто време и на исто место. Од Европскиот фронт велат дека тие први го најавиле настанот, па ја повикаа албанската опозиција да избере друг ден или место. Коалицијата сè уште нема донесено одлука кој претседателски кандидат би го поддржала во вториот круг.

Карванот на Европскиот фронт беше присутен и во општините Бутел, Шуто Оризари и во Чаир, каде пред присутните ја претставија изборната програма.

Related post